Достапни линкови

Политичка некултура, демагогија и популизам води кон радикализам


Собраниска седница

Граѓани и гласачи поподложни на демагогија отколку на разумни аргуметни ќе биде последицата од ниските навреди кои си ги упатуваат меѓусебно политичарите, прогнозира Марко Трошановски од Институтот за демократија. Навредите беа особено видливи неделава, поврзани со собраниското гласање.

Талат Џафери, претседател на Собрание до опозицијата

„Три месеци ме тупите“

Бисера Костадиновска Стојчевска, пратеничка од СДСМ до оние што ја критикуваа што дошла да гласа позитивна на коронавирусот облечена во скафандер

„Ботови партиски“

Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ за Костадиновска Стојчевска, пратеничката која гласаше во скафандер

"Сељанка донесена со брза помош"

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ за претседателот Стево Пендаровски

„Бекна и потпиша сѐ што му нареди стопанот“

Овие четири цитати се искажани од македонски политичари во последниве три дена, а поврзано со двете собраниски седници на кои се изгласаа неколку закони меѓу кои и пакетот помош за стопанството погодено од коронакризата.

Говорот на политичарите се пресликува и кај граѓаните

Од кога политичарите жестоко се пречкаа за тоа дали да се стави на дневен ред 32 или 36 седница, пратеници од владејачката коалиција дојдоа во Собранието со скафандери и изолирани во одделни кабини гласаа за предложените точки.

Опозицијата реагираше жестоко, меѓу другото другото и со пораките за кривичен прогон, одговарање и казни за власта кога ќе си заминела.

Сето ова, жестоките меѓусебни реплики на политичарите се пренесоа и на социјалните мрежи меѓу граѓаните.

"Мифка“, „бројлер“, „племето предавничко“, „болен у главата“,„цврцулче, манипуланту, гнидичко, ќутиш ко говедо“се само неколку од коментарите на социјалните мрежи кои може да се најдат под ставовите на политичарите.

Што е постаро - јајцето или кокошката?

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија, немањето на политички дијалог со декади предизвикува вулгаризирање на дебатата. Тој додава дека кога нема консензус и усогласување за добрите политики, а кога се игнорираат аргументираните забелешки останува радикализацијата на јавниот дискурс.

„Одговорноста на политичките елити е огромна и треба да се свесни. Ова што се случува на ниво на изјави на функционери и политичари ги разбуричкува кај луѓето фрустрациите кои и онака ги имаат и создава граѓани и гласачи кои ќе бидат многу поподложни на демагогија, на радикализирачка реторика итн, отколку на разумни аргуметни“, вели Трошановски.

Политичкиот аналитичар Џељаљ Незири, пак, отвора дилема слична на познатата метафора што е постаро- јајцето или кокошката. Тој за разлика од Трошановски ,кој смета дека политичарите влијаат врз граѓаните, вели дека вокабуларот на политичарите е преземен од социјалните мрежи. Незири вели дека така политичарите прават обид да им се доближат на помладите, кои веќе се обраќаат меѓусебно со слични зборови.

„Тоа е под влијание на социјалните мрежи, но мислам дека зад овој начин на комуникација се крие тенденција на популизам кај скоро сите политички партии, популизам кој има цел да ја одврати јавноста од содржината и да ја фокусира само на формата“, вели Незири.

Традиција на навреди и закани

Но, ваквиот вокабулар не е од денес, тој е многу постар. Жесток во обраќањата кон политичките противници, употребувајќи и закани беше и сегашниот азилант во Унгарија, поранешниот премиер Никола Груевски.

На пример во еден од говорите тој обраќајќи се до своите политички противници од тогаш опозициската СДСМ настапи и со закани, а луѓето кои протестираа тогаш ги нарече револуционери за дебели пари.

„Народот врие и дека во еден момент може да му дојде преку глава и да влеземе во нова фаза, која нема да е добра за земјата, а најмалку за оние кои глумат некакви револуционери за дебели пари и за туѓи интереси“, рече Груевски во 2016 година.

Една од изјавите која предизвика сериозни реакции на Зоран Заев како премиер беше поврзана со случајот „Рекет“. Тој во 2019 година одговорајќи на прашања рече дека нема да дозволел „неколку криминалци, еден суетен новинар и да ми извини ЛГБТ заедницата, еден педер, да ја симнат оваа Влада од власт“. И по неа следуваа силни реакции и осуди, а изјавата беше толкувана како скандалозната, недолична , хомофобична, непримерна.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG