Достапни линкови

Нема волја за реформи, а без европска перспектива уште помалку


Илустрација
Илустрација

Уште едно вето и одложување на процесот ќе ја сроза и онака малата посветеност на автентични реформски процеси. Кога сте соочени со вето, многу е тешко да ја одржите мотивацијата за реформи, велат аналитичарите.

Продолжувањето на бугарското вето за почеток на преговори на Македонија сo ЕУ целосно ќе ја уништи и онака слабата волја за продолжување на реформскиот процес, велат аналитичарите со кои разговаравме.

Партијата „Има таков народ“ излезе од владината коалиција во Бугарија, а лидерот Слави Трифонов рече дека причината е што премиерот Кирил Петков сакал да го подигне ветото за почеток на преговори на Македонија со ЕУ. Петков негираше и соопшти дека е подготвен да води малцинска влада, со оглед на тоа што неговата коалиција, по излегувањето на „Има таков народ“, веќе нема мнозинство во Парламентот. Министрите од „Има таков народ“, меѓу кои и шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска, најавија оставки.

Петков рече дека нема да дозволи Бугарија повторно да биде вовлечена во изборна спирала. Во 2021 година, во Бугарија трипати се одржаа парламентарни избори бидејќи никој немаше мнозинство да формира влада, па немаше со кого да се преговара за укинување на бугарското вето.

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски вели дека има мали шанси за повлекување на бугарското вето до Самитот на 23 јуни. Надеж единствено дава зголемениот интерес за прашањето од страна на високи американски претставници, како и личниот ангажман на францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц. Почеток на преговори ќе значи и стимул за спроведување на реформите, вели Наумовски во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела.

„Доколку сте соочени со вето, многу е тешко е да ја одржите мотивацијата и кај власта и кај сите останати општествени фактори за европеизација на сите општествени процеси, затоа што онаа добро позната политика на условување од страна на Европската унија не функционира“, вели тој.

Политичкиот аналитичар Марко Трошановски вели дека веќе со години нема волја за реформи како цел сама за себе, туку се најавуваат само поради желбата за членство во ЕУ, но во голем дел не се спроведуваат.

„Уште едно вето и одложување на процесот мислам дека ќе ја сроза и онака малата посветеност на автентични реформски процеси коишто стагнираат подолго време. Кредибилитетот на Унијата ќе продолжи да се урива, кој и онака е исклучително низок, и во таа смисла партиите повеќе ќе се фокусираат да мобилизираат поддршка преку популизам и стандардни и проверени клиентелистички шеми, отколку преку автентични реформи“, вели Трошановски.

Бугарија го блокира почетокот на преговори на Македонија со ЕУ со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека ние нашата работа ја имаме завршено и оти граѓаните не можат да бидат заложници на исчекувања на датуми на секој нов Самит на ЕУ. Тој рече дека сега ЕУ треба да го исполни своето ветување.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG