Достапни линкови

Вести

Инспекторат: Мерките за заштита на здравствените лица главно се почитуваат

Илустрација

Дражавниот санитарен и здравствен инспоекторат (ДЗСИ), во периодот од 2 до 5 април, спроведе 66 вонредни инспекциски надзори во здравствените институции низ целата држава, при што констатира дека воглавно се почитуваат мерките од областа на преземање на лична здравствена заштита на здравствените работници, информира директорката на ДЗСИ, Иринка Сотирова.

Таа на денешната прес-конференција во Владата најави дека ДЗСИ ќе продолжи со интензивните контроли и со санкционирање на непочитување на мерките од страна на здравствените работници кои не се придржуваат до протоколите за работа.

види ги сите денешни вести

Завршни зборови на Фетаи за „Монструм“: Ништо помалку од доживотен затвор

Архивска фотографија од едно од минатите рочишта за случајот „Монструм“ - Обвинителите Фатиме фетаи и Гаврил Бубевски

Обвинителката Фатиме Фетаи, која го застапува случајот „Монструм” за петкратното убиство кај Смилковско езеро, денеска во завршните зборови му докажуваше на судот дека возилото „опел омега” било употребено за транспорт при извршување на петкратното убиството на Смилковското Езеро. Таа посочи дека возилото не било на МВР, како што тврдеше еден од сведоците во постапката. Обвинителката докажуваше и дека телата на убиените не биле донесени на Смилковското Езеро, како што беше тврдено во текот на постапката и јавноста.

„Се лиферуваа информации дека младите момчиња биле во блиски контакти со ќерката на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, па затоа се случил настанот“, рече Фетаи, која образложи дека „немало индиции, ниту се докажало дека убините се познавале со неа, ниту дека имале контакти, а најмалку дека поради тоа се лишени од живот“.

„Вишок е само тоа дека „на свиреп и подмолен начин“ било извршено убиство. Да се разбереме, овој чин не заслужува ништо помалку од доживотен затвор“, рече Фетаи во завршните зборови.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, обвинети се Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство во Косово и досега не се екстрадирани. Во претходното судење петмината беа осудени на доживотен затвор, но Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата, а случајот „Монструм“ потоа го презеде СЈО и судењето почна од почеток. Кај Смилковското Езеро настрадаа четирите момчиња Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Назначувањето на Бајден беше следено во цел свет, освен во Туркменистан

Илустрација - Фотографија од туркменистанскиот претседател Гурбангули Бердимухамедов и неговиот внук Керим на планинска прошетка, објавена на еден од официјалните државни интернет сајтови

Инаугурацијата на американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон беше следена во земјите низ целиот свет. Но, и не во Туркменистан. Државните медиуми и веб-страниците за вести кои се нарекуваат полуофицијални, во строго контролираната централноазиска држава не спомнаа ништо за вчерашниот настан во Вашингтон, јавуваат дописниците на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Оваа тишина е спротивна на претходните изјави на авторитарниот претседател на Туркмнистан, Гурбангули Бердимухамедов, за 46-от претседател на Соединетите американски држави.

Бердимухамедов на крајот на ноември му испрати писмо на Бајден со кое му ја честиташе изборната победа, велејќи дека тој е „убеден дека пријателството, меѓусебното разбирање и заинтересираното партнерство меѓу Туркменистан и САД ќе продолжат да се зајакнуваат во корист на народите обете земји “.

Владините критичари и групите за човекови права велат дека владата на Бердимухамедов ги потиснала медиумите и неистомислениците и направила измени во ограничувањата, откако тој дојде на власт по смртта на автократот Сапармурат Нијазов во 2006 година.

Мицкоски: Поддршка од Јанша за Македонија и за ВМРО-ДПМНЕ

Александар Николоски, Христијан Мицкоски и Јанез Јанша на средба во Љубљана, јануари 2021

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека на средбата со словенечкиот премиер Јанез Јанша била потенцирана недвосмислената поддршка која Македонија ја доби од Словенија во рамките на евроинтегративниот процес и недвосмислената поддршка за ВМРО-ДПМНЕ.

„Заклучивме дека во периодот кој следи уште повеќе ќе ги надополниме и интезивираме врските помеѓу двете сестрински партии ВМРО-ДПМНЕ и Словенечката Демократска Странка“, изјави Мицкоски по средбата со Јанша на која го придружуваше потпретседателот на партијата, Александар Николоски.

На средбата, како што истакна лидерот на опозициската партија, било разговарано за актуелните случувања во нашата земја со главен фокус на корупцијата и невладеењето на правото.

Според информациите од ВМРО-ДПМНЕ, оваа среба била дел од мини-дипломатска турнеја на која Мицкоски лобира за Македонија и во чии рамки завчера се сретна и со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Обвинение за лицата кои во автобус на ЈСП се закануваа со ставање патници во киселина

Илустрација - Автобус на ЈСП Скопје

Скопското обвинителство денеска информираше дека поднело обвинение за двајцата насилници кои пред десетина дена во автобус на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) се закануваа дека ќе стават патници во киселина. Според обвинението, тие се товарат дека на 5 ноември 2020 година, околу 17.30 часот, во автобус „7“ на ЈСП, грубо ги навредиле и ја загрозиле сигурноста на возачот и на патниците во автобусот. Обвинети се за насилство.

„Обвинетите влегле во автобусот кај автобуската станица Рекорд без да носат заштитни маски, на што реагирале патниците предупредувајќи ги да носат заштита опрема. Тогаш обвинетите започнале грубо да ги навредуваат патниците и да ја загрозуваат нивната сигурност, велејќи им дека ќе ги убијат и ќе ги стават во киселина. Потоа му се обратиле и на возачот на автобусот со барање да запре и да ја отвори вратата за да излезат пред да стаса на следната автобуска постојка. Возачот не ја отворил вратата, по што обвинетите продолжиле со грубо навредување и загрозување на неговата сигурност, му се обраќале со висок тон и удирале по внатрешноста на возилото“, соопшти Обвинителството.

За 24 часа во Македонија 358 казни за неносење заштитна маска

Илустрација - Граѓани со заштитни маски за лице во Скопје

Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на целата држава, регистрирани се 358 прекршоци по однос на мерката за носење лична заштита на лице, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

И во денешното соопштение од МВР се апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со ковид-19. Казната за непочитување на мерката за задолжително носење маска изнесува 20 евра.

Најмалку седум мртви во два бомбашки напада на пазар во Багдад

Ирачките безбедносни сили го обезбедуваат местото каде беа изведени нападите

Два самоубиствени бомбашки напади го потресоа Багдад, убивајќи најмалку седум лица, а ранети над 25 други, јавија полициски службеници и државната телевизија. Официјалните лица соопштија дека две експлозии на 21 јануари погодија фреквентен пазар на плоштадот Тајаран, во центарот на ирачката престолнина. Државната телевизија објави дека станува збор за самоубиствен бомбашки напад. Многу од ранетите се во сериозна состојба и се чини дека штетата е голема. Официјалните лица зборуваа под услов на анонимност, во согласност со прописите.

Ниту една група не презеде веднаш одговорност за нападот. Во минатото се користеа самоубиствени напади од милитантни групи како што е Исламската држава.

По повеќегодишно смртоносно секташко насилство, самоубиствените бомбашки напади станаа релативно ретки во Багдад. Последниот ваков напад се случи во јуни 2019 година и загинаа неколку лица. Ирак ја прогласи ИД за поразена на крајот на 2017 година по тригодишна кампања, но групата продолжи да работи во пустински и планински области.

Предлог- законот за попис на гласање во Собранието

Собрание на Република Северна Македонија

Собранието денeска треба да одржи продолжение на 29-та седница, на кое се очекува да се гласа за Предлог- законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021, по скратена постапка.

Расправата за Предлог- законот во Собранието, со кој треба да се овозможи во државава да се спроведе попис по 19 години, заврши на 15 јануари. Тогаш беше најавено дека за законот ќе се гласа на продолжение на оваа седница, кое ќе биде дополнително закажано.

Освен владејачката коалиција, поддршка за законот најавија и од опозициските партии на Албанците- Алијансата за Албанците и Алтернатива, а против законот е опозициската ВМРО-ДПМНЕ која најави дека ќе бара негово поништување преку собирање граѓански потписи.

Угостителските објекти од денеска работат до 21 часот

Угостителски објекти во Скопје во пандемија

Рестораните и угостителските објекти од денеска ќе работат до 21 часот, со што престанува да важи одлуката што беше во сила во изминатиот месец за работа до 18 часот, по препораката на Комисијата за заразни болести за да се спречи групирање во празничниот период и ширење на вирусот Ковид-19.

Следната недела ќе се разгледа можноста за продолжување на работното време на угостителските објекти по 21 часот, но, како што рече вчера вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, секоја мерка што се носи мора да оди паралелно со примарната цел, а тоа е здравјето на граѓаните.

Независната угостителска комора, пак, чека покана за средба со Владата на која и дава рок до 25 јануари да ги усвои нивните барања за креирање посебни мерки за директна помош и поддршка на угостителската индустрија.

Бајден потпиша укази со кои се поништени некои одлуки на Трамп

Новиот претседател на САД Џо Бајден

Новиот американски претседател Џо Бајден потпиша укази со кои ја изрази намерата САД повторно да пристапат кон Париската спогодба за климата и во Светската здравствена организација (СЗО). Неколку часа по преземањето на должноста, Бајден во Овалниот кабинет на Белата Куќа потпиша неколку укази со намера веднаш да поништи повеќе важни одлуки на својот претходник Доналд Трамп.

Трамп во 2018 година донесе одлука за излегување на САД од Париската спогодба за клима, а во 2020 година и од СЗО.

Бајден потпиша и укази за запирање на изградбата на ѕид на границата со Мексико и за укинување на забраната за влез во САД за државјаните на некои земји со муслиманско мнозинско население, кои исто така беа одлуки на Трамп.

Новиот претседател потпиша указ за укинување на дозволата за нафтовод од Алберта во Канада до Тексас, чие завршување Трамп го одобри во 2017 година.

Бајден наложи и продолжување на мораториумот на отплатата на долговите, за да спречи исфрлување од становите на луѓе кои се во тешка економска ситуација поради пандемијата од коронавирусот.

Меѓу другото, новиот шеф на Белата Куќа нареди и задолжително носење маски во федералните објекти, како и формирање федерална канцеларија за координација на одговорот на пандемијата.

Во основните и средните училишта почнува второто полугодие

По тринеделен зимски распуст, основците и средношколците денеска се враќаат на настава- онлајн или во училишните клупи, за да го продолжат второто полугодие од учебната 2020/2021 година.

Според Министерството за образование и наука, комбинираниот модел бил успешно воспоставен во првото полугодие и затоа нема да се менува во вториот дел од учебната година.

Согласно со измените на Календарот за организација на работата на училиштата (основни и средни), првото полугодие оваа учебна година почна еден месец подоцна, односно на 1 октомври, а бројот на наставни денови е намален од 180 на 159.

Времето променливо облачно и потопло

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен јужен ветер.

Претпладне во западните делови од земјава ќе има услови за повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.

Максималната температура ќе се движи од 3 степени во Маврово до 12 степени во Гевгелија.

Првите потези на Бајден

Џо Бајден, неговиот номиниран кабинет и неговиот преоден тим сигнализираа обемна листа на активности што 46-от претседател на Соединетите Држави планира да ги преземе во првите часови по инаугурацијата на 20 јануари.

Откако водеше кампања за спротивставување на четиригодишната агенда на Доналд Трамп и неговите републикански сојузници, долгогодишниот демократски сенатор и поранешен потпретседател се очекува да потпише повеќе од десетина извршни активности за започнување на брзо напуштање на политиката на неговиот претходник.

Големиот број потписи - во форма на извршни наредби, меморандуми и директиви се во функција на напуштање на некои од политиките на Трамп.

Тие меѓу другото се однесуваат на националниот одговор на пандемијата на ковид 19, енергетиката, животната средина, серија забрани за патувања насочени главно кон муслимански земји и напорите на Трамп за изградба на граничен ѕид меѓу САД и Мексико

Честитки од Заев и Пендаровски до Бајден

USA-BIDEN/INAUGURATION

Премиерот Зоран Заев им го честита стапувањето на должност на претседателот на САД, Џо Бајден и на потпретседателката, Камала Харис. Заев во својата објава на Фејсбук наведе дека им посакува мандат исполнет со успешни политики кои обединуваат и мандат, во кој е сигурен дека американската демократија ќе биде глобален пример што инспирира.

Бајден стана претседател на САД, Трамп замина од Вашингтон

"Претседателе Бајден, се радувам на времето пред нас во кое верувам дека ќе го продлабочиме сојузништвото меѓу Северна Македонија и САД, како и блиските врски и пријателството меѓу нашите меѓу нашите граѓани", напиша Заев на ФБ.

Светските лидери го честитаат стапувањето на должност на Бајден

Претседателот Стево Пендаровски на својот фејсбук профил во честитката до новоизбраниот американски претседател Џо Бајден, наведе дека САД е нашиот стратешки партнер кој секогаш ја поддржува демократијата во земјава.

"Честитки до новиот американски претседател Џо Бајден. САД се наш стратешки партнер кои секогаш ја поддржувале демократијата во земјава и нашите евро-атлантски интеграции" , напиша на ФБ претседателот Пендаровски.

Неуспешен состанокот на средношколците и министерката Царовска - матурантите на бојкот

Мила Царовска

Состанокот на претставниците на Сојузот на средношколци и министерката за образование и наука, Мила Царовска, заврши неуспешно, па матурантите од утре започнуваат бојкот на наставата и нема да се вклучат на часовите сѐ додека не се прифати нивното барање за кратење на предметите за полагање.

„Министерката Царовска рече дека не може да се промени концептот за полагање на државна матура оваа година, а ние сметаме дека треба да се промени начинот на полагањето за оваа генерација поради пандемијата и начинот на одржување на часовите“, изјави претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи.

Средношколците бараат наместо четири, да полагаат два предмети за државната матура - едниот да биде мајчин јазик, а другиот по избор на ученикот согласно неговите планови за понатамошното образование. Претходно денеска, министерката Царовска изјави дека матурантите од оваа година ќе полагаат четири предмети. За в година предвидена е промена на моделот на државната матура и веројатно ќе се полагаат по два предмети, како што сега бараат средношколците.

Светските лидери го честитаат стапувањето на должност на Бајден

Илустрација.

Европските лидери се надеваат на подобрување на односите со Соединетите држави откако Џо Бајден положи заклетва за нов претседател на нацијата.

Поранешниот претседател Доналд Трамп се судри со неговите европски колеги за прашања кои се движат од трговија до трошења во одбраната, а Бајден вети дека ќе ги поправи односите со европските сојузници

Џо Бајден стана 46 претседател на САД

Премиерот на Британија Борис Џонсон изјави дека со нетрпение очекува да соработува со Бајден и со неговата нова администрација, зајакнувајќи го партнерството меѓу двете земји " да работиме на нашите заеднички приоритети- справување со климатските промени, пандемијата и зајакнување на трансатлантска безбедност“ рече Џонсон по инаугурацијата на Бајден.

„Да изградиме нов пакт за посилна Европа, за посилна Америка и за подобар свет“, кажа Чарлс Мишел, претседател на Европскиот совет.

"Силно НАТО е добро и за Северна Америка и за Европа, бидејќи никој од нас не може сам да се справи со предизвиците со кои се соочуваме. Денес е почеток на ново поглавје и се радувам на нашата блиска соработка!" - твитна генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Многу ми олесна што Џо Бајден е инаугуриран за претседател денеска и ќе се пресели во Белата куќа“, рече германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер додавајќи дека американските институции ја докажале својата сила пред „големите тестови“ и „непријателството“ за време на мандат на Трамп.

Пренесувањето на моќта на Бајден носи со себе „надеж дека меѓународната заедница може да работи заедно поблиску и подобро во иднина за решавање на големите проблеми на нашето време“, кажа портпаролот на француската влада Габриел Атал додавајќи дека најавите на Бајден повторно да се приклучат на Светската здравствена организација, што доведува до глобален одговор на пандемијата Ковид-19 и климатскиот договор во Париз се „исклучително важни“ по излегувањето на Трамп од нив.

„Нестрпливи сме да изградиме со претседателот Бајден силна, корисна и обновена врска“, рече Атал по состанокот на владата.

Портпаролот на Кремаљ Дмитриј Песков рече дека Русија ќе се залага за „добри односи со Соединетите држави“, но дали Вашингтон ќе работи кон истата цел, „ќе зависи од Бајден и неговиот тим“.

Иако односите меѓу САД и Русија останаа напнати за време на мандатот на Трамп, тој имаше пријателски лични односи со претседателот Владимир Путин. Трамп ретко го критикуваше Путин за кршење на човековите права или „малигни“ активности кои американските разузнавачки служби и ги припишуваа на Русија, како што се сајбер напади и мешање во избори, велејќи дека тие злосторства може да ги извршиле други држави.

Џо Бајден положи заклетва, стана 46 претседател на САД

US-POLITICS-INAUGURATION

Џо Бајден официјално положи заклетва и стана 46-ти претседател на Соединетите држави. Заклетвата ја положи пред претседателот на Врховниот суд , Џон Робертс. Бајден заклетвата ја положи врз Библијата.

На церемонијата во Вашингтон претходно и Камала Харис како прва жена и прва Афроамериканка ја положи заклетвата за потпретседателка на САД.

Со положување на заклетвата Бајден стана 46-от претседател на Соединетите држави кој ќе го преземе кормилото на длабоко поделената нација која е соочена и со големи кризи како што е пандемијата на коронавирусот.

Нови 72 заразени, починале 13 лица од коронавирус

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Во последните 24 часа се направени 793 тестирања, а регистрирани се 72 нови случаи на Ковид-19, починати се 13 пациенти, оздравеле 1023, информира Министерството за здравство.

Од новодијагнозстицираните во: Скопје има 45, Куманово-4, Тетово-4, Гостивар-4, Штип-4, Кавадарци-3, Струга-4, Кичево-1, Свети Николе-1, Неготино-1, Дебар-1.

Институтот за јавно здравје денеска регистрира 1023 оздравени пациенти.

Починати се 13 лица, четири пациенти од Скопје (74, 69, 93 и 87г), три од Прилеп (69, 76 и 57г), еден пациент од Велес (51г), еден од Неготино (80г), еден од Дебар (71г), еден од Радовиш (66г), еден од Македонски Брод (66г) и еден пациент од Кратово (76г).

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 89 463, бројката на оздравени пациенти е 74 800, на починати е 2 739, а бројот на активни случаи изнесува 11 924.

Заев: Однесувањето на опозицијата за пописот е неразумно

Зоран Заев

На прес-конференција во Владата премиерот Зоран Заев денеска изјави дека СДСМ и другите коалициски партнери, вклучувајќи ја и ДУИ, остануваат целосно посветени на успешно спроведување на пописот.

Toј рече дека се надева дека многу скоро во Собранието ќе биде донесен Законот за попис, а однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ го окарактеризира како смешно, неодговорно и неразумно.

Симовски - Пописот треба да ја регистрира реалноста, а дали ќе се допадне некому не ме интересира

Тој дополни дека е убеден во што поскоро носење на законот за попис што е пред гласање во Собранието.

"Жалам само што се докажува неодговорноста на опозицијата што не се воведе онлајн работа на Парламентот, барем за оние пратеници кои се позиивни на Ковид-19 или се во самоизолација. И денеска видовме дека седницата се одлага. Убеден сум дека многу брзо може да се закаже оваа седница и час поскоро да заврши за да се донесе побрзо законот, затоа што после законот има голем број активности во делот на подготовка за спроведување", рече Заев.

Toj повтори дека со попишување по етничка припадност, со пописот ќе се регистрираат резиденти и нерезиденти жители.

"Ги попишуваме сите граѓани. Дефинитивно, меѓуграничната контрола дава можност во секој момент да знае државата, колку од граѓаните се надвор од државата повеќе од една година. Секогаш го имаме тој податок во базите. Граѓаните слободно ја изразуваат својата верска и етничка припадност", вели Заев, повторувајќи дека податоците од пописот се статистички податоци.

Според него, апелите за бојкотирање на пописот е туркање на граѓаните кон одговорност.

"Пописот насекаде во светот, во Европа така и кај нас е одговорност на граѓаните и тоа е регулирано во законот и следуваат казни за одбивање на попишување", рече Заев потенцирајќи дека државноста ја чуваат сите граѓани искажувајќи убедување дека нашиот народ целосно ќе ја исполни оваа обврска.

На новинарско прашање да ја коментира изјавата на пратеникот од ДУИ Арбр Адеми дека ДУИ нема да ги признае резултатите од пописот ако излезе дека Албанците во државава се под 20 отсто од вкупниот број на населението тој рече резултатите од пописот нема да влијаат на стекнатите права.

„Пописот е само статистичка операција која е повеќе за административни потреби и планирање и зад нејзиното спроведување и зад резултатите стојат СДСМ, ДУИ и останатите партии во владејачката коалиција. Стекнатите права на помалубројните народи се веќе стекнати и нив не смее никој да ги оспорува и назадува, без разлика на резултатите од статистичката операција“, рече Заев.

Силна експлозија во центарот на Мадрид

Експлозија во Мадрид

Најмалку две лица загинаа, а неколкумина се тешко повредени денеска во експлозија која одекна во зграда во центарот на Мадрид, изјави градоначалникот на шпанската престолнина.

„Според првичните информации експлозијата веројатно е предизвикана од истекување на гас во зградата“, изјави градоначалникот Хозе Луис Мартинез-Алмеида пред новинарите на местото на настанот.

Агенциите јавија дека од силината на ударот шест ката од зградата одлетале во воздух.

Заев: 8.000 дози вакцини од Србија се за здравствените работници

Илустрација.

Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за здравство, Венко Филипче, преку интернет-конференциска врска одржа состанок со регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге, и сo претставници на СЗО.

Како што информираат од владината прес-служба, на средбата биле истакнати напорите на СЗО, нејзините партнери и нашата земја за динамизирање на постапката за обезбедување вакцини преку „Ковакс-програмата, при што бил истакнат аспектот на почитување на основните вредности што притоа се покажуваат, а тоа е пријателството и солидарноста на европските земји и земјите во регионот на Западен Балкан.

Грција ќе издава дигитален сертификат за вакцинација

Премиерот Заев информирал за 8.000 дози вакцини што ќе пристигнат од Србија и кои ќе бидат наменети за сите здравствени и медицински работници на кои заедно со претставникот на СЗО им упатил јавна благодарност за покажаната хуманост и пожртвуваност во изминатите месеци додека трае епидемијата.

Доза транспарентност и релевантност, пред доза вакцина

Царовска: Реформата мора да се спроведе

Мила Царовска

Министерството за образование и наука соопшти дека со денешниот состанок со директори на основни училишта од секоја општина продолжува широкиот консултативен процес за реформите во основно образование, а дека за утре е закажан состанок со наставниците, а за задутре – со членови на МАНУ.

Министерката Мила Царовска по средбата изјавила дека концепцијата има широка поддршка од директорите, но дека како од секоја новина, постои само страв од непознатото којшто треба да се совлада.

"Постои потреба и од интензивна обука на наставниците за да може да се прилагодат на новата концепција. Наша цел е темелно да ја подготвиме реформата која првпат се фокусира на најважното, а тоа е знаењето на децата. Тоа значи дека сите заеднички ќе вложиме максимални напори за да го подготвиме системот за имплментација и да ги подготвиме наставниците. Реформата е започната навреме и со години трае овој процес кој сега мора да финишира, бидејќи секој ден доцнење е на штета на идните генерации, рече Царовска.

Сенатот на УКИМ пак укажа дека на последната вонредна седница тие донеле одлука дека реформата треба да почне како пилот проект, дополнувајќи дека таа е првична идеја за чие спроведување треба многу повеќе време.

"Реформата на воспитанието и образованието е длабоко стратешко прашање и процес на перманентно преиспитување и валоризација на воспитно-образовната политика. Избрзаните и недоволно обмислени одлуки и решенија донесени од МОН, без јавна и ефективна дебата, можат да предизвикаат сериозна штета со далекусежни последици. На вонредната седница, сенаторите упатија бројни и сериозни забелешки на Нацрт-концепцијата за основно образование. Промените треба да се креираат и спроведуваат во согласност со карактеристиките на контекстот, односно условите во кои се реализираат воспитно-образовната работа, конкретните образовни потреби и реалните можности за нивно остварување" се наведува во соопштението од Сенатот на УКИМ.

Најавената реформа предизвика силни реакции во јавноста особено поради идејата да се спојат историјата и географијата како еден предмет во основните училишта, нешто што во дел од јавноста беше оценето како обид за бришење на историјата во време кога Бугарија спори токму со дел од македонската историја.

Нова ковид мерка: Четири индустрии нема да плаќаат царина за увоз на суровини

Илустрација - Работник во индустрија

Владата денеска соопшти дека со првата мерка од петтиот пакет компаниите од метало-преработувачката индустрија, металургијата, текстилната и кожарската индустрија се ослободени од царинските давачки во висина од 7,1 милиони евра за суровини и за репроматеријали.

Како што се наведува во денешното соопштение, на вчерашната 40-та седница, Владата донесе одлука за укинување на увозните давачки – царинските стапки, на одделни суровини и репроматеријали кои се употребуваат во преработувачката индустрија, со цел да ги олесни условите за работење на овие компании и да овозможи да се зголеми нивната конкурентност во услови на пандемија и отежнато работење на компаниите од преработувачката индустрија.

Судскиот совет разреши судија од Кривичниот суд за несовесно работење

Основен кривичен суд - Скопје

Судскиот совет на денешната седница разреши судија од Основниот кривичен суд Скопје со образложение за „нестручно и несовесно вршење на судиската функција“. Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, денеска информираше за ова и кажа дека постапката за разрешувањето на судијата се водела околу една и пол година, но не сакаше да открие за кого станува збор.

„Не можам да ви кажам за кого одлучувавме, меѓутоа факт е дека на денешнта седница имавме посебна точка за утврдување на одговорност на судија и нашата одлука е дека се разрешува од функцијата судија на конкретниот суд, поради повреда на одредбите од судскиот деловник по однос на примената на системот“, изјави Здравев по завршувањето на седницата.

Тој додаде дека „нестручното работење на судијата“ е утврдено за период од две до три години. Како една од причините поради кои толку време се водела постапката, Здравев го посочи недоаѓањето на конкретниот судија на закажаните расправи.

Подетално за предметот, како што рече, неможе да каже од причини што мора да се почитува презумпција на невиност, а кога „одлуката ќе стане правосилна, Советот ќе објави во Службен весник“.

Трамп ја напушти Белата куќа и замина за Флорида

Доналд и Меланија Трамп на заминувањето од Белата куќа

По еден од најконтроверзните претседателски избори и преодни периоди во историјата на САД, демократот Џо Бајден треба да даде заклетва на функцијата на 20 јануари напладне по локално време во Вашингтон, на скалите на Капитол среде големата безбедност во Вашингтон. Кога ќе ја стави раката на Библијата, 78-годишниот Бајден ќе стане најстарата личност што ќе положи заклетва како претседател на САД и ќе влезе во Белата куќа веднаш потоа, заменувајќи го Доналд Трамп како 46-от претседател на нацијата.

За прв пат по 152 години, претседателот во заминување не е предвидено да присуствува на церемонијата на инаугурацијата, иако поранешните претседатели Џорџ В. Буш, Бил Клинтон и Барак Обама треба да бидат таму кога главниот судија на Врховниот суд Џон Робертс ќе ја води заклетвата на Бајден. Поранешниот претседател Џими Картер, кој има 96 години, рече дека нема да може да присуствува.

Видео - Подготовки за инаугурацијата и заклетвата на Џо Бајден

Трамп ја напушти Белата куќа рано на 20 јануари по локално време во Вашингтон, и со хеликоптер се упати на 10-минутен лет до блиската воена база на церемонија пред се качи во претседателскиот авион, да лета за Флорида за да го продолжи животот како приватен граѓанин. За разлика од неговиот шеф, потпретседателот на Трамп, Мајк Пенс, рече дека ќе присуствува на инаугурацијата, како и многу други републикански пратеници.

Папата повика сите да го потпишат Договорот за забрана на нуклеарно оружје

Поглаватор на Римокатоличката црква, папата Франциск

Pапата Франциск ги повика сите држави да му се приклучат на договорот на Обединетите нации за забрана на нуклеарно оружје, истакнувајќи дека таквата забрана е неопходна за зачувување на светскиот мир денес, јави новинската агенција Ројтерс.

„Силно ги охрабрувам сите држави и сите луѓе решително да работат на унапредување на условите неопходни за свет без нуклеарно оружје придонесувајќи за унапредување на мирот и мултилатералната соработка, што на човештвото денес му се толку многу потребни“, рече папата, осврнувајќи се на договорот за време на неговото редовно неделно обраќање.

Меѓународниот договор за забрана на нуклеарно оружје стапува во сила в петок и досега го ратификуваа 86 држави, а беше инициран од Меѓународната кампања за укинување на нуклеарното оружје (ИЦА), која ја доби Нобеловата награда за мир во 2017 година. САД, Велика Британија, Франција и другите нуклеарни сили не го потпишаа договорот и ги бојкотираа преговорите што доведоа до него, соопшти агенцијата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG