Достапни линкови

Старите болки на здравството и новите пробеми со коронавирусот


Клиника за инфективни болести во Скопје

Наталожените проблеми во македонското здравство може само да го отежнат справувањето со коронавирусот, велат дел од лекарската фела. Недостиг на кадар и опрема, како и затворени болнички одделенија и заболен медицински кадар ќе бидат дополнителен предизвик за хронично болните во наредниот период.

Неколкуте смртни случаи во изминатиот период во земјава на заболени од коронавирирус ги извлекоа на виделина дел од проблемите во здравството кои со години се натрупуваат и ниту една власт до сега не успеа во целост да ги реши. Смртта на стружанката која не била примена во болница и постхумно и беше направен тест за коронавирус на кој се покажа дека е позитивна на Ковид 19 е само една од неколкуте лекарски грешки што укажуваат на пропусти во здравствениот систем. Во меѓувреме, директорката на охридската болница беше санкционирана, затоа што беше детектиран пропуст.

Една од генералните забелешки за работата на болниците во внатрешноста е ненавременото преземање мерки како и тоа што секој малку покомплициран случај го препраќаат во државната клиника во Скопје. Поранешниот министер за здравство Арбен Таравари предупредува дека речиси 80 проценти од посериозните здравствени услуги со години се добиваат исклучиво во клиничкиот центар во Скопје.

„Само околу 20 проценти од услугите се добиваат во другите градови. Ние ги нарековме клинички болниците во Тетово, Штип, Битола,но, ние никогаш не успеавме таму да донесеме доволно опрема ниту да го обучиме доволно кадарот. Не сакам ни да помислам на варијантата на многу комплицирани случаи,многу компликации бидејќи целиот систем ќе ни пропадне. Јас не знам респиратор дали има во Тетово, во Штип, во Гостивар, во Дебар. Во Дебар нема ниту респиратор ниту инфектолог, во Тетово има само двајца инфектолоци тоа е катастрофа, во Штип не знам како е. Но ако имаме комплицирани случаи, системот ќе ни колабира“, изјави неодамна во телевизиско интервју Таравари.

Нема брзо решениe за наталожените проблеми во здравството, особено не во ситуација на пандемија, вели професор доктор Владимир Борозанов. Тој вели дека во секоја држава се планира обука на медицински кадар според потребите, но непланското работење сега се забележува во недостигот на инфектолози и лаборанти.

„Во поедини области ние како медицинари имаме запоставување на формирање на кадар, на пример епидемиолог не звучи толку атрактивно како доктор кардиолог, тука имаме сериозен пропуст низ годините“ вели Борозанов.

Основачот на Хелтгруп и поранешен заменик министер за здравство Владимир Лазаревик вели дека се недоволни капацитетите на примарното здравство да се справат во оваа ситуација со проблематичните случаи.

„Сите они лица кои влегуваат во високо ризични категории пред се возрасните граѓани доколку заболат се под многу повисок ризик од сите останати. За тие пациенти треба да се обезбеди соодветен третман. Примарното здравство може да помогне, но не целосно. Пациентите кои имаат сериозни компликации бараат интензивно лекување кое се обезбедува само во болнички услови. Според мене примарното здравство најмногу може да им помогне на оние пациенти кои имаат благи симптоми и кои се лекуваат дома во изолација. Секоја друга посериозна компликација кај високо ризични групи мора да има болнички третман.

Последните податоци од министерството за здравство покажуваат дека вкупно 75 луѓе се хоспитализирани од кои 15 се со тешка клиничка слика, а 11 се ставени на апарати за дишење.

Што треба да им кажете на децата за коронавирусот?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:41 0:00

Тој додава дека ниту една земја не може да пресмета колку вкупно здравствени работници и се потребни во ваква ситуација и дека проблемот е дека токму здравствените работници се со најголем ризик да се заразат поради тоа што се во прва борбена линија.

“Тоа е клучниот проблем, колку пациенти се очекува да имаме, колку лица се очекува да починат, и како да се организираме согласно тие анализи. Досегашните податоци не покажуваат дека текот на епидемијата ќе има толку драматичен развој каков во Италија или Шпанија. Се чини дека бројот на заболени и починати е неспоредливо помал. Со самото тоа и оптеретувањето на здравството не е драматично, иако се разбира е тензично“ вели тој.



Дополнително здравствениот систем брои заразени и во своите редови со што се намалува капацитетот на медицинскиот персонал кој е во првите редови во битката против коронавирусот.

Направена е целосна реорганизација на штипското Инфективно одделение, откако речиси сите вработени се ставени во самоизолација. Имале контакт со пациентка која била негативна на првичниот тест, а подоцна се покажало дека има Ковид 19.

Центарот за рехабилитација во Козле, каде беше сместен еден пациент на кој му беше дијагностициран Ковид 19, во следниот период нема да работи, а лицата кои имаат потреба од таков вид медицинска услуга ќе може да ја добијат во Болницата „8 Септември“. Министерот за здравство Венко Филипче, информираше дека осум медицински лица од Центарот се позитивни на коронавирус

Досега неколку одделенија во болниците во земјава беа целосно затворени со тоа што многу хронично болни се ставени во ризик да не ја добијат соодветна нега која им е потребна

Во кумановската болница веќе се појави недостаток на лекари откако дел од персоналот се зарази со Ковид 19 при што министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес конференција најави дека ќе бидат испратени двајца инфектолози од Скопје.

Професорот Борозанов вели дека во ова ситуација станува збор за човечки фактор и дека секој треба да си ја преземе одговорноста кон сопстеното здравје.

„ И од персоналот, и за пациентите, секој мора да биде одговорен за своето здравје. Дел од докторите и медицинскиот персонал да работат перфектно, но има мал дел кој што аборават дека никој не ги тепаше ниту тераше со сила да станат доктори или медицински сестри и дека мора да почитуваат и да следат протоколи“, вели Борозанов.


Последните податоци на институтот за јавно здрваје покажуваат дека 52 медицински лица се заразени со коронавирус и дека 34 од нив се заразиле во контакт со пациенти.

„Сакам да испратам и порака до моите колеги, здравствени работници. Максимално да се почитуваат протоколите, кои ги имаме од самиот почеток на пандемијата, да се штитат на работните места, но и надвор од работните места. Тоа значи дека треба да се пазат постојано, заради тоа што улогата на здравствените работници - здравјето на здравствените работници е од примарно значење во овој момент во државата. Здравјето на нацијата и многу животи зависат од здравјето на здравствените работници“, истакна министерот Филипче.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG