Достапни линкови

Трговците тактизираат со снижување на цените на прехранбените производи


илустрација

Лебот ќе поевтини само тоа нема да биде денеска, туку во текот на месецот. Во повеќето продавници цената на зејтинот е веќе намалена. Цените на месото пак се условени од укинување на давачките на увезените суровини, а во некои маркети има минимално намалување на цената на млекото. Од Пазарниот инспекторат најавуваат засилени контроли на терен и казни за трговците кои нема да ја почитуваат одлуката на Владата за намалување на цените

И покрај најавите за поевтинување на цените на основните прехранбени производи за 10 отсто, денеска не забележавме пониска цена на лебот, млекото, месото.

Утринската прошетка на екипата на РСЕ во некои од поголемите маркети во Скопје покажа дека цената на лебот е иста како и пред неколку дена, кога исто така ги посетивме тие маркети. Исти како и пред неколку дена се и цените на млекото, месото, брашното, зејтинот.

Една од продавачките во маркетот вели дека утрово не добиле известување за намалување на цените на лебот или на другите основни производи.

Од мелничарско- пекарската индустрија велат дека лебот сигурно ќе поевтини, но дека тоа ќе оди постепено. Трендот е позитивен и до Нова година ќе јадеме поевтин леб, уверува Горан Малишиќ од Мелничарско-пекарската индустрија.

„Да, цената ќе се намали, соодветно на намалениот трошок за електричната енергија, но тоа нема да биде веднаш туку најверојатно во втората половина на декември. Секоја компанија тоа го прави поединечно, си прават свои математики. Полека очекуваме по Нова година и суровините да се намалат, пазарот ќе се стабилизира и очекувам трендот да биде позитивен и да функционира нормалната конкуренција на пазарот,“ вели Малишиќ.

Во споредба со минатата година цената на лебот поскапе за 44 проценти, а цената на некои лебови достигна и 100 денари.

Скокот на цените на прехранбените производи се должи на зголемената цена на горивата и енергетската криза, што се случи поради руската инвазија на Украина.

Зејтинот е веќе поевтинат, а и цената на репроматеријалите за негово производство мирува, велат од фабриките за производство на масло за јадење.

Од фабриката за производство на зејтин „Брилијант“ деновиве изјавија дека цената на зејтинот е намалена за 40 денари и дека се прават обиди цената да го достигне нивото од пред три месеци. Изминатиот период во маркетите може да се забележи пад на цената на зејтинот кај повеќето брендови. Па така, ако до пред неколку месеци цената на литро зејтин беше и до 150 денари, денеска зејтин може да се купи и по цена од 110.

Зејтинот значително поскапе непосредно по почетокот на руската воена инвазија во Украина, поради стравот за репроматеријали бидејќи Украина е меѓу најголемите производители на сончоглед во светот.

Поевтините прехранбени производи треба да бидат резултат на владните поволности за поевтина струја на прехранбените компании.

Владата одлучи да им понуди струја по 80 евра за мегаватчас за производителите на зејтин, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи и за месната и живинарската индустрија.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека останатите кои не успеале навремено да поднесат документи, ќе можат да аплицираат за поевтина електрична енергија од 1 јануари. Малите фирми, кои се на регулираниот пазар досега плаќаа околу 220 евра за мегаватчас, а оние на отворениот пазар во изминативе месеци плаќаа берзанска цена на струјата која одеше до 700 евра за мегаватчас.

Македонија е увозно зависна држава и кога се работи за месото. Производството на свинско месо е недоволно за да ги задоволи ниту потребите на пазарот за свежо месо, поради што домашните производители се принудени да увезуваат свежо месо како суровина.

Од Групацијата за месо и месни производи при Стопанската комора велат дека месните изработки ќе поевтинат 10 проценти само доколку се укинат давачките на увозните суровини.

„Ја поздравуваме одлуката на Владата за фиксна цена на струјата и истовремено бараме да ги укине давачките на увозните суровини кои не се произведуваат во државата, мерка која беше активна до јуни 2022 година. Целта за намалување на цените е заедничка – и на Владата и на граѓаните и на индустријата. Сите ќе бидат задоволни доколку намалувањето на цените на месните преработки бидe што поголемo, на пример над 10 проценти, што може да се случи веднаш ако се донесе одлука за ослободување од плаќање на царината на одредени тарифи на суровина за крајна употреба за овој кризен период, а за трајно решение да се прифати Предлог-законoт кој е доставен до Министерството за финансии и Владата,“ велат од Групацијата за преработка на месо и производи од месо во Стопанската комора.

Оттаму додаваат дека месната индустрија не бара субвенции, туку само изедначување на условите за стопанисување. Србија, нагласуваат, има осум отсто давачка, другите земји немаат царина на замрзнато месо, а државава има 18 до 35 проценти во зависност од тарифниот број.

Цената на млекото и млечните производи годинава порасна за 27 проценти, а сушата и поскапувањата на добиточната храна годинава го намалија неговото производство. Откупната цена на млекото, во однос на минатата година има раст од околу 40 проценти.

Од млечната индустрија „Фејзи“ од Гостивар велат дека иако откупната цена на млекото е многу зголемена, тие нема да ги намалат цените на нивните млечни производи. Нивната компанија се уште не поднела барање за договор со ЕСМ за добивање поевтина струја иако како што додаваат, сметките за струја се многу повисоки од ланските.

„Ние произведуваме моцарела и кашкавал и цените ќе останат исти. Ние не ги зголемивме цените за сега да ги намалиме, иако откупната цена на млекото отиде многу високо. Познавајќи ја средината дека луѓето со една минимална плата едвај преживуваат, јас сепак ја поддржувам идејата да се намалат цените на основните прехранбени производи, вели Гзиме Фезји, сопственичка на млечна индустрија во Гостивар.

Рубин Кузмановски кој има сточарска фарма во Прилеп вели дека секое поевтинување на млекото и млечните производи ќе значи загуба за преработувачите во млекарската индустрија.

„Струјата не игра голема улога во производната цена на млекото. Најголем проблем е цената на храната на светските берзи. Цената на храната на светски берзи паѓа, цената на пченката паѓа, а на концентратот за производство на млеко скока нагоре. И без разлика на тоа што порасна цената кај млекопроизводителите, ние преработувачите работиме со загуби“, вели Кузмановски.

Инспекторите на терен, продолжуваат контролите

Министерот за економија Крешник Бектеши се закани со мерки против фирмите кои нема да ја поевтинат храната и покрај тоа што владата ќе им понуди неколкукратно поевтина струја. Бектеши за ТВ 21 појасни дека од денеска производителите на прехранбени производи ќе треба да им понудат на маркетите нови намалени цени, но дека треба да се има предвид и фактот дека маркетите имаат залихи од претходно.

Надлежните велат дека маржите се веќе ограничени, а Државниот пазарен инспекторат ќе врши контроли на цените. Од ДПИ велат дека трговците ќе бидат предмет на надзор како и во изминатиот период и ќе се контролира дали се почитува одлуката на владата за намалување на цените на прехрамбените производи.

„Државниот пазарен инспекторат во периодот од 24.10.2022 до 27.11.2022 година има извршено вкупно 2203 инспекциски надзори на целата територија на Република Северна Македонија“, информираат од Државниот пазарен инспекторат.

Само во последната недела издадени се вкупно 78 прекршочни платни налози, од кои 40 по Закон за финансиска дисциплина, 3 по Закон за инспекциски надзор, 1 по Закон за контрола на предмети од скапоцени метали, 24 по Закон за трговија, 1 по Закон за угостителска дејност и 1 по Законот за забрана и спречување вршење нерегистрирана дејност.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG