Достапни линкови

Инфлацијата ги изеде оброците


илустрација

Ќе биде тешко, ама со многу откажувања и штедења, ќе преживееме, велат македонските граѓани по најавите за непредвидливата економска и енергетска зима. Повеќето од нив велат дека повеќе ќе се јадат посни манџи и ќе се носи стара облека откако потрошувачката кошничка „скокна“ на 48 000 денари

Помалку месо, сокови, грицки или други слатки задоволства. Нема купување на нова облека, а патувањата или викенд прошетките не доаѓаат в предвид. Овие се најчестите одговори на граѓаните на прашањето од кои од основните потреби и животни навики ќе бидат принудени да се откажат за полесно да ја преживеат претстојната зима.

Пензионерот Стојан Ацковски го сретнавме на зеленото пазарче во Скопје. Ќесите вели Ацковски се сè полесни, оти поскапувањата веќе се одразуваат на неговиот домашен буџет. Ќе заштедам од она од што се може, вели Ацковски.

„Ако сакаш да земеш 3 килограми месо не мора три, еден килограм ќе земеш.Тоа мора да стагнира. Скап е и лебот. Понатаму стајлингот, може човек и со една кошула да помине подолго време, ама без леб не може. Ова е ненормално. Ако сакаш некаде да оди човек да прошета и тоа не може зошто нафтата е скапа“, вели Ацевски.

Скокови на цените, граѓаните на диета или вегетаријанци
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

Кој колку има толку ќе јаде, вели Марија од Скопје.

„Облека никако нема да се купува, струјата исто ќе ја штедиме, повеќе под јоргани и така. Месо еднаш месечно можеби ќе се купува и тоа минимално, по едно парче колку да се проба, се е скапо да ви кажам. Млекото е ужасно скапо, болен човек не може да си купи еден литар млеко да јаде. Јогуртите исто, тоа е прескапо, навистина,“ ни рече Марија.

Според последните пресметки на Сојузот на синдикати вредноста на синдикалната минимална кошница во август прилагодена на инфлацијата изнесувала 48 234 денари, што е минималната сума која едно четиричлено семејство кое живее во дом од 50 квадратни метри и не поседува автомобил.

За храна и пијалоци, во која се вклучени 63 производи, кои не ги изразуваат целосните потреби за исхрана, туку ги изразуваат можностите, навиките и традицијата во исхраната, биле потребни 18.324 денари или за 324 денари повеќе од минималната плата.

Нови поскапувања, нови главоболки
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:12 0:00

Одржувањето и здравјето вклучува основни трошоци за лекарства (парацетамол, аналгин, кафетин и сл.), без лекарствата за хроничните болести и за нив биле потребни 786 денари, велат од ССМ.

Граѓаните велат дека нема да се откажат од трошоците за редовната медицинска терапија, како и од месечните режиски трошоци

„Лекарства мора да се купат, од гардероба ќе се штеди, па и на храна, на сметките- струја помалку. Чипсови, сладоледи, без такви работи се може, а од основните потреби тешко дека може да се откажеме“, вели Благица Ламбевска.

„Лековите ми се на прво место. Лично примам многу лекови и за нив одделувам пари а за другото ако имам имам, ако не, не“, вели Весна Георгиева од Струмица.

Некои од нашите соговорници велат дека веќе се научени да штедат, а со новите поскапувања само ќе ја продолжат таа навика.

„На сè штедам, не знам на што не штедам. Пензиите не пораснаа воопшто и што ќе правиме на знам. Облеката ми е иста можам да ја носам уште, не се подновувам редовно, колку имам толку, си ги чувам тие што ги имам“, вели една граѓанка.

„Ќе штедам на јадење, на струја, на се“, вели Златко Крстевски.

„Од зејтинот можам да се откажам. На пример еден килограм зејтин ќе го трошам за десеттина дена и брашното. Ќе купам леб тој што е 52 денари, два килограми леб ќе си купам за четворица, така нешто“, вели Александар Столевски.

„Какво месо, денеска гравче, утре леќа, задутре зелка, тоа е што да правиш. Ќе биде тешка зима, јас се плашам уште од сега“, вели една загрижена пензионерка од Скопје.

Савески: Без подготвеност за промени, ударот врз граѓаните ќе биде полош

Активистот за социјална правда Здравко Савески вели дека тешката зима полесно може да се помине со промена на животните навики и барање алтернативни начини на однесување.

„Она што е секогаш најдобар совет е граѓаните да видат на што им летаат парите и да најдат алтернативни начини како тие работи да и имаат но со помала потрошувачка на пари. Тоа е секогаш можно да се направи. Се знае дека ударот во зимата ќе биде пред се на храната и на горивата и тука треба да размислат за алтернативни начини на превоз како што се возење велосипед или јавен превоз, а во однос на храната секогаш за намалување на трошоци е добар советот да пазаруваат со список на производи кога одат во маркет, односно да не купуваат нешто што реално не им е потребно“, сугерира Савески.

Во неколку наврати досега министерот за финансии Фатмир Бесими најавува мерки за полесно надминување на кризата. Но мерките уште не се објавени. Савески нема големи очекувања од евентуалната државна помош.

„За помош се потребни две работи, прво волја, а потоа и средства. Средства може да се најдат со прекин на луксузното трошење од страна на функционерите. Тоа е мал извор на финансии. Вториот, инаку префериран начин беше задолжувањето, но периодот на евтино задолжување е завршен, а ние веќе во време на пандемијата направивме рекорден скок во задолжувањето. И трето, потребна е промена на даночната политика, односно да се зголемат даноците на најбогатите и од тие средства државата, ако има волја, да им помогне на најзагрозените,“ вели Савески.

Инаку во пресметката за авгусустовската потрошувачка кошничка не е ставен трошокот за еден ученик, за набавка на потребните материјали за почетокот на учебната година, кои според пресметките на ССМ изнесуваат околу дополнителни 6.000 денари. Не се вклучени ниту трошоците за рекреација, образование, хотели и ресторани, семејни прослави, затоа што во кошницата се пресметуваат само неопходните трошоци, па доколку се пресметуваат и овие трошоци вредноста на истата би била многу повисока.

ССМ пресмета дека за домување на граѓаните им биле потребни 12.493 денари, додека за хигиена 2.808 денари. За превозот се вклучени минимални изразени трошоци, односно два месечни билети за превоз, работнички и ученички или студентски и се потребни 3.600 денари. Точно 2.197 денари биле потребни за облеката и обувките што вклучуваат набавка на по едно парче облека и обувки за секој член на семејството по сезони.

Во пресметката за култура се вклучени трошоците на три производи, и тоа еднаш месечно одење во кино и редовно купување на еден неделен и еден дневен весник и биле потребни 1.067 денари.

Од Сојузот на синдикатите напоменуваат дека со оваа пресметка синдикалната минимална кошница изнесува 41.295 денари, а кога истата ќе се зголеми за 16.8% инфлација изнесува 48.234 денари.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG