Достапни линкови

Пазарната инспекција во битка со „несовесните“ трговци


Зејтин во маркет во Скопје

По укинувањето на антикризните мерки зејтинот поскапел за 25 денари, шеќерот за 8, млекото за 9... покажуваат податоците што ги објави ценометар.мк. Поскапувањата не се незаконски, но власта посочи дека има несовесни трговци и се закани дека наскоро ќе ги објави нивните имиња.

Има покачување на цените од десетина па до 70 проценти на одредени артикли, вели директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска – Димоска за РСЕ. Инспекторатот контролите ги најави во петокот, а по слободниот викенд, инспекторите неделава ќе бидат на терен да го контролираат покачувањето на цените. Власта до крајот на неделата ќе одлучи дали ќе интервенира во цените, а на „несовесните“ трговци, вели граѓаните ќе им судат.

Од 1 јуни престана да важи антикризната мерка со која беа намалени маржите и данокот на додадена вредност на основните прехранбени производи. Во март Собранието ги усвои антикризните мерки предложени од Владата со кои ДДВ-то на основните прехранбени производи се намали од 5 на 0 отсто, а маржите беа ограничени на 5 до 10 проценти. Засега нема продолжување на овие мерки, а властите најавуваат нови антикризни мерки во следните месеци.

Изминатиот викенд зејтинот поскапел за 25 денари, шеќерот за 8, млекото за 9, оризот за 7 денари, гравот за 5 до 10 денари, покажуваат податоците што ги објави ценометар.мк. ( портал за споредување на цени во маркетите).

Симеска – Димоска вели дека во надлежност на Пазарниот инспекторат е да утврдат дали цените што се истакнати се исти со оние што ги имаат прокнижено трговците, односно дали ги имаат евидентирано согласно Правилникот за водење на евиденција во трговијата на големо и мало.

„Инспекторите, тие што немаа започнато надзори по друг основ во петок, работеа на овој дел, во понеделникот продолжија, продолжуваме во текот на целата недела. Имаме некои информации дека има покачување на цените. Цените се слободни, можат слободно да ги формираат, меѓутоа сето тоа треба да е евидентирано и прокнижено. Имаме покачување од десетина проценти, па до 70 проценти на одредени артикли“, вели таа.

Граѓани се жалеа дека нема доволно производи на рафтовите во маркетите на денот кога завршуваат антикризните мерки, а веќе следното утро се продаваа основните прехранбени производи по нови повисоки цени. Директорката на Пазарниот инспекторат вели дека ја следат претходната и новата цена, но ако промената е евидентирана во Правилникот, тогаш е законски постапено. За прекршителите се предвидени казни, за сè има мерки, вели Симоска – Димеска.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, најави дека државата ќе го вклучи заштитниот механизам против злоупотреби од страна на трговците. Тој рече дека има вртоглаво и вештачко зголемување на цените.

„Еве и еден пример. За само два дена маржата на добивка на една тестенина од еден производител, не зборуваме тука производствена или набавна цена, туку само маржата на добивка од 4 отсто на 31 мај пораснала на 72,5 отсто, односно граѓаните плаќаат 68 проценти повисока маржа на добивка за тестенина“, вели вицепремиерот.

Тој вели дека откако Пазарната инспекција ќе заврши со работата, владата ќе излезе со список на компании кои енормно ги зголемиле цените.

„Не можеме да прифатиме некои компании совесно да работат и да продаваат со 0 проценти маржа производи кои го вчера имаат забрана за зголемување на маржата, а некои за 60-70 отсто да ги зголемуваат маржите на добивка за да профитираат во период на криза“, вели тој.

Битиќи вели дека останува граѓаните да одлучат дали ќе купуваат од тие трговци, и како што вели, казната е најголема кога граѓаните ќе те казнат.

Како војната во Украина се одразува врз секојдневието на луѓето?
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:27 0:00

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека до крајот на неделата ќе одлучат дали да се интервенира кај цените. Тој за ТВ 24 рече дека доколку се покаже дека има манипулации од одредени трговци и самите не ги вратат цените согласно некоја нормална маржа на добивка, тогаш, вели министерот, државата ќе интервенира за тие да не бидат на грбот на граѓаните.

Тој вели дека државата може да влијае само за домашните производи, за кои се следат и влезните цени на суровините и производствените цени, додека за увозните производи не може да се влијае, освен во делот на давачките, каде државата целосно се откажа од тие придонеси.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG