Достапни линкови

До каде ќе оди поскапувањето на лебот


Леб во маркет во Скопје
Леб во маркет во Скопје

Лебот на граѓаните им е скап, а мелничарите и пекарите најавија поскапување за десетина отсто ако државата не им обезбеди поевтина струја. Во меѓувреме домашната пченица ја јаде стоката поради ниската откупна цена.

Цената на лебот речиси и да се удвои изминатата година, а најавите дека за еден месец тој ќе поскапи за дополнителни 10 отсто ги вознемири граѓаните. Велат дека ако од нешто тешко можат да се откажат, тоа е секако лебот без кој тешко може да се замисли македонската трпеза.

Па така, од граѓаните со кои разговараше РСЕ никој не се решава да скрати од лебот, ама пак затоа тоа удира по џебот.

„Не знам дали може и од лебот да се скрати. Се приметува разликата во цената и сметам дека е скап. Сега не знам колку вистински е пресметана суровината, ама според стандардот и примањата мислам дека е скап“, вели скопјанката Надица Илиевска.

Со неа се согласува уште една нејзина сограѓанка, која ја анкетиравме во центарот на Скопје.

„Висока е (цената) , тоа имам да кажам само. Да се намали нема да се намали, тоа е факт. Се се крева, ќе се крене и лебот, ќе се навикнеме. Нема што друго, што ќе смениме. Ќе се снаоѓаме, што да кажам. Ние сме снаодлив народ“, заклучува таа.

„Па за скап е скап, ама да јадеме мора да јадеме. Се снаоѓаме. Веќе ништо не е изненадувачки“, вели и Маја, исто така од Скопје.

Според државната статистика, лебот и житата поскапеле за 47,7% ако се споредат цените во септември годинава со истиот месец лани. Ама впечатокот во маркетите е дека таа е уште повисока.

Векна бел леб во маркет во Скопје
Векна бел леб во маркет во Скопје

Па така, во просек векна од најевтиниот бел леб кој тежи меѓу 400 и 500 грама во големите маркети се продава за 50 денари. Истиот леб лани беше двојно поевтин. Ако во лебот има додадено некои семенки, или малку интегрално брашно, тогаш цената е значително повисока, меѓу 65 и 100 денари.

Рафтови со леб во маркет во Скопје
Рафтови со леб во маркет во Скопје

Некои лебови имаат и „баснословни“ цени, како на пример макробиотски леб од 270 грама, кој го купивме од пекара во центарот на Скопје и чинеше 140 денари.

Најевтин бел леб пак успеавме да најдеме во пекара во скопската населба Ченто, по 35 денари за векна од околу 400 грама, но како што забележуваат локалците, тој леб и најбрзо се троши.

Домашната пченица оди за стоката

Енормното поскапување на лебот се правдаше со енормниот раст на струјата на светските берзи, заедно со таа на пченицата. Директно влијание за ова имаше руската воена инвазија врз Украина, држава која важи за најголемата житница во Европа. Па така, лебот во земјава почна да поскапува уште во април, што заедно со стравот од нејзин недостиг ја натера владата да најавува вложувања во домашното производство.

Неколку месеци по жетвата, тетовскиот земјоделец Мемет Синани, е дециден дека не само што не произведовме повеќе пченица, туку таа „за џабе“ е откупена од земјоделците. Во неговото село, забележува дека ако жетвата траела во просек меѓу 12 до 15 дена, годинава завршила за само седум дена. Неговата пченица му ја откупиле за 19 денари за килограм, веднаш по жетвата. Оние земјоделци кои чекале подобра цена, сега зеле помалку, по 17 или 18 денари.

Војната во Украина - светот во криза со храна
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:13 0:00

Синани, кој е дел и од Нацоналната федерација на фармери, а своевремено имал и пекара во Битола, е дециден дека и годинава земјоделците работат „за да се збогатат млинарите и пекарите“.

„Од едно кило брашно, кога ќе му додадеш вода, квасец и што треба, од кило брашно излегува 1370 грама леб. Тоа значи 3 леба од 1 кило брашно. Три леба по 50, 150 денари е кило брашно претворено во леб“, заклучува земјоделецот.

Па затоа, вели тој, неговите соседи земјоделци кои имаат стока, место за леб, пченицата сега ја користат како сточна храна, бидејќи има скоро иста цена со триците.

Пекарите најавуваат поскап леб

Но пресметката на мелничарите е поинаква од онаа на земјоделците, кога се работи за цената на лебот. Од Групацијата на Мелничко - пекарската индустрија појаснуваат дека во изминатите месеци најголем удел во цената на лебот има струјата, посебно по месец јули. Според претседателот на Групацијата, Горан Малишиќ, сериозен проблем е тоа што половината од оваа индустрија со струја се снабдува по берзански цени, што според него најмногу влијае на растот на цената на лебот. Паралелно со ова, забележува дека за 10% поскапеле пченицата и брашното на светските и регионалните берзи, а годинава мелничката индустрија годинава има откупено најмалку домашна пченица „историски гледано“.

„Како што знаете, ние како увозно зависна земја, која нема доволно пченица и брашно, ние увезуваме, така што тие зголемувања се прелеваат во суровината за производство. Тоа се основните причини за зголемување на цената што ја најавивме пред повеќе од еден месец“, вели Малишиќ.

Малишиќ - Лебот може да поскапи за 10 проценти
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:44 0:00
Директен линк

Па така, за да не поскапи уште повеќе лебот, тие бараат од владата поевтина струја.

„Владата презема чекори, одржа состаноци, сега во моментот се консултации, што очекуваме да се донесе таа одлука, така што нашата индустрија, како и другите индустрии што се за широка потрошувачка да влезат во некаков регулиран пазар со поевтина цена на електрична енергија, се со цел да се задржи нормалната цена или да се намали, како би било добро и за индустријата и за граѓаните. Се уште сме во очекување“, вели Малишиќ.

Предвидувањата на Групацијата се дека ако нема помош од државата, тогаш лебот ќе поскапи за уште 10%, во следните 30 дена.

Помош од државата бара и Синани. Догодина вели дека пченица ќе сади само на една третина од тоа што го садел годинава.

„Пченицата е стратешки производ којашто е заштитена со закон, кога е нешто заштитено со закон, тогаш на чело треба да биде државата. Сега се оди на тоа- да ти дадеме субвенции, ама ти да не можеш да ги земеш“, додава тој.

Од Владата ,во меѓувреме, најавија менување на начинот на исплаќање субвенции кај земјоделците. Така владиниот предлог предвидува основната субвенција за земјоделците кои обработуваат земјоделски површини со едногодишна култура, но и дополнителна која ќе биде врзана со остварениот принос и предавање во регистрираните домашни капацитети. Овој начин на субвенционирање веќе се воведе како пилот-проект во текот на изминатата година за сончоглед, пченица , јачмен и други стратешки култури, кои според премиерот Димотар Ковачевски дало позитивни резултати.

На ниво на најави засега е помошта за поевтина струја за компаниите од прехранбената индустрија. Првично беше најавено враќање на регулираниот пазар, ама тоа може да доведе до покачување на сметките за струја за сите граѓани. Сега пак премиерот Ковачевски најави решение откако Регулаторната комисија за енергетика ќе ги финализира пресметките.

„Овој предлог го разгледувавме и со стопанските комори, компаниите од прехранбената индустрија и индустриите кои имаат производство наменето за широка потрошувачка за граѓаните со цел да го намалиме ценовниот притисок“, истакна премиерот.

Во меѓувреме, земјоделците размислуваат дали да садат пченица, пекарите ја пресметуваат новата цена на лебот, а граѓаните сеакако ќе мора да се снајдат.

Промоција во пекара во Скопје
Промоција во пекара во Скопје

Па така, многумина успеваат да најдат леб по половина цена, ако е печен претходниот ден. Овој леб по пекарите може да се најде и по 17 денари за една векна.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG