Достапни линкови

Нови поскапувања на млекото и млечните производи?


Сточарите се жалат на високи трошоци за храна што резултира со покачена цена на откупното млеко. Тоа пак предизвика повисоки цени на млечните производи. И покрај ограничената трговска маржа се најавуваат нови поскапувања, доколку државата не им помогне на сточарите.

Ако кравји кашкавал во октомври минатата година во маркетите можеше да се купи по цена од 299 денари за килограм, сега истиот кашкавал се продава по 577 денари или речиси двојно повеќе. Енергетската криза предизвика раст на цените, меѓу другото и на млекото и млечните производи, а синџирот на поскапување започнува со цената на откупното млеко.

Прилепчанецот Рубин Кузмановски 25 години се бави со сточарство. На неговата фарма тој има 50 крави и произведува дневно од 700 до 750 литри млеко. Откупната цена на млекото, како што информира тој, е покачена пред се поради зголемените трошоци за исхрана на животните. Според него, еден килограм концентрат за исхрана сега чини колку еден литар откупно млеко, односно 30 денари.

„Трошоците ни се зголемени од 60 до 150 отсто. Работиме едноставно само за да можеме да преживееме“, вели Кузмановски.

На неговата фарма се произведува и биено сирење, кое сега се продава по 450 денари за килограм, а пред кризата било за 150 денари поевтино.

Владата за да ги спречи ценовните шокови го продолжи рокот на траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи до 31 декември. Висината на трговска маржа за трајно кравјо млеко е до 10 отсто.

Но, ограничувањето на маржата не го спречува покачувањето на продажната цена на млекото и млечните производи, туку заработката на маркетите. Затоа на пример мешано сирење кое пред една година се продавало по цена од 316 денари за килограм сега е 415 денари.

Раст на цени на сирење и кашкавал од ист производител 2021 - 2022
Раст на цени на сирење и кашкавал од ист производител 2021 - 2022

До нова година нови поскапувања

Марина Манева, која е сопственичка на млекара вели дека мерката за ограничување на маржата не дава голем резултат затоа што најголем причинител за поскапување на млекото и млечните производи е повисоката откупна цена на млекото и дополнително зголемените трошоци за струја и нафта.

„Ако се воведат мерки за помош на сточарите и на сточарството би се стабилизирала цената на откупното млеко, а со тоа би се стабилизирала и цената на млечните производи. Доколку не се случи тоа предвидуваме поскапување и до 20 проценти до крајот на 2022 година“, вели Манева.

Најголем скок на трошоците, според Државниот завод за статистика, минатиот месец во споредба со август е забележан кај сирењето и урдата за 9.9 отсто. Додека пак во рок од една година, статистиката покажува дека, млекото, сирењето и јајцата се зголемиле за 36 отсто.

За прекршување на мерките за ограничување на маржите се предвидени и казни кои се движат од 800 до 10.000 евра. Од Државниот пазарен инспекторат велат дека досега нема констатирано прекршоци, ниту пријави од граѓани по однос за непочитување на мерките за ограничување на маржата за млеко и млечни производи.

„По инспекцискиот надзор заклучено е дека цените растат поради зголемени трошоци на самите производители“, велат од инспекторатот за РСЕ.

Субвенциите задоцнети

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство пред некој ден соопшти дека е реализирана исплатата кон млекопроизводителите за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко за периодот на јуни и јули минатата година. За таа цел на 5.851 млекопроизводител им биле исплетени вкупно околу милион и 450 илјади евра. Тоа значи дека во просек еден млекопроизводител добил по 248 евра.

Кумановски вели дека државата премногу доцни со субвенциите и додава дека и покрај тоа што неговиот бизнис е фамилијарен тој е последната генерација која ќе чува крави.

„Ако не почнеше да скока цената на млекото и јас ќе ги продадев кравите“, вели Кузмановски и посочува дека таа судбина ја доживеале околу 30 отсто од сточарите.

Според последните податоците на Државниот завод за статистика лани во споредба со 2020 година, вкупниот број на говеда бил намален за 20.1 отсто. Лани пак било произведено најмалку млеко во изминатите 5 години.

Манева смета дека државата освен субвенции на сточарите треба да им обезбеди обработлива земја за сами да произведуваат сточна храна и со тоа да им се намалат трошоците.

„Тоа државата не би ја чинело ништо, а би ги стимулирала и охрабрила сточарите да продолжат со нивниот начин на работа. Имаме информација дека никој од нивните фамилии не би го продолжи бизнисот, така што ако не им се помогне, сточарството секоја година ќе се намалува, а со тоа ќе се зголемува цената на млечните производи“, додава Манева.

Владата во последниот предлог мерки за справување со енергетската криза за поддршка на граѓаните и компаниите најави и субвенции и трансфери за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор во кои се опфатени и сточарите.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска на прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски најави нов модел на субвенционирање кој до крајот на годината ќе биде преточен во програми. Со новиот модел, како што посочи, сите земјоделци ќе мора да докажат дека имаат остварено производство, а основната поддршка ќе се исплаќа авансно.





  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG