Достапни линкови

Гејмификација на екстремизмот: Војните на Балканот како видео игри


Видео-игра пренесувана на YouTube - Српска модификација за играта Arma3 - декември 2020 година

Неколку видео игри можат да се најдат на интернет кои симулираат воени конфликти во поранешна Југославија, а некои од мисиите се одвиваат на локации каде биле извршени воени злосторства. Овој тренд го покрена прашањето дали треба да бидат забранети игрите со кои се обидува да се препише историјата.

„Влезете во ров! Влезете во ров! Непријателот е таму, на 200 метри од вас, во грмушка“, вели еден глас, додека војник трча, обидувајќи се да не биде застрелан.

„Тој падна. Снајперистот се чини дека стрела од таа грмушка. Покривај ме кога ќе ја фрлам бомбата“, вели гласот. По неколку секунди, се слуша експлозија, но рафалите продолжуваат.

Годишнина од операцијата „Бура“ во Хрватска

Ова не се сцени од воен филм, туку разговор помеѓу група играчи на видео игра во која една од мисиите е да се запре операцијата „Бура“, која се случи во реалноста во август 1995 година, кога хрватските сили ја повратија само-прогласената република Српска краина.

Покрај стотиците убиени цивили, околу 200.000 Срби беа принудени да ги напуштат своите домови како резултат на операцијата, во она што беше опишано како најголем егзодус на Србите.

Неколку видео игри можат да се најдат на интернет кои симулираат воени конфликти во поранешна Југославија, а некои од мисиите се одвиваат на локации каде биле извршени воени злосторства.

Најпопуларната платформа за игри во Србија е Арма Србија, каде корисниците се собираат за да играат истовремено на интернет. Тоа е таканаречена игра во прво лице, во која играчите се борат заедно како војници од едната страна против непријателските сили.

Тие објавуваат снимки од нивните игри на истоимената платформа Јутјуб, која брои околу 2.400 следбеници.

Едно од видеата на Арма Србија се вика Операција Јашари, која симулира активности на српските сили од март 1998 година, кога еден од командантите на поранешната Ослободителна војска на Косово (УЧК), Адем Јашари, беше убиен во тридневна опсада заедно со повеќе од 50 членови на неговото семејство. Преживеа само неговата 10-годишна внука.

Косово одбележува 20 години од смртта на командантот на ОВК Јашари

„Нашата задача е да го ликвидираме Адем Јашари“, стои во описот на видеото, објавено во март 2019 година и до сега има скоро 135.000 прегледи. Во февруари 2019 година беше објавено видео од игра со наслов Операција Рачак и има скоро 70.000 прегледи.

Во реалниот живот, 45 цивили од албанска националност беа убиени од страна на безбедносните сили предводени од Србија во косовското село Рачак.

20 години од масакрот во Рачак, Косово
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:19 0:00

Масакрот предизвика меѓународен гнев и беше еден од факторите што доведоа до бомбардирањето на НАТО во 1999 година, со што заврши крвавата двегодишна војна на независноста на Косово. Масакрот не е споменат во видео играта.

Од модификацијата на видео играта Arma3
Од модификацијата на видео играта Arma3

Игрите кои се модификации познати како „модови“, се произведени од Бохемија Интерактив, со седиште во Чешка.

Портпаролот на фирмата изјави за РСЕ дека „не биле свесни дека постои таква модификација заснована врз конфликти во Косово и Босна и Херцеговина“.

„Многу загрижувачки“

Како што се зголемува популарноста на ваквите модови, а додека екстремистите сè повеќе вметнуваат елементи на видео игри во нивната пропаганда, овој тренд го покрена прашањето дали треба да бидат забранети игри со кои се обидува да се препише историјата.

Маратонско создавање видео игри по седми пат во Македонија

„Што се однесува до модовите кои имаат контроверзен амбиент на приказната, гледаме дека тие обично се создадени од корисници кои чувствуваат желба да дознаат повеќе за одредени историски настани. Тие се љубопитни. Ако тоа е навистина мотивација, тогаш мислиме дека видеоигрите можат да играат многу моќна улога во начинот на кој гледаме наназад на конфликтите во минатото - надополнувајќи ги приказните раскажани во книги, филмови и други медиуми “, вели портпаролот на„ Бохемија Интернешнл “, Корнел ван’ т Ленд. ж

Баба гејмерка со 300 илјади следбеници
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Меѓутоа, додава тој, ако некој создаде мод со идеја за ширење омраза или поттикнување насилство, „тогаш сметаме дека е многу загрижувачки“. На својата страница на Фејсбук, Арма Србија им нуди на корисниците „одлични заеднички игри со руски, грчки и други братски заедници“, додавајќи:

„Она што не можат да ви го понудат ниту најдобрите сервери, ниту најубавите модови, ниту најголемите заедници на белиот свет, е уникатно искуство на виртуелно војување рамо до рамо со српските војници ... долгогодишно искуство и квалитет на игра, со кои само нашата заедница може да се пофали“.

Алатка за екстремистите

Таканаречената „гејмификација“ се појави неодамна како тема на дискусија во врска со екстремистичкото насилство и онлајн пропагандата. Терминот влезе во поширока употреба по терористичкиот напад на синагога во Хале, Германија, на 9 октомври 2019 година, во кој напаѓачот го пренесуваше нападот во живо преку камера прикачена на раката.

Саудиска Арабија забрани видео игри поради самоубиства на деца

Си-Ен-Ен го нарече „гејмификација на теророт“, правејќи паралели со други екстремно десни напади. Екстремистичката група Исламска држава (ИД) е особено проактивна во користењето елементи од западната популарна култура - главно видеоигрите - за да ги намами потенцијалните регрути.

Еден од главните пропагандисти на ИД, Џунаид Хусеин, еднаш објави на Твитер: „Може да седите дома и да играте Call Of Duty или можете да дојдете овде и да одговорите на вистинскиот повик... изборот е ваш“.

Линда Шлегел, докторант на Универзитетот Гете во Франкфурт, која ја истражува радикализацијата преку интернет смета дека игрите можат да ги охрабрат оние кои се склони на насилство, но забележува дека ваквите случаи се ретки.

„Тоа ќе биде само мало малцинство кое е инспирирано од играта и особено од социјалното опкружување околу искуството со игри и ќе покаже промена во реалното однесување“, вели таа.

Платформи

Ѓорѓе Кривокапиќ, коосновач на фондацијата SHARE, непрофитна организација што ја следи состојбата на човековите права и слобода на интернет, за РСЕ изјави дека верува оти видео игрите - како вид на современа уметност - имаат слобода да толкуваат одредени настани, се додека ваквите толкувања не одат подалеку од законските рамки.

„Ако некој направи мод за видео игра што дава толкување на воено злосторство, треба да се гледа, според мое мислење, исто како некој да објави книга во која ќе даде толкување на истото воено злосторство“, вели Кривокапиќ, додавајќи:

„Ако таквото толкување е спротивно на позитивните законски прописи, ако тоа бара ширење на расна или верска омраза, тогаш таквата книга или игра мора да бидат забранети на начин на кој се забрануваат такви дела“.

Според Маја Зилиќ, програмска асистентка на невладината младинска иницијатива за човекови права, негирањето на воени злосторства извршени за време на војните во 90-тите години на минатиот век постои во различни форми на уметност во Србија, па затоа не е изненадувачки што такво негирање постои и во видео игри.

„Играв Call Of Duty и многу други игри и тоа не ме направи полоша личност“, изјави Зилиќ за РСЕ. „Но, ако има говор на негирање и омраза што не се осудува во јавноста, тогаш како можеме да очекуваме да бидат осудени во игра што не е толку позната за јавноста? Како што едно лице коментираше на едно од видеата со игри на ЈуТјуб: „Поминав 15 месеци во војна во Косово. Не мислам дека тоа е како игра“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG