Достапни линкови

Зачувување на животната средина со видео игри


Проект „Видео игротека“ на УМПАКИ Скопје
Проект „Видео игротека“ на УМПАКИ Скопје

Тројца осмооделеници се наградени за концепти за видео игра на тема „Зачувување на животната средина“. Наградените концепти за игри се „Valley of sprouts“ (Долина на никулци) и „Haunted house“ (Опседната куќа).

„Екологијата е тема која е актуелна и етичкиот однос кон животната средина е клучен за развој на едно општество, култура и економија. Македонија е една од најзагадените земји во светот и тоа е тема која што ги тангира сите, не само младите. Сметаме дека е особено важно да се развие однос кон животната средина и да се создадат еколошки навики кај младите бидејќи без такви навики колку и да се инвестира во подобрување на таа ситуација (филтри на оџаци, регулативи и сл.) ништо нема да значат и нема да имаат ефект ако не се применуваат. Дури сметаме дека екологија како тема треба да биде многу поприсутна во образовниот систем во државата“, изјавија од Унија на македонски професионални асоцијации во креативните индустри – УМПАКИ Скопје објаснувајќи за темата на организираниот натпревар за концепт за видео игра.

Матеј Цветковски, првонаграден во натпревар за изработка на концепт за видео игра на тема „Зачувување на животната средина“
Матеј Цветковски, првонаграден во натпревар за изработка на концепт за видео игра на тема „Зачувување на животната средина“

Осмооделенецот Матеј Цветковски од Радовиш е добитник на прва награда за изработка на концепт за видео игра на тема „Зачувување на животната средина“ во рамки на проектот „Видео игротека“ во организација на УМПАКИ Скопје.

Играта „Valley of sprouts“ е замислена како видео игра која се одвива во иднината каде луѓето, како што објаснува авторот, „се преселувале од големите градови во рурални места заради многу ѓубре, загадување и недостаток на растенија“.

„Играта е sci-fi и puzzle genre. Треба да користиш едно од четирите растенија за да ги поминеш разните нивоа во играта. Идејата за овој концепт на игра ми дојде бидејки темата беше „Заштитување на животната средина“, а еден од моите најомилени филмови е WALL-E, имаше слична порака. Па затоа направив игра кадешто има сличен амбиент на WALL-E. Додадов нова приказна, нови карактери и поразличен амбиент. Јас многу сакам да правам game design на хартија па некои од овие идеи за игра беа измислени дури пред да се реализира работилницата за видео игри преку УМПАКИ, каде всушност дознав за конкурсот “, објасни Цветковски, кој откри дека омилени игри му се „Мајнкрафт“, „Капхед“ и „Фолаут“.

Првонаградениот концепт за видео игра на тема „Зачувување на животната средина“
Првонаградениот концепт за видео игра на тема „Зачувување на животната средина“
Првонаградениот концепт за видео игра на тема „Зачувување на животната средина“
Првонаградениот концепт за видео игра на тема „Зачувување на животната средина“

Тричленото жири составено од Гораст Цветковски, Саша Станишиќ и Петар Котевски, одлучи да додели и втора награда – гејмпад на осмооделенецот Петар Жантевски и шестооделенецот Максим Ѓоргиев за нивниот заеднички концепт за играта „Haunted House“.

Нивниот концепт е играчот да ја спаси шумата во која дух од изгубено дете пали пожари низ шумата.

„На почетокот на Петар му дојде идеја да направиме хорор игра каде гори шумата и треба да се спаси. Тој играл некоја слична хорор игра со чудовиште и тоа му беше инспирација на Петар. Но, јас не сакам хорор игри и да нема изненадувачки страшни моменти, па идејата ми беше да смислиме приказна за играта слична на таа, но да не биде хорор. И потоа ја создадовме играта, така што јас го пишував текстот, а Петар го црташе тоа што јас го имав напишано“, објасни Ѓоргиев.

Жантевски откри дека идејата му дошла од играта „The Forest“ (Шумата), која е една игрите кои најмногу ги игра. Останатите се „GTA5“ и „Unfortunate Spacemen“. Додека Ѓоргиев најмногу ги игра „Minecraft“, „Fortnite“ и „Among us“.

Второнаградениот концепт за видео игра на тема „Зачувување на животната средина“
Второнаградениот концепт за видео игра на тема „Зачувување на животната средина“
Второнаградениот концепт за видео игра на тема „Зачувување на животната средина“
Второнаградениот концепт за видео игра на тема „Зачувување на животната средина“

Од УМПАКИ открија дека очекувале поголем интерес, но истакнаа дека е „најважно што сите проекти беа многу квалитетни и жирито имаше навистина тежок избор да одбере два најдобри“. Тие прават напори наградените концепти за игри да се реализираат.

„Во комуникација и контакт сме со поголемите студија во Македонија за развивање игри и се надеваме дека од наредните години победничките концепти ќе добијат логистичка и професионална поддршка за понатамошен развој на проектите. Секако ги охрабруваме и годинашните пријавени учесници како и сите идни да веруваат во своите идеи и да не се откажуваат, а ние сме тука за нив да им помогнеме колку што можеме“, велат од УМПАКИ.

XS
SM
MD
LG