Достапни линкови

Старо-нови ветувања на Владата


Составот на нова Влада.
Составот на нова Влада.

Новата Влада во својата програма за 2020-2024 има препишано дел од ветувањата од претходниот мандат, а некои воопшто не се остварени. Некои пак се делумно остварени, како покачувањето на платите, но останува да се реализираат во наредните 4 години.

На 54 страници е испишана визијата на СДСМ, ДУИ и ДПА за тоа како ќе изгледа работата на коалициските партнери во новата Влада во наредните 4 години. Главниот фокус во владината програма е ставен врз економијата, која е најпогодена од последиците на пандемијата со коронавирусот, а потоа и на здравството и животната средина.

СДСМ со коалицијата „Можеме“ на предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 15 јули, освои најмногу пратенички места, 46. ДУИ беше победник кај албанскиот електорат со 15 пратенички места, а ДПА освои еден пратеник, што беше доволно за фомирање на тесно парламентарно мнозинство од 62 пратеника. На 30 август беше избрана и новата Влада и потврдена нејзината програма.

Старо- новата Влада за разлика од претходниот мандат, овој пат понуди програма потенка за 4 страници, но некои од ветувањата се препишани и иако биле ставени на хартија во 2017 година, останува да се исполнат до 2024 година.

Повисоки плати

Повисока минимална и просечна плата беше едно од главните ветувања на претходната Владата на добро познатите коалициони партнери СДСМ и ДУИ заедно со Алијанса за Албанците, која сега е во опозиција.

„Подигнување на минималната плата на 16.000 денари (до крај на мандатот) и обезбедување на поголема заштита на работничките права. Дел од мерките ќе стимулираат исплата на повисоки плати со цел просечната нето плата во Република Македонија да порасне до 30.000 денари“, се наведува во владината програма за 2017-2020 година.

Факт е дека минималната плата порасна, но на 14.500 денари или 1500 денари помалку од предвиденото. Порасна и просечната плата на 26.867 денари, но и тука недостасуваат неколку илјади денари за да се стигне до ветените 30.000 денари.

Во новата програма повторно се најавува раст на платите, само овој пат во проценти.

„Раст на минимална плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40% и раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30%, во зависност од должината и влијанието на епидемијата врз светската и домашната економија“, предвидува владината програма за 2020-2024 година.

Имаме план за иновативна, стабилна конкурентна македонска економија, подготвена да одговори на новите предизвици и да понуди шанса за секој, порача премиерот Зоран Заев во неговото експозе пред Парламентот, презентирајќи ја владината програма.

„Нашите цели се јасни, 20.000 денари минимална плата и 34.000 денари просечна плата до крајот на четиригодишниот мандат“, изјави тој.

За опозицијата ветувањата на Владата се стари и истите оние кои не биле исполнети. „Ништо ново, ветуваат просечна плата од 600 евра кога неисполнија ветување од 500 евра. Па во меѓувреме, од митинзите пред избори до вчерашната собраниска седница си го намалија сопственото ветување па ветуваат 570 евра просечна плата, која исто така најверојатно нема да ја исполнат“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција.

Приоритетот останал ист и за поддршката за домашните претпријатија, при што и пред три години и денес се наведува дека ќе се овозможи основање на фирма со минимален износ на основна главнина од 1 евро. Додека пак фирмарината најпрвин требало да биде намалена за претпријатијата со помалку од 5 вработени. Сега пак се најавува целосно нејзино укинување за првите две години за сите новоосновани компании.

Од почетокот на епидемијата досега, според Агенцијата за вработување, отпуштени биле 11.734 лица. Од Владата ветуваат и стабилна стапка на невработеност за време на корона кризата. По нејзиното завршување целта и е да се постигне едноцифрена невработеност. Во однос на социјалната политика, стапката на сиромаштија која, според предвидувањата, не се намали на 16 проценти во 2020 година, сега Владата ќе се обиде да ја достигне до 2024, овој пат со акцент на детската сиромаштија.

Повторно ќе овозможува и флексибилен пензиски систем со можност за предвремено пензионирање до максимум 5 години пред остварувањето на правото на пензија.

Граѓански приоритети: економски развој и екологија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:39 0:00

Инфраструктура

Плановите за инвестиции во патната инфраструктура се подеднакво амбициозни како и претходниот пат, бидејќи некои од автопатите се уште се во изградба, како Кичево-Охрид и Скопје-Блаце. Во 2017 година била најавена изградба на 600 километри автопатишта и експресни патишта, 550 километри магистрални и регионални патишта и 1.000 километри локални патишта. Од 2020 година ќе се градат 560 километри автопати и експресни и регионални патишта потоа 950 километри локални патишта и рехабилитација на патишта во должина од 1500 километри.

Во однос на железничката инфраструктура се повторуваат проектите за електрифиција на пругата Скопје–Скопје Север–Ѓорче Петров–Волково-Блаце и изработка на целосна техничка документација Кичево-Охрид-Струга и Кичево до Лин, како и изградбата на пругата Куманово-Бељаковце-Крива Паланка-Деве Баир.

Здравство

Основните плати на сите здравствени работници ќе бидат двојно зголемени до крајот на мандатот, ветила Владата во 2017. Но, во рок од 3 години за 50 проценти им беше зголемена платата само на лекарите специјалисти, додека пак на медицинските сестри за 33 отсто, на општите лекари за 29 проценти, а на здравствените соработници за 15 отсто. За здравствените работници и нивните соработници кои се први на удар од пандемијата на коронавирусот сега се предвидува зголемување на платата секоја година до 10 отсто.

Никако да започне и изградбата на нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје кој се ветува години наназад и кој треба да обезбеди високо квалитетна здравствени услуги на населението во целата држава.

Не се замени ни системот „Мој термин“, преку кој се закажуваат лекарски прегледи и интервенции, со друг систем, согласно најавите во владината програма во 2017 година, кој ќе гарантира брза и квалитетна здравствена заштита на секое ниво, со точно утврдени рокови и обврски.

Животна средина

За разлика од минатата во новата програма има посветено многу повеќе внимание на животната средина. Програмата е далеку проширена и надградена, но Владата она што го вети претходно не го исполни како ревидирање на одлуката за увоз на стари возила со цел да обезбеди пониско ниво на емисии во воздухот од сообраќајот, а не беше формиран ни Фонд за животна средина, која не е дел во новата програма.

Она што е оставено да се разлизира со новата програма, иако било дел од старите планови е дека Владата повторно најавува дека ќе работи на интегрирана регионална инфраструктура за собирање и третман на отпадот, со акцент на одделно собирање, на местото каде се создава отпадот, на материјали кои може да се рециклираат, како и на третман на биоразградливиот отпад. Воедно годинава треба да се донесе и Националниот план за превенција на отпад.

Во двете програми Владата ги навела и своите планови за образованието, правосудството, администрацијата, европската интеграција на земјата, земјоделството, културата и спортот.

Во политиката, исполнувањето на ветувањата дадени пред почетокот на извршувањето на задачата добиена директно од граѓаните, го определуваат интегритетот на личноста на крајот од мандатот, рече Заев пред Парламентот, кој сега има дополнителни 4 години за остварување на некои од старите, но и на новите зацртани цели.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG