Достапни линкови

Платите растат, ама далеку се ветуваните 500 евра


Илустрација
Илустрација

Со политички одлуки на владата само во овие неколку месеци треба да им се зголемат платите на над 200 илјади вработени. Експертите со кои разговаравме се скептични дека тоа ќе биде доволно за просечната плата да ги достигне ветуваните 500 евра.

Покачувањето на минималната плата и субвенционирањето на придонесите за пензиско и здравствено осигурување за оние кои ќе ги покачат платите, како и зголемувањата во образованието и во здравството значително ќе ја зголемат просечната плата во наредните месеци, но сепак, тешко веројатно дека ќе достигне до ветуваните 30 илјади денари.

Просечната плата во изминативе две години е зголемена за 2.600 денари и во ноември била 25.787 денари, додека минималната плата порасна за 5.500 денари и сега е 14.500 денари, покажуваат последните податоците на Државниот завод за статистика. Владејачкиот СДСМ ветуваше дека до крајот на мандатот минималната плата ќе достигне 16 илјади денари, додека просечната плата ќе биде 30 илјади денари.

Според податоците што ги презентира владата, само во последните два месеци од претходната и во првите два месеци од оваа година, најмалку 250 илјади вработени ќе добијат покачување на платата.

Поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев, вели дека платата еден ден ќе достигне 500 евра, но тоа нема да биде во мандатот на оваа влада, а треба да се има предвид дека 500 евра сега и пред четири години не вредат исто. Тој вели дека не се доволни само административни мерки за раст, туку тој треба да биде резултат на растот на продуктивноста и на здрав договор за поделба на профитот меѓу работниците и работодавачите. Има простор за раст, зашто уделот на платите во профитот е понизок од европскиот просек, вели тој.

„Затоа владата, сакајќи да постигне политички резултат, сакајќи да влијае на изборното тело, го тера овој процес повеќе на мускули, отколку врз основа на здрави анализи и на здрави економски политики“, вели Гошев.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека ветувањето за просечна плата од 500 евра било преоптимистичко од самиот почеток. Политичките реформи се најважни економски мерки, категоричен е Хајредини.

„Ќе биде економска таа година кога ќе се изврши реформа на администрацијата и на судството, таа ќе биде најекономска година. А прогласување имавме, еве Анѓушев најавуваше дека ова ќе биде економска година, а ваму ние имаме предвремени избори. Кому му е денес економијата приоритет на ранг-листата? Сите овие зголемувања сега на минимална плата итн., сето тоа е во функција на поткупување на избирачите за наредните избори на 12 април“, вели Хајредини.

Од друга страна, доскорешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, неодамна на Фејсбук напиша дека со покачувањето на минималната плата и со субвенциите за покачување очекува просечната плата да дојде „многу блиску“ до ветуваните 30 илјади денари.

Од декември почна да важи зголемувањето на минималната плата од 12.500 на 14.500 денари, а беше соопштено дека тоа ќе опфати 90 илјади вработени.

Од ноември, пак, почна да важи и законот со кој владата ќе ги субвенционира придонесите за фирмите што ќе им ја покачат платата на вработените меѓу 600 и 6.000 денари. Во владата ни одговорија дека со оваа мерка за само два месеци им била покачена платата на 106 илјади работници во 20 илјади фирми, но не кажаа колкаво е просечното покачување за овие вработени.

„Благодарение на оваа, последно донесена мерка, само во декември скоро 304 илјади работници земале плата над 18.500 денари, што е 70 отсто од вкупниот број вработени во приватниот сектор“, велат во владата.

Владата исто така од почетокот на годинава ги зголеми платите во образованието за 10 отсто, а од овој месец се покачуваат и платите во јавното здравство меѓу 5 и 25 отсто, со што поголеми плати ќе добијат околу 50 илјади вработени.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагира дека македонските граѓани земаат најниска просечна плата во регионот и една од најниските во Европа.

„Вештачкото покачување на минималната плата не е доволно. На големо се зборува дека илјадници граѓани кои земаат субвенцинионирана минимална плата го враќаат делот од плата субвенциониран од државата назад кај работодавците“, стои во едно од соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG