Достапни линкови

Можен ли е нов бран на отпуштања наесен?


Градежни работници
Градежни работници

Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска вели дека најлошото поминало и очекува стабилизација на пазарот на труд. Но, за разлика од неа, економскиот аналитичар Арбен Халили не ја исклучува можноста од нови отпуштања доколку повторно бидат воведени рестриктивни мерки.

Во Агенцијата за вработување од почетокот на пандемијата со коронавирусот од март до крајот на јули се регистрирани 11 734 невработени лица, но оттаму не очекуваат таквиот тренд на отпуштања да продолжи и наесен. На најголем дел од отпуштените или околу 48 насто им завршил договорот на определено време, потоа речиси 24 проценти се со спогодбен престанок на работниот однос, над 10 отсто дале отказ, а над 7 проценти добиле отказ од работодавачот. Додека пак 5 насто добиле отказ поради деловни причини, еден отсто поради стечај, 0,7 проценти поради престанок на дејноста, а скоро 3 проценти од други причини останале невработени.

На прашањето дали се очекуваат нови отпуштања доколку се воведат нови рестириктивни мерки согласно најавите на министерот Венко Филипче кој не ја исклучи такавата можност во зависност од ситуацијата со епидемијата, директорката на Агенцијата за вработување Блијана Јовановска во интервју кое во целост ќе го емитуваме в недела вели дека најлошото поминало.

„Понудата и побарувачката на пазарот на труд и во ковид кризата беше во едно големо движење. Значи имавме денови кога побарувачката на работна сила, односно огласените слободни работни места достигнуваа и до осум илјади. Некогаш беа 400 илјади. Значи просекот беше 6000 слободни работи места. Движење верувам дека ќе има. Но, според мене ќе се стабилизира целата ситуација и оној најстрашниот, според мене, период го надминавме. Јас очекувам да имаме една стабилности и движење во нагорна линија, односно позитивна линија во делот на пазар на труд и во делот на вработувања и намалување на невработеноста“, вели Јовановска.

Најголем дел од отпуштените се од преработувачката индустрија или речиси 40 отсто, потоа скоро 20 отсто од трговијата на мало, како и околу 9 проценти од дејноста објекти за сместување и сервисни дејности со храна. Над половина се со непотполно или завршено средно образование, 25 отсто се без образование или со основно образование, а речиси 18 проценти од оние што останале без работа се со вишо или високо образование. Скоро половина од нив се на возраст од 30 до 49 години, по нив со 27 проценти се на возраст над 50 години, а најмладите на возраст до 29 години ги сочинуваат останатите 25 отсто.

На пазарот на труд најмногу се бараат општи работници, продавачи и келнери, а потоа хигиеничари, возачи на камиони, товарни возила, автобуси и такси, како и градежни работници, работници во сферата на информатичките технологии и машински и градежни инженери.

Бројките засега не се задоволителни, вели економскиот аналитичар Арбен Халили.

„Со оглед на изјавата на министерот, која верувам се заснова на реалната состојба што се случува на терен, тоа подразбира дека дефинитиво ќе има потреба од нови заштитни мерки, кои секако и фирмите ќе треба да ги обезбедат со цел да ги заштитат нивните работници. Од друга страна, ако се преземат некои поригорозни мерки, односно да се спречи одење на работа со воведување на некој полициски час и сл, секако дека тоа негативно ќе влијае врз стопанството и на целата економија. Тоа секако ќе подразбира и отпуштање на работници, бидејќи за жал фирмите нема да може да ги покриваат оперативните трошоци доколку поголем број од нивните пријавени работници нема да може да бидат на работа“, вели Халили.

Работните места „висат“ без владина помош

Владата обезбеди 555 милиони евра за справување со кризата предизвикана од ковид-19, а дел од средствата беа за одржување на ликвидноста на компаниите. Повеќе од 22 илјади компании со 122 илјади вработени добија владина помош за исплата на минимална плата за месеците април, мај и јуни за да не отпуштаат вработени и да ги зачуваат работните места.

Хелсиншкиот комитет за човекови права информираше дека во периодот од 10 март до 30 јуни годинава биле регистрирани 197 случаи на повреди на правата од работен однос, кои се однесувале на вкупно 2.723 работници, а над 60 отсто од пријавите се однесувале на работнички со што кризата добила и родова димензија.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 13194, бројката на оздравени пациенти е 9752, на починати е 554, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2888.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG