Достапни линкови

Ветено (не) исполнето - две години влада


Премиерот Заев Заев и министрите во Владата на дебатата „Две години Влада“

Власта се фали со повеќе пари за ѓраѓаните, опозицијата критикува, заменици министри си поднесуваат оставки поради незадоволство, дел од јавноста разочарана од владината "метла". Електоратот е разочаран од потфрлувањето во три столба, велат аналитичарите.

Речиси целосна власт - извршна, локална и претседател, решен спор за името, постигнат договор со Бугарија, извесно членство во НАТО, неизвесен датум за ЕУ, реконструкција која разочара дел од јавноста, дел нереализирани, а ветени мерки и тековна кампања финансирана од СДСМ со наслов “одговорно пред граѓаните, две години влада”. Накратко ова е атмосферата 25 месеци од стапнувањето во владата на тимот предводен од Зоран Заев .

Дел од незадоволството на електоратот кон Владата не се однесува на нереализираните мерки од програмата, туку на незадоволството од други, поглобални параметри, оценува политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

“Првото е владеењето на правото, кое се уште не е испорачано во онаа мера во која критичката јавност очекуваше од владата, бидејќи тоа беше една од главните причини поради која претходната влада падна, второ е динамиката на реформите, односно приближувањето кон евроатланските интеграции и третото, се разбира, се економските параметри”, вели Арсовски.

Се уште нема правда

Во програмата на владата 2017-2020 има неколку работи кои не се исполнети, а рокот кој го навеле изминува. Меѓу нив на пример се наведува дека уште во првата година од мандатот, односно во 2017 година ќе се иницира процес на именување на Главниот преговарач со ЕУ по можност избран со консензус меѓу власта и опозицијата. Идната година во 2018 владата го назначи вицепремиерот Бујар Османи за главен преговарач со ЕУ без да има информации дека е избран со консензус со опозицијата.

Владата во својата програма се обврзува и дека ќе предложи во Собранието да се формира „Фискален совет“ во кој ќе има истакнати експерти кои ќе го оценуваат кредибилитетот на фискалната политика, но и ова се уште не е направено.

“Владата итно ќе предложи продолжување на рокот во кој СЈО може да покренува обвиненија како и заштита на сведоците”, ветува владата во 2017 година, а законот со кој треба да се реши иднината на СЈО се уште се преговара.

Во програмата објавена на интернет страницата на владата се ветува и дека целосно ќе се посветат на “расветлување на Кумановските настани од мај 2015 година и откривање на иницијаторите и позадината на целиот случај”. Ова се уште нема никава разврска исто како и расчистувањето на „Сопот“, „Бродец„, смртта на Мартин Нешковски и на Никола Младенов и „Монструм” кои се спомнати во владината програма.

Дали се парите кај граѓаните?

Еден од реализираните столбови, пак, со кои се фали Владата е под наслов ”Парите кај граѓаните”. Во тој дел ги споменуваат пораснатата минималната плата, повисоките плати за вработените во здравството, образованието,одбраната, културата, полицијата, пораст на пензиите, воведување на евтина тарифа на струјата, намалување на ДДВ за парно греење, драстично намалување на казните и на трошоците за нотари, извршители , повратнаперсоналниот данок и 30% поевтина нафта за сите земјоделци, пораст на социјалната помош, повратот на 15% од платен ДДВ за секој граѓанин и редица други.

Се уште е рано да кажеме дека ефектот од сето сме го почувствувале вели Пеце Груевски претседател на Синдикатот на Управата, правосудните органи и здруженија на граѓани. Тој поздравува дел мерки како зголемувањето на платите, но нагласува дека тоа не е во договор со синдикатот, па вели испаѓа како владата да им дава подарок.

“Направен е некаков исчекор и во поглед на плати и на социјален дијалог но мислам дека и социјалниот дијалог не е на тоа ниво кое треба да биде”, вели Груевски.

Една од најголемите критики од опозицијата владата ги трпи за ветувањето за просечна плата од 500 евра. Во програмата на СДСМ за предвремените парламентарни избори се наведува “Гарантираме повисоки плати. Просечна плата до 30.000 денари”, а во програмата на Владата пак тоа се образложува дека дел од мерките ќе стимулираат исплата на повисоки плати со цел просечната нето плата да порасне до 30.000 денари.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG