Достапни линкови

Премиерско “метличенце” место најавената “метла”


Драган Спасов Дац му дава метла на Зоран Заев на трибината во Карпош

Реконструкцијата не ги задоволи критиериумите кои самиот премиер ги кажа како услов, коментираат дел аналитичари, сугерирајќи дека сепак треба да се почекаат и промените во пониските ешалони.

По два месеца очекување, прогнозирање и претпоставки премиерот Зоран Заев ја објави реконструкцијата, која, според првичните реакции на социјалните мрежи, разочара дел од јавноста.

“Ако ти не се наметнуваш, некој корумпиран хоштаплер ќе се наметне и ќе работи против тебе”, напиша Бранимир Јовановиќ, поранешниот советник на министерот за финансии Драган Тевдовски по одлуката тој да биде сменет.

“Мислев дека "метлата" требаше да ги фати оние кои работеа за личен интерес наместо за јавниот, оние кои местеа милионски тендери, оние кои трошеа државни пари, а ништо не работеа...”, напиша Јовановиќ.

На социјалната мрежа Твитер реагираше и професорката Јасна Котеска, таа за одлуката премиерот Заев да биде и министер за финансии.

“Ако не па и ректор и пекар и заболекар и поглавар на МПЦ и на МКЦ, конечно идеално решение, може за се' да го ставиме”, напиша Котеска.

“Метлава стана метличенценценце”, реагираше на својот профил Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии.

“Малце смешно е колку се игра на картата дека еден просечен гласач има сеќавање колку една риба...или пораката не беше не беше доволно јасна, еве не знам”, напиша Трајкоска.

Оние, пак, кои се задоволни од одлуката на премиерот коментираат во насока на поддршка давајќи му целосна доверба да ги врши двете функции.

“Што се однесува до мене нека биде човек за се, подобро ќе сработи сам отколку сите околу него”

Исходот од најавениот потег на Заев по првиот круг на претседателските избори во април всушност донесе една рокада- Садула Дураку од животна средина замина во новото министерство за политички систем, беа пополнети испразнетите министерски позиции во земјоделство и во култура, а со владата се збогуваа четворица министри- Драган Тевдовски од финансии, Сухејл Фазлиу од локална самоуправа и двајца министри без ресор Зоран Шапуриќ и Хазби Лика.

Потфатот кој премиерот го најави, пак, по изборите како разбрана порака од граѓаните според неговите зборови требаше да се одвива врз критериумите: “ароганцијата, неисполнувањето на одредени очекувања, неагилниот однос на одредени носители на високи функции, непотизмот”.

Реконструкцијата не ги задоволи очекувањата кои произлегуваа од кажаните критериуми, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

“Но сепак мислам дека треба да се почека целиот процес да заврши оти не е само до владините ресори измената, таа таканаречена метла, туку и до јавните претпријатија и пониските ешалони”, вели Муслиу.

По реконструкција на Владата, Заев ги најави промени во вториот и во третиот ешалон, со кои ќе биле опфатени директори и членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија. Тој претходно како партиски претседател направи промени и во СДСМ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG