Достапни линкови

Не е прашање дали, туку кога ќе почнат преговорите со ЕУ


Натпис Република Северна Македонија, македонско знаме и знаме на ЕУ

За амбасадорот на Германија Северна Македонија испишала успешна приказна на Западен Балкан, а за амбасадорот од Франција земјава направила голем чекор, но треба да се фокусира на суштинското- вистински спроведената работа. Двајцата учествуваа на дебатата на Националниот совет за евроинтеграции.

Уште свеж за дебата низ различните погледи на власта и опозицијата за тоа каква порака е заклучокот на Советот на ЕУ за датумот да одлучи најдоцна до октомври, амбасадорите на Франција и Германија од македонското собрание порачаа дека Северна Македонија е на добар пат. Седницата на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието ги донесе амбасадорите, власта, опозицијата и невладниот сектор.

Имаме јасна европската перспектива за Северна Македонија, а земјата и надворешно и внатрешно ги исполни значајните предуслови, рече амбасадорот на Германија Томас Герберих. Тој нагласи дека изминатите две години сите реформски закони биле донесени.

“Убеден сум дека оваа година ќе може да има само една одлука. Тоа е да се започнат пристапните преговори за Северна Македонија согласно препораките на Европската комисија. Значи прашањето повеќе не гласи дали, туку кога тоа ќе се случи”, рече Герберих.

Францускиот амбасадор Кристиан Тимоние, пак, даде забелешки- за бавното градење на помирувањето, за владеењето на правото, за спроведувањето на донесените закони.

И на јавното мислење во Франција му се потребни сигнали дека политичкото општество реално се менува и дека западниот Балкан нема да донесе дополнителни потешкотии во еден систем во кој веќе има многу грижи, рече Тимоние.

“Беа направени чекори напред, останува уште работа и наредните месеци кои што се дадени до есен може да служат како повод за да се испорачаат дополнителни докази за вашиот капацитет да се реформирате и корисно да ги отворите преговорите”, рече Тимоние.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи рече дека очекувањата на владата за датум овој јуни се темелеле врз минатогодишниот заклучок на Eвропскиот совет во кој се наведуваше дека прецизна рамка ќе дадат годинава. Сегашното одложување е од технички причини, вели тој, споменувајќи ја процедурата во германскиот Бундестаг.

“Јасно во заклучоците се гледа консензуалната волја на сите земји членки на ЕУ дека Северна Македонија ги исполнила условите и треба да ги отвори преговорите. Ако го прочитате текстот, земјите членки, нашите партнери бараат и објаснуваат дека поради технички причини земјите членки не може да ја донесат одлуката сега и дека дебатата за нас на оваа седница е исцрпена. Дебата се водеше, но во суштина немаше дебата за Северна Македонија бидејќи е консензуална одлука на 28 земји членки да се отворат преговорите”

Претседателот на советот, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Никола Попоски смета дека има две клучни пораки, едната од Берлин која ни вели „да“ членство, но не веднаш, туку малку подоцна и другата од Париз која ни вели „да“ членство, но не вака, прво мора да се реформира и смени ЕУ. Попоски даде и негови препораки што може да се направи во иднина.

“Малку помалку закони, низ годините се претворивме во печатница на закони, а малку повеќе примена, помалку маркетинг, тоа ние проблем оти имаме повеќе забави организирано за почеток, за тунели итн, отколку што имаме реформи во пракса спроведено и дефинитивно нешто што зависи само од нас- промена во култура и јавна свест”, рече Попоски.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски и Антонио Милошоски имаа забелешки. Димовски нагласи дека опозицијата била консктруктивна и учествувала во реформите потребни за ЕУ и покрај тоа што како што вели биле под секојдневен прогон, а Милошоски бараше одговорност од власта за како што ги нарече лажните вести дека годинава ќе сме добиеле датум.

Претставникот на Католичката црква Драган Ѓоргиевски забележа дека не биле вклучени во процесите за законите како оној за прекин на бременоста или за ратификацијата на Истанбулската конвенција, за кои имале што да кажат. Тој побара од собраниските служби пристап до јавните дебати и расправи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG