Достапни линкови

„Метлата“ донесе пет нови министри, Заев покрај премиер стана и министер


Илустрација, Премиерот Заев Заев и министрите во Владата на дебатата „Две години Влада“

"Метлата" најавена во април по првиот круг претседателски избори, во јуни донесе промени во неколку министерства, а како најголемо изненадување се смета одлуката на премиерот Зоран Заев тој да биде и министер за финансии. Реконструкцијата се очекува неделава да биде на собраниски дневен ред.

Финансии, животна средина и просторно планирање, локална самоуправа, култура и министерството за политички систем и односи меѓу заедниците се клучните ресори во кои ќе бидат заменети функционерите, соопшти денеска премиерот Зоран Заев од Валандово Тој изјави дека предлогот за владината реконструкција го доставил до Собранието. Клучна промена е направена во министерството за финансии каде што на местото на досегашниот министер Драган Тевдовски ќе застане премиерот, при што не ја исклучи можноста да го води министерството задолжено за државната каса до следните парламентарни избори.

„„Обврската за министер за финансии, покрај премиерската функција ќе ја вршам јас одреден период. Оваа одлука ја донесов заради тоа што оваа година ќе биде година за економијата. Влегуваме комплетно со сите свои перформанси. Тевдовски останува да работи околу мене, веројатно и како советник во тој дел. Следуваат храбри решенија и храбри одлуки, каде бенефит треба да имаат сите граѓани и во делот на социјалниот аспект и во делот на земјоделието и пензиите и платите. Кога веќе се решени сите големи политички прашања на нашата земја останува да го зголемиме економскиот стандард, изјави Заев.

Како причина за оваа промена Заев изјави дека откако се решени сите големи политички прашања останува како обврска на Владата да го зголеми економскиот стандард и главна задача е раст на платите, пензиите и капиталните инвестиции за подиректна осетлива благосостојба за сите граѓани .

„Главна задача е порастот на платите, не само во делот на здравството и здравствените работници. Од септември и на голем дел и на целата јавна администрација се качуваат платите. Сакаме да направиме квантен скок на севкупното зголемување на платите. Овде ќе преземеме одредени чекори, кои треба дефинитивно да го направат квантното чекорење кон подобро и повисоко ниво на севкупните нето плати кои се земаат во Република Северна Македонија“, изјави Заев.

Новата метла е ветер и магла за купување време и огромно разочарување, оцени опозициската партија ВМРО- ДПМНЕ по соопштување на предлогот за владина реконструкција кој е доставен до Собранието. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоиловски изјави дека промената на владината структура е само козметичка смена со која нема да има промена во работата на како што вели, „неспособна влада“.

„Бидејќи аболициран криминалец за финансиски криминал Зоран Заев ќе биде министер за финансии со што кланот Заеви се чекор поблиску до парите во буџетот. Но барем една работа ќе биде јасна, а тоа е дека Заев и СДСМ за своите погубни економски политики веќе нема да може да се вадат на министерот Тевдовски, туку лично Заев ќе биде одговорен за економската катастрофа која што во континуитет се случува“, изјави Стоилковски.

Тој додава дека со тоа што во Владата и натаму остануваат министрите за здравство, за внатрешни работи, за вицепремиерот за економски прашања и министерот за надворешни работи, покажува дека не се прават суштински измени.

Покрај оваа промена во финасискиот сектор, смена има и во министерството за земјоделство, каде на испразнетото министерско столче ќе седне Трајан Димковски кој претходно беше шеф на кабинетот на досегашниот министер Љупчо Николовски. Димковски додека СДСМ беше во опозицијата бил во Советот за земјоделство и рурален развој, а Николовски замина од позицијата оти стана генерален секретар на владејачката партија.

Досегашниот министер за животна средина Садула Дураку добива трансфер во новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. На неговото претходно министерско столче ќе седне Насер Нуредини. Нуредини е инвестициски банкар и финансиски советник за банкарство во Лондон и во Виена.

Нов министер за култура ќе биде Хисни Исмаили чие претходно работно искуство е професор на Медицинскиот факултет на Тетовскиот универзитет. Пред еден месец од министерството за култура оставка си даде Асаф Адеми. Адеми тогаш рече дека одлуката ја донеле заедно со лидерот на партијата Африм Гаши, појаснувајќи дека на 22 април побарал од него да се повлече поради здравствени причини. И Исмаили доаѓа од редовите на партијата на Гаши, Алтернатива, што значи дека министерството останува кај истиот коалициски партнер.

На позицијата министер за локална самоуправа на местото на Сухејл Фазлиу, ќе дојде лидерот на ЛДП Горан Милевски, кој досега беше пратеник од владејачкото мнозинство, а на негово според најавите ќе дојде пратеник од редовите на СДСМ.

Со реакција за смената на Фазлиу кој доаѓа од НДП на Весел Мемеди, велат дека оваа одлука е донесена без нивна согласност.

„Министерството за локална самоуправа му припаѓа на коалиционен партнер на Владата, тоа е нашата партија – НДП. Премиерот не може да одлучува без наша согласност ова министерство да му го додели на внатрешен партнер на партијата СДСМ, со кој има внатрешни проблеми, за да ги задоволи неговите коалициони партнери, а во штета на владината коалиција“, се наведува во писмената реакцијата на НДП.

Разрешени се и вицепремиерот за спроведување на рамковниот договор Хазби Лика и министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима Зоран Шапуриќ.

„Предлогот денеска ќе биде доставен до Собранието и верувам дека следната недела ќе биде ставен на дневен ред,“ изјави Заев.

По реконструкција на Владата, премиерот најави дека ќе следуваат и промени во вториот и во третиот ешалон, со кои треба да бидат опфатени директори и членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG