Достапни линкови

Трансформација на Алфите - добар потег, но зошто пред избори?


Полициска единица Алфи

Формирањето нова и поголема интервентна единица со спојување на полициските „алфи“ и единицата за јавен ред и мир треба да ја зголеми безбедноста на граѓаните. Сепак, оваа реорганизација не мораше да се прави пред избори.

Спојувањето на полициските Алфи со единицата за јавен ред и мир и единицата за асистенции во посебна интервентна единица е добар потег, кој треба да допринесе до подобрување на безбедноста на граѓаните, велат поранешни полициски функционери со кои разговаравме. Поранешниот началник Љубомир Ѓурчевски вели дека единствена мана е што потегот се спроведува во предизборен период, па во јавноста се добива впечаток дека тоа е поврзано со изборите. Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, пак, вели дека сепак треба да постои една мала специјализирана единица која ќе се бори против опасниот уличен криминал.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера рече дека се прави нова реорганизација во МВР, а фузијата на единиците е по примерот на повеќе европски земји, чија крајна цел е да има поголема видливост и активност на полицијата на терен. До петок ќе се знае кој ќе раководи со новата единица. Спасовски рече дека искуствата од другите земји покажуваат дека таму каде што има ваква единица стапката на криминалот драстично опаѓа.

Ѓурчевски оценува дека поголемата единица што ќе се формира ќе значи и зголемено физичко присуство на полицијата на терен, а со тоа и зголемена превенција на извршување на кривични дела.

„Ако полициските службеници добро се распоредат по место и време на сторување на одредени кривични дела, со самото нивно присуство тие ќе делуваат превентивно и ќе дадат резултат во намалување на криминалитетот, особено овој насилниот, односно овие пресметки на криминалните групи, коишто водат жестока борба за превласт во градот Скопје“, вели Ѓурчевски.

Тој посочува дека е лошо што ова се прави во предизборен период, па се добива впечаток дека е поврзано со изборите. Или требаше да го направат порано или да го остават за по изборите, вели тој.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, пак, вели дека потегот е добар затоа што единицата Алфи станала премногу гломазна.

„Таа во основа требаше да дејствува само кога се работи за познати криминалци, лица кои се бараат со потерница и избегнуваат апсење, значи на специфичен начин делува, меѓутоа кај нас тоа се рашири и стана една доста гломазна, којашто почна да извршува и други работи и почна да наликува на параполициска формација во државата и требаше да се трансформира. Независно од тоа, треба да остане една мала единица, „алфи“ или како ќе ги викаат, која исто така ќе работи во цивил, специјализирана само за апсење на криминалци од висок маштаб“, вели Трајанов.

Единицата „Алфи“ беше формирана во 2005 година, со цел борба против уличниот криминал. „Алфите“ беа полицајци во цивилка, користеа необележани возила и имаа задача да сузбиваат уличен и насилен криминал. Со спојувањето со единицата за јавен ред и мир, припадниците на „алфите“ се очекува да бидат прераспределени на други работни места во МВР.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG