Достапни линкови

Нервозни граѓани - насилство на улиците


Илустрација

Незадоволството од општествените случувања дел од граѓаните го истураат врз лекарите, полицајците и учителите, велат социолозите. Причините за таквото однесување експертите ги гледаат во потребата на граѓаните да се докажат некому дека се важни единки во општеството.

Тепачка во старата Градска болница, нападната медицинска сестра во Кавадарци, незадоволен пациент агресивно се однесувал кон медицинска сестра од поликлиника во скопската населба Драчево, истепан лекар од кожното одделение во тетовската болница. Ова се само дел од инцидентите кои изминативе две недели се заведени во полициските билтени за настани во болничките ходници.

Од друга страна пак, полициските билтени изобилуваат со информации за тепачки во автобуси, недолично однесување на контролори, потоа нападнати полицајци од млади луѓе, тепачки поради паркинг простор, пресметки со нож меѓу млади, како и тепачки меѓу соседи.

Незадоволството на граѓаните од општествените случувања ги прави луѓето поагресивни и нетрпеливи кон претставниците на институциите велат социолозите. Професор Илија Ацески вели дека незадоволството на поединецот од една сфера ја канализира во првата прилика со грубо физичко однесување.

„Полицајците и лекарите на пример ги доживуваат како дел од условно кажано другата страна, на пример полицаецот како дел од власта, а лекарот како некој што има одреден авторитет, и незадоволниот поединец во тој момент сака да ја покаже својата индивидуалност токму на посилниот, не на послабиот, тој на послабиот не би реагирал така. Тука лежи една матрица на однесување ако може така да се каже што доаѓа до израз“, објаснува Ацески.

Во денешниов општествен контекст, насилството е присутно на сите нивоа и не постои стабилен правен систем кој го санкционира насилството. Тоа се прелева од семејството, во училиштата, во сообраќајот, во болниците и во секој сегмент од општественото живеење. Неказнивоста на ваквото однесување му дозволува да расте предупредуваат експертите.

„Тие не го пресметале тоа дека ако негативно реагираат дека ќе бидат казнети за тоа. Тоа е проблемот, затоа така реагираат. Штом се потсмири општествената ситуација, штом запливаме во некои помирни води, мислам дека ќе се промени ситуацијата. Сега поединецот е постојано бомбардиран од телевизија, од медиуми, постојано напнат дека нешто лошо ќе се случи. Три дена да слушате вести е доволно некои информации да восприемате затоа што се случува на политичката сцена, ќе ви биде сосем доволно за невроза“, вели Ацески.

Тој објаснува дека насилството и агресијата за која сме сведоци во полициските билтени и медиуми е загрижувачка, затоа што таквото однесување е резултат на моментален ефект кој може да има сериозни последици и за жртвата и за сторителот на прекршокот.

Минатата година регистриран рекорден број на инциденти сторени од омраза

Хелсиншкиот комитет во текот на 2018 година регистрирал рекорден број на инциденти сторени од омраза, а ваквиот тренд продолжува и во 2019 година, каде што заклучно со јуни, евидентирани се вкупно 109 случаи.

Најзагрижувачки е податокот дека огромно мнозинство на жртви и сторители се млади лица, се вели во соопштението од Хелсиншкиот комитет. Оттаму потенцираат дека делата од омраза не се случуваат во вакуум, тие се насилна манифестација на предрасуди која понатаму продира во пошироката заедница. Поради тоа, неопходно е да се зајакнат превентивните мерки, меѓу другото, со преземање чекори за едукација на јавноста за вредностите на културната разновидност и инклузија, со посебен фокус на децата и младите луѓe.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG