Достапни линкови

Македонската полиција го зајакна обезбедувањето на границата со Грција


По информациите дека стотици мигранти од бегалскиот камп во Солун се упатиле кон границата со Република Северна Македонија, надлежните велат дека ситуацијата е под контрола и дека земјава е поподготвена да се справи со евентуален предизвик од нов бран на мигранти

Македонската полиција ја следи ситуацијата на македонско-грчката граница и во моментот ситуацијата е под контрола, смирува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по информациите дека стотици мигранти од бегалскиот камп во Солун се упатиле кон границата со Република Северна Македонија.

„Преку посебни планови веќе е зајакнато обезбедувањето на државната граница помеѓу Грција и Република Северна Македонија. Се работи за околу 1200 до 1500 мигранти, сега за сега колегите од Грција ја контролираат таа бројка, но секако дека ние имаме обврска да бидеме подготвени и да ја штитиме границата и евентуалната можност за влез во Република Северна Македонија“, изјави министерот Спасовски.

Сепак првиот човек на полицијата не ја исклучува можноста дека некои од мигрантите би сакале повторно да профункционира западно-балканската рута.

„Во овој дел ние соработуваме со „Фронтекс” и со државите од регионот и Европската Унија и ги следиме политиките на ЕУ во делот на справувањето со мигрантската криза и нормално дека сме подготвени да одговориме на секаков предизвик кој стои пред нас,“ категоричен е министерот Спасовски.

Според првиот човек на Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци МАРИ, Сашко Коцев, нема простор за загриженост од нов бегалски бран во земјава.

„Има информации за судири на мигранти со грчката полиција, но состојбата во моментот е под контрола. Доколку споредиме со 2015 та година моите очекувања се дека тоа нема да се повтори. Прво, државите се многу поподготвени сега, постои голема поддршка од ЕУ во врска со справувањето со мигрантската криза, а би споменал и дека и на нашата јужна граница патролираат полицајци од повеќе европски држави заедно со македонските гранични полицајци и мислам дека за разлика од 2015 година Северна Македонија, но и целиот регион е далеку поподготвен за соодветен одговор доколку се појави нов бран на мигранти“, вели Сашко Коцев.

Министерот Спасовски вели дека трендот на илегална миграција е во пораст. Минатата година, околу 16 900 мигранти се обиделе илегално да ја преминат нашата граница со Грција. Трендот е зголемен, но заштитата на границата е добра, уверува министерот Спасовски, кој потенцира дека најголемиот дел од мигрантите преминуваат по друга рута, а не по таканаречената западно-балканска рута.

Инаку денеска иницијативата МАРИ одбележува 15 години постоење. Во оваа организација членуваат Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Во изминатиот период МАРИработеше на поддршка на учесничките во постигнување на европските стандарди во делот на миграциите, азилот и бегалците. МАРИ е поддржана од министерствата за внатрешни работи и безбедносните органи под чие покровителство е всушност формирана оваа иницијатива.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG