Достапни линкови

Полицајците и разузнавачите подложни на истраги на новото СЈО


Со владиниот предлог закон СЈО се претопува со Oбвинителството за организиран криминал и висока корупција, само надградено и проширено во ингеренциите. Покрај предметите од незаконското прислушување, ќе гони и прекршители на законот од редовите на полицијата и разузнавачките служби.

Јавно обвинителство за организиран криминал и висока корупција е новото име кои произлегува од спојувањето на Специјалното обвинителство со Јавното обвинителство според последниот предлог закон на владата. Во него е наведено дека ова обвинителство ќе биде надлежно и за кривични дела сторени од лица со полициски овластувања или припадници на затворската полиција.

При спојувањето на ингеренциите на двете обвинителства во едно, во предлог законот за јавно обвинителство е наведено дека обвинителите покрај кривичните дела кои произлегуваат од неовластеното следење на комуникациите за период од 2008 до 20015 година, ќе имаат уште десетина други задолженија.

На пример ќе биде овластено да гони кривични дела сторени од луѓе со полициски овластувања. Под полициски службеници спаѓаат разузнавачи, полицајци, припадници на финансовата и шумската полиција, цариници и службеници во Министерството за одбрана кои работата на откривање и истражување на кривични дела. Тие може да бидат гонети од новото обвинителство доколку го прекршиле законот со дела надвор од службата со употреба на сериозна закана или сила што довеле до смрт, тешка телесна повреда, мачење или сурово постапување или казнување, како и за неоснована употреба на оружје.

Ова Обвинителство ќе биде надлежно и кривичните дела кои се однесуваат на изборна измама како и за злосторничко здружување за финансиски измами.

Функционерите и вработените на раководни позиции во институциите кои се огрешиле пред законот ќе може да бидат мета на истрага доколку ја злоупотребиле службената должност, проневериле пари или незаконски стекнале имот, доколку ја злоупотребиле јавната набавка или пак незаконски во неконкурентна постапка доделиле тендер или пак направиле злоупотреба на стопанството.

Во предлог законот е наведено дека обвинителството кривично ќе ги гони и попречувачите на правдата, тие што ќе вршат пристисок или присилба кон вработените во судовите, како и оние што лажно ќе сведочат.

Новото обвинителство ќе биде надлежно и истраги за финансиски измами на пари од Европската унија и за гонење на кривични дела за неовластено производство и промет со дроги сторени од меѓународна организирана група.

Претходните надлежности на Обвинителството за организиран криминал остануваат непроменети, како што се на пример кривични дела за терористичко загрозување на уставен поредок и безбедноста, учество во странски војски и полиции, здружување заради непријателска дејност, финансирање на тероризам, сите дела против државата, трговија со луѓе.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG