Достапни линкови

Досие Либија


Антивладини демонстранти се молат
Антивладини демонстранти се молат

Во услови на нови воздушни напади врз противниците на лидерот Моамер Гадафи, Меѓународниот кривичен суд во Хаг најави истрага за случувањата во земјата

Меѓународниот кривичен суд во Хаг денеска најави спроведување истрага против либискиот лидер Моамер Гадафи и членови на неговото семејство, кои се осомничени за криминал против човештвото. Првиот обвинител на Трибуналот Луис Морено Окампо, на прес конференција во Хаг, посочи дека безбедносните сили на Гадафи извршиле напади врз демонстранти кои биле на мирни протести во неколку населени места во Либија.

„Денеска, на 3 Март 2011 година, канцеларијата на обвинителот одлучи да започне истрага за сомненијата за злосторства против човештвото во Либија, од 15 февруари“, рече Окампо.

Нови воздушни напади врз противниците на Гадафи


Најавата на трибуналот се случува во услови на нови воздушни напади врз противниците на либискиот лидер во источниот дел на земјата. Силите лојални на Гадафи извршиле воздушни напади врз позициите на бунтовниците во источниот дел на земјата. До нападите доаѓа еден ден откако силите на Гадафи се обидоа да ја преземат контролата врз нафтените полиња во тој дел од земјата.

Реакции на меѓународната заедница

Додека Соединетите Американски Држави сигнализраат внимателност во врска со можноста за меѓународна воена интервнеција во Либија, Холандија и Русија се најдоа директно погодени од случувањата во земјата. Холандското министерство за одбрана денеска потврди дека тројца нивни војници биле уапсени во Либија од страна на силите лојални на Гадафи, додека се обидувале да евакуираат европски работници.

Русија, пак, можеби ќе се соочи со финансиски загуби поради немирите во северноафриканската земја. Директорот на рускиот државен индустриски холдинг Руски технологии, Сергеј Чемезов, во изјава за новинската агенција РИА Новости рече дека руската државна фирма Рособоронекспорт бележи загуби од ситуацијата во Либија кои се проценуваат на 4 милијарди американски долари. Русија неодамна ги подржа земјите членки на Советот за безбедност при Обединетите нации во воведувањето на ембарго за оружје за Либија, подржувајќи и други санкции против актуелниот режим во државата. Арпаскиот свет е главна дестинација за извоз на руско оружје.

XS
SM
MD
LG