Достапни линкови

САД: Гадафи надвор од реалноста


Американскиот амбасадор во Обединетите нации Сузан Рајс изјави дека најновите коментари на либискиот лидер Моамер Гадафи покажуваат колку е тој далеку од реалноста. Претходно, Гадафи изјави дека Либијците го обожуваат и оти би умреле за да го заштитат.

Коментарите на американската амбасадорка во Обединетите нации Сузан Рајс доаѓаат во време кога американски воени бродови и авиони се приближуваат до бреговите на Либија и откако Соединетите Држави го замрзнаа пристапот на либискиот државен имот од околу 30 милијарди долари.


„Тоа искрено, звучи како самозалажување. Тој може да се смее додека разговара со американски и странски новинари додека го масакрира сопствениот народ“, изјави Рајс.

Според неа, изјавата на Гадафи дека народот го обожува, покажува колку тој не е квалификуван да управува со земјата и колку е далеку од реалноста.
Тие ме сакаат. Целиот мој народ е со мене. Тие сите ме сакаат. Тие ќе умрат за да ме заштитат.


Претходно, Гадафи во интервју за телевизијата Еј Би Си, рече дека Западот не го разбира системот во Либија, а тоа, според него, е авторитетот на народот.

„Тие ме сакаат. Целиот мој народ е со мене. Тие сите ме сакаат. Тие ќе умрат за да ме заштитат“, изјави Гадафи.

Средба на Гадафи со новинарката на Ел Би Си Кристин Аманпур

Тој изразил изненадување поради тоа што Западот го напуштил, иако сега имал сојуз со него против Ал Каеда.

Токму Западот, според либискиот заменик министер за надворешни работи Калед Каим, стоел зад протестите во арапскиот свет.

„Сите знаат дека британската влада води кампања за менување на режимите во арапските земји. Менување на режимот е опасна работа и се коси со меѓународното право.“

Претходно во Женева се одржа министерски состанок, од кој уште еднаш беше побарано заминување на Гадафи со цел да се запре крвопролевањето во таа земја.

„Полковник Гадафи и тие околу него мора да одговараат за овие акти со кои се кршат меѓународните законски обврски. Преку нивните акции тие го загубија легитимитетот да владеат и на народот на Либија му е јасно - време е Гадафи да си замине“, изјави американската државна секретарка Хилари Клинтон по состанокот во Женева.

Таа додаде дека Соединетите Држави се подготвени да понудат секаква помош до Либијците на истокот на земјата кои се борат против силите на режимот на Гадафи.
Полковник Гадафи и тие околу него мора да одговараат за овие акти со кои се кршат меѓународните законски обврски. Преку нивните акции тие го загубија легитимитетот да владеат.


„Ниедна опција не е исклучена“, изјави Клинтон.

На низата билатерални состаноци со европските колеги во Женева, како што е соопштено, таа разговарала за можниот координиран меѓународен одговор на кризата во Либија.

Пентагон веќе соопшти дека американската војска ги прераспоредува поморските и воздушните сили околу Либија. Клинтон додаде дека се разговара и за воведување зона на забранети летови, но некои дипломати тоа го отфрлија со образложение дека насилството главно го спроведувале провладните копнени сили.

Се верува дека повеќе од илјада луѓе загинале во двонеделните нареди во Либија. Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации соопшти дека повеќе од 100 илјади Либијци ја напуштиле земјата и сега се наоѓаат во соседните Тунис и Египет.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG