„Работнички гнев“ пред Собранието: Синдикалците утре на блокада

Протест под мотото „Без договор на маса – протест на улица“ во организација на ССМ, 28 јануари 2026

Синдикалците повторно излегуваат на улица по протестот што го организираа пред две недели. Утре ќе ја организираат првата, од вкупно три најавени блокади во Скопје, за да го испорачаат барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра, но и на сите плати за 6000 денари.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) кој всушност ги организира блокадите, освен повисок минималец, бара и зголемување на сите останати плати за минимум 6000 денари или за разликата од зголемувањето на минималната плата.

„Работничкиот гнев“ како што велат од ССМ први ќе го почувствуваат пратениците.

„Најмалку по 21 работник на две локации пред Собрание ќе завршат работа, но ве повикуваме сите што можете да ни се придружите на протест со блокада“, порача денеска (09 февруари) на прес конференција лидерот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Синдикалците утре во девет часот ќе ги блокираат улиците
„11 Октомври“ и „Даме Груев“, односно ќе организираат собир пред Собранието, за да, како што нагласуваат, ги оневозможат пратениците тој ден да наплатат патни трошоци.

Видете и ова: Трендафилов: Срамно е да се фалите со покачување на минималецот за 1.500 денари

„Најмалку 250 евра за пратениците, а ни 25 евра за работниците е срамно“, порача Сојузот на синдикати на Македонија на социјалните мрежи обвинувајќи дека пратениците се глуви на барањата за зголемување на работничките плати.

„А работниците им дале мандат да уживаат во луксузот со 79% зголемени плати кои дополнително ќе се зголемат за 12,6 % доколку Уставниот суд ја укине Уредбата на Владата од минатата година и ќе се зголемат за 9,2% колку што пресмета Гувернерот на Народната банка дека изнесува порастот на просечната плата за 2025 година или ќе добијат вкупно 21,8% зголемување на нивните плати“, истакнаа од ССМ во нивната денешна објава во пресрет на првата блокада.

Оттаму истакнаа дека „пратениците уживаат право на собраниско бифе по ниски цени и трошоци за патување до нивното работно место“, но сепак тоа е нешто кое им е скратено на работниците.

Пратениците да најдат начин да стигнат на седница

Пратениците утре ќе треба сами да се снајдат за да дојдат на работа, а претседателот на Собранието, Африм Гаши не очекува да биде попречен влезот во собраниската зграда.

Тој на денешниот брифинг со новинарите изјави дека со координаторите се договориле да разговараат со пратениците да најдат начин да дојдат на седница без да го попречат граѓанското право на протест.

„МВР прави проценки како треба да се реагираа, претставници на кабинетот имаа средба со нив. МВР ги презема сите свои мерки и се надеваме дека ќе биде мирно и како што треба. Не можете вие човек да спречите да влезе“, посочи Гаши одговарајќи на новинарско прашање.

Но, прашан за коментар околу синдикалните барања тој изјави дека секоја партија ќе заземе свој став.

Видете и ова: Дали ќе се зголемат платите на функционерите?


Според него, „проблемот не може да се реши само со покачувањето на платите“.

Како што рече, тоа е комплексно прашање и затоа треба да се направи нивелирање на платите по приоритет, односно генерална анализа која ќе ја покаже целата економска слика за да се реши проблемот најправедно.

Блокада и покрај договорот со Владата

Блокадата на ССМ ќе се одржи и покрај договорот кој вчера го постигнаа Владата и синдикалните претставници, а со кој над 10.000 административци ќе потпишат индивидуални договори за процентуално зголемување на платите секоја година. Меѓу нив, на пример, се и службениците во судовите и обвинителствата.

Според ова, нивните плати до 2028 година треба да се покачат за речиси 40 отсто од тековната сума.

„Она што е уште подобро за нас како Синдикат, е што ова право се дава во поединечен колективен договор, што би значело дека во кое било време, ако утврдиме уште повеќе права за вработените, постапката за потпишување или измена на тој колективен договор би била многу побрза отколку да се носи нов закон“, изјави вчера Трпе Деановски, претседателот на Синдикатот на УПОЗ.

Претседателот на Синдикатот на администрацијата, државната управа и правосудството (САДУ), Благоја Ралповски пак, рече дека ова покачување требало да се случи лани.

„Ќе продолжиме со преговори зашто Општиот колективен договор во јавниот сектор е истечен. Треба да седнеме и да почнеме преговори околу потпишување нов Општ колективен договор“, посочи Ралповски.

За Владата е неприфатлив предлогот државата да ги финансира придонесите

Премиерот, Христијан Мицкоски потсети дека вакви договори веќе има со вработените во образованието и во здравството, па сега со новото зголемување, „практично ќе се регулираат односите со сите колеги во рамките на институциите“.

„Ние сме подготвени како Влада да седнеме и во овој период до 2028 година се разбира очекувам тоа да биде во пократок период заедно со двата репрезентативни синдикати, во случајов ССМ и КСС, да седнеме и да испреговараме еден нов општ колективен договор којшто ќе биде единствена алатка врз основа на која ќе бидат исплаќани платите. Од друга страна ќе биде алатка којашто ќе ја имаат и работниците, но ќе ја има и Влада“, рече Мицкоски на 8 февруари.

Сепак, според него, неприфатлив е предлогот државата одреден период да ги финансира придонесите на работодавачите за тие да го зголемат минималецот.

„Ние дадовме 250 милиони евра субвенционирани заеми за бизнисот, со камата од 1,95 отсто, не ги зголемуваме даноците, не ја зголемуваме старосната граница за одење во пензија. Преку Министерството за економија имаме повторно Програма за самовработување и тука се трошат околу 45-50 милиона евра годишно“, посочи премиерот.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Работници на улица - бараме почит и достоинствен живот

Тој додаде и дека доколку работодавачите се договорат со синдикатите, тогаш Владата ќе го поддржи и поздрави постигнатиот договор.

Филипче: Може да се обезбедат и до 200 милиони евра за плати

Неколку дена претходно, лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче оцени дека барањето на ССМ за повисока минимална плата е „сосема на место и се темели на реалните потреби на работниците“.

„Затоа го поднесовме законот за 600 евра минимална плата. Вторпат го поднесуваме, првиот пат беше на крајот на 2024 година, тогаш власта го одби“, рече Филипче и додаде дека преку ребаланс на Буџетот, може да се обезбедат и до 200 милиони евра за плати.

Покрај утрешната блокада, синдикалците ќе ја блокираат и улицата пред зградата на Стопанската комора на 12 февруари. За идниот вторник пак, е најавена блокада пред Владата.