Достапни линкови

Синдикален марш за 600 евра минимална плата

Синдикален протест пред Влада за покачување на платата на работниците за сто евра и минималната на 600 евра
Синдикален протест пред Влада за покачување на платата на работниците за сто евра и минималната на 600 евра

Битката за минималната плата од 600 евра се префрли на улицата. Синдикалците на протест се заканија дека ако не се зголемат работничките плати, ќе бараат со закон намалување на функционерските плати до 80 проценти.

„Луѓето кои ние им даваме мандат, си обезбедуваат луксуз за себе, а трошки за работниците“. Ова беше една од испратените пораки на синдикалниот протест на кој стотици граѓани бараа покачување на минималната плата на 600 евра и линеарно покачување на сите плати од сто евра.

„Ако не се зголеми минималната плата, доаѓаме по вашите плати“ изјави синдикалниот лидер Слободан Трендафилов откако пред демонстрантите објасни дека ССМ планира да поднесе предлог Закон за намалување на функционерските плати за 80 проценти.

Работници на улица - бараме почит и достоинствен живот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:12 0:00

Трендафилов посочи дека оваа иницијатива ќе ја реализира со собирање на најмалку 10.000 потписи за ССМ да стане овластен предлагач на закон. Тој додаде дека дополнително ќе предложат зголемување на мининалната плата на 600 евра и за најмалку шест илјади денари да се зголемат другите плати.

„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласа вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз“, порача Трендафилов пред собраниската зграда.

Пред Стопанската комора, синдикалците иронично им се заблагодарија на бизнисмените за „комплиментите за работничката непродукцивност “ која им овозможила купување на луксузни автомобили. Трендафилов најави нови блокади и генерален штрајк доколку не им се исполни барањето.

Синдикалците протестот го започнаа пред Работничкиот дом на Сојузот на синдикатите и со марш се упатија кон Собранието и Влада.

„Со години не сум добила ни денар повеќе од минимална плата, а со 24 илјади денари не се живее,“ изјави за Радио Слободна Европа 59-годишната Милена И. која работи како дистрибутер на кондиторски производи во приватна компанија.

Минималната плата, е 24.379 денари (397 евра), што е 2,6 пати помалку од потрошувачката кошничка за јануари „тешка“ 66.413 денари, покажуваат пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

За споредба пред две години на едно четиричлено семејство му беа потребни над 57 илјади денари месечно. Во јануари годинава кошничката изнесува 66. 413 денари. Ова значи дека за две години трошоците во оваа кошничка се зголемила за над 9.200 денари. За истиот период минималната плата според анализите пораснала за нешто над 4.000 денари.

ССМ две години бара раст на минималецот

Синдикатот од лани бараше минимална плата од по 500 евра, но ни за тоа не доби поддршка ни од работодавачите ни од Владата.

По две години тргни - застани преговори меѓу ССМ, Владата и работодавачите, договор за минималецот не се постигна.

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека синдикалците треба да се договараат со работодавачите. Но, тие пак, велат повисока минимална плата без владини субвенции на придонесите од една година не може. Тоа вртење во круг денеска ги извади работниците на протест.

За 200 илјади работници да добијат плус сто евра во платата, Владата ќе требаше да се откаже од 50 евра придонеси. Според Трендафилов, со одбивањето на ова барање за субвенција од работодавачите, Владата го спречи социјалниот дијалог и продолжи да ги држи работниците во сиромаштија.

Според претседателот на Бизнис-конфедерацијата, Миле Бошков, вонредно зголемување на минималната плата би било голем товар за бизнисите, ако помине без олеснети давачки за социјалните придонеси.

Редовното, законско зголемување на минималната плата е во март. Минималната плата се усогласува со 50 од порастот на просечно исплатената нето-плата за претходната година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците на живот за претходната година.

Минималната плата ќе порасне во март за 1600 денари

За март 2026 година, тоа би било зголемување од по 1.600 денари.

„ Зголемувањето во март е прифатливо за нас, но за да можеме да ја покачиме платата повеќе, треба покачувањето од 6.000 денари да биде ослободено од социјални придонеси и оптоварено само со персоналниот данок и тоа во сите сектори. Дополнителните барања и дополнителните 100 евра линеарно покачување на сите плати, со овие услови без олеснети давачки за социјалните придонеси би биле голем товар за стопанството, не само за микро, малите и самостојните вршители на дејност туку и за сите компании“, изјави Бошков.

Според него, на зголемување од по 6.000 денари фирмите ќе треба да платат уште по 4.500 денари социјални придонеси, што 98 отсто главно мали бизниси би можеле да го направат само со државна помош.

Премиерот Мицкоски гледа политика во протестот

Премиерот Христијан Мицкоски на еден ден пред протестот изјави дека дека секој има право да протестира, но смета дека целта на синдикатот е политичка пресметка, а не повисоки плати за работниците.

Мицкоски истакна дека по истиот принцип како што од доаѓањето на оваа Влада се потпишале колективни договори со синдикатите во образованието и во здравството, се зголемиле платите во ресорите МВР и одбрана и се интервенирало во примањата на вработените во центрите за социјални работи, се воделе преговори и за зголемување на платите на административните службеници за осум отсто годишно или реален раст за 40 отсто за четири години.

Преговорите со репрезентативните синдикати пропаднале бидејќи, како што рече, некој бил политички заробен.

„Ги видов барањата, тоа не е нешто ново. Апсолутно јас сум секогаш за повисоки примања. Секој треба да добие повисоки примања, тука нема дилема ниту пак некој има спротивно мислење, но тоа кое што треба да се каже и да се погледне на вистината во очи е фактот дека неколкумина кој што се дел од водството на овој синдикат се апсолутно заробени од страна на одредени политички амбиции и политички фигури. И сето ова кое што таму го прават има таква задача, таква цел“, рече Мицкоски.

На ваквите коментари, синдикалниот лидер Трендафилов пред Владата посочи дека премиерот шири дезинформации кога станува збор за исполнети обрски од колективните договори.

„Глумец им глумеше на глумците министер, ги остави колегите кои до вчера со него играа на паркетот без тоа што го имаа договорено, а бил најгласен кога тоа го договараа, ова е неговата најлоша глума во кариерата. Вработените во одбрана две години немаат добиено зголемена плата“, му реплицираше Трендафилов.

Опозицијата ги поддржува синдикалците

Поддршка на протестот дадоа партиите СДСМ и Левица.

„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања“, соопштија од СДСМ, наведувајќи дека во нивната влада, минималната плата е зголемена од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
Левица потсети дека минатата година поднесе Предлог – закон со кој требаше платите на сите работници да се зголемат за најмалку 100 евра.

„Со тоа, минималната плата сега ќе изнесуваше 500 евра и ќе го избегневме дното во кое се наоѓаме моментално“, соопштија од партијата.

Предупредувања за несакани последици

Доколку минималната плата се зголеми на 600 евра, тоа би значело зголемување на повеќе од 50 отсто во однос на 2025 година. Но, емпириските согледувања укажуваат на тоа дека во најголем број сектори, порастот на продуктивноста заостанува во однос на порастот на платите, вели Димитар Николоски, професор по економија на трудот на Економскиот факултет во Прилеп.

„Зголемување на минималната плата повеќе од законски утврдениот износ може да има две очекувани несакани последици. Прво, голем дел од компаниите, особено оние со ниско ниво на продуктивност да не се во можност да ги исплатат повисоките плати, што негативно би се одразило врз нивната конкурентност. Второ, порастот на платите повеќе од порастот на продуктивноста неминовно би водел кон пораст на цените на производите, односно до подгревање на инфлацијата“, изјави Николоски за РСЕ.

Според него, решението, би требало да се бара преку дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет и евентуална корекција на формулата за пресметување на минималната плата.

Економско-социјален совет е советодавно тело на Владата, кое треба да овозможи тристрана соработка меѓу Владата, синдикатите и работодавачите за решавање на економските и социјалните прашања и проблеми.

Во регионот, само Косово има пониска минимална плата од Северна Македонија. Минималецот во Косово е 384 евра.
Минималната плата во Србија е од 505 до 580 евра, во зависност од бројот на одработени работни часови во месецот. Во Албанија е 440 евра, а во Босна и Херцеговина е 525 евра. Највисока е минималната плата во Црна Гора и изнесуваа 600 евра месечно.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG