Достапни линкови

Трендафилов: Срамно е да се фалите со покачување на минималецот за 1.500 денари


Трендафилов: Владата се обидува да ја елиминира вредноста на синдикалната кошничка
please wait

No media source currently available

0:00 0:18:08 0:00

Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

Владата има ставено јаткасти производи и егзотични овошја во нејзиниот предлог за кошничката кои работникот не може ни да си го дозволи, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Тој најавува протести и штрајкови ако не се покачи минималецот. 12.500 македонски работници добиле работни дозволи во Хрватска што треба да ги загрижи домашните компании и Владата.

Господине Трендафилов, се наоѓаме на крајот на 2025 година. Во една реченица како би го опишале работничкиот стандард за годинава?

Во една реченица е малку, меѓутоа недоволен. Работничките плати се на дното и за жал нема социјален дијалог по пат на кој можеме да ги подобриме работничките права. Борбата беше да ги зачуваме и да ги унапредиме. Меѓутоа, социјалните партнери – Владата и работодавачите одбиваат да го сторат тоа.

Министерот за економија кажа дека ви ја доставиле методологијата и очекуваат во овој период да доставите ваши забелешки за просечната потрошувачка кошничка. Што е различно во нејзе од таа што ја имате вие како синдикат?

Ставот на ССМ е дека кошничките не ги хранат работниците и граѓаните на Македонија, иако Владата се обидува да ја елиминира вредноста на синдикалната минимална кошничка која ја пресметува ССМ од една причина. А, тоа е истата да покажува со колку не може да се преживее, а не дека се живее со толку. Тоа што сакаат да го направат е преку воведување на некоја нова вредност на некоја просечна владина кошничка да им укажат на граѓаните и работниците како треба да живеат, што да пазарат, како да ги хранат семејствата. Разликите се огромни. Ако нашата минимална синдикална кошничка има вредност од 65.000 денари, што не се доволни за едно четиричлено семејство, нивната веројатно треба да биде над 100.000 денари за да ја отслика просечната потреба на семејствата во Македонија. Но, интенцијата не им е тоа, интенцијата им е да покажат дека „добро“ се живее со ваквите мизерни работнички плати.

Доставивте забелешки до Владата?

На седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС) каде беше презентирана новата методологија, од тоа што тогаш можевме да го видиме и тогаш им го кажавме, веќе една година има поминато, е дека во нашата кошничка има вредност за 63 основни прехранбени производи, тие земаат вредност за 108 производи. Тоа ќе каже дека вредноста само за делот храна и пијалаци, кој е 23.500 денари во синдикалната минимална кошница, треба да изнесува колку што е целата вредност на синдикална минимална кошничка. За жал, веројатно некој некого мести со вредноста на таа просечна кошничка.

Имаат ставено цреши, грозје, сето она што веројатно не го јадат во Владата, а некој им го подметнува од страна на министерствата. Имаат ставено и јаткасти производи и егзотични овошја кои македонскиот работник со мизерна плата не може да си ги дозволи. Веројатно се воделе од јавните набавки во Влада со кои купуваат егзотично овошја, месо и слично. Целта на синдикалната минимална кошничката и целта на нивната владина кошница не треба да биде да им покаже на граѓаните колку треба да трошат, што треба да купуваат туку треба да покаже дека платите се ниски и треба рапидно да се зголемат во што е можно поскоро време.

Во однос на платите, по последната седница на економско-социјалниот совет рековте дека ако не се договорат на поинаков начин, ќе им ја честитате Новата година. Очекувате ли договор помеѓу Владата и работодавците?

Цела година нè фрлаат во арената да се бориме со лавот, од страната на Владата. Владата како најголем работодавач се иззема од процесот на преговорите за раст на минималната и останатите плати и тоа мислиме дека е жално. Нас не загрижува тоа што не постои веќе трипартитен социјален дијалог туку е сведен на бипартитен социјален дијалог или економско-социјалниот совет има форма, но нема суштина. Само седиме, разговараме, најчесто нè слушаат кои се барањата на работниците и тука завршува целата дискусија. Затоа им кажавме дека немаме повеќе време да чекаме, да седнат да се договорат до крајот на годината и доколку ја честитаат Новата година на работниците со најниски минимална и просечна плати во регионот, тогаш работниците ќе им честитаат со протести и штрајкови.

Вашите барања се минималната плата да биде 600 евра по работник.

Тоа што ние го направивме изминатиот период покрај дијалогот што го водевме со Владата и работодавачите, покрај протестите кои ги организиравме од почетокот на оваа година, направивме неколку анализи за да покажеме дека се аргументирани барањата на работниците.

Спроведовме анкета на која 1.600 испитаници кажа дека минималната плата од 500 евра и денеска да се случи веќе е подјадена од инфлацијата и недоволна за основните потреби за живот. Работниците сметаат дека таа треба да биде помеѓу 600 и 700 евра. Дополнително ги извадивме аргументите обезбедени од Централниот регистар, Државниот завод за статистика и Управата за јавни приходи кои потврдуваат дека од 2022 – кога е променета методологијата и зголемена минималната плата, бројот на новоотворени компании е двојно поголем од затворените, бројот на вработени е поголем од бројот на невработени и континуирано се зголемува.

Добивките што ги креираме како работници со нашата продуктивност изнесуваат помеѓу 5 и 10.000 евра во нето износ на годишно ниво за сите работодавачи во државата. И ако тоа не е доволен показател, тогаш 73% од вкупниот број на вработени во државата работи и прима плата под просечната, над просечната плата се само функционерите кои моментално примаат плата помеѓу 2 и 2,5 илјади евра…

Работодавците, на пример, сметаат дека треба да се зголеми и продуктивноста?

Продуктивноста е зголемена, да генерирате нето добивка по вработен помеѓу 5-10.000 евра на годишно ниво на својот работодавач, секој еден работник во државата – и оној кој работи на минимална и оној кој работи за повеќе од минимална, да му генерира добивка тоа значи дека ја заработува неговата огромна плата која како што покажаа податоците и 300.000 евра на месечно ниво се исплаќа плата од страна на газдите на газдите. Кога следствено на тоа им овозможувате да имаат инвестиции, ја заработувате и вашата плата, им купувате добра и услуги – џипови, станови, вили, и повторно на крајот на годината им останува помеѓу 5-10.000 евра нето добивка по вработен, продуктивноста на македонските работници е далеку поголема од тоа што тие сакаат да ја презентираат.

Доколку нема покачување на минималната плата, редовното според Закон во март месец би било околу 1.500 до 2.000 денари. Дали е потребна промена на формулата во чие договарање учествувавте и вие како синдикат?

Во 2022 година кога протестиравме во месеците јануари и февруари и извојувавме зголемување на минималната плата од 15.000 на 18.000 денари, извојувавме и уште една победа, а тоа е методологија со која минималната плата требаше да има стабилен раст. Меѓутоа, недоволен раст во делот на висината на платите.

Во Македонија минималната плата не смее да биде под 57% од просечната плата. Но, денеска ако пресметате 57% од просечната плата, денеска минималната плата требаше веќе да изнесува 26.000 и нешто денари. Дополнително 50% од порастот на трошоците за живот и 50% од порастот на просечната плата е методологија по која се усогласува минималната плата. Ние денеска зборуваме за потреба од дополнително зголемување, затоа што никој не нè праша кога ги усогласуваа, односно ги зголемуваа цените на основните прехранбени производи, цените на електричната енергија – која еве како честитка за Нова година ја добивме, цената на нафтата и на гасот итн. Нас не нè викаат да не консултираат кога ги зголемуваат цените и затоа бараме зголемување на минималната плата. Но, вие како Влада да се фалите на 4 месеци пред законското усогласување законско на минималната плата со некои 1.500-1.600 денари и да им кажувате на работниците ’стрпете се само што не сме ви го подобриле животниот стандард со 1.500 денари‘, тоа е срамно.

Затоа велиме дека минималната плата од јануари треба да се зголеми на сите вработени во државата на најмалку 600 евра. Зошто? Затоа што владите во регионот го послушаа Сојузот на синдикатите на Македонија. Во Албанија минималната плата од јануари – 500 евра, во Косово – 430 од јануари, а од јуни 500 евра, во Србија – 550 евра, да не зборуваме за Босна и Херцеговина.

Често ја правите таа споредба со регионот. Дали можеби како синдикат имате информации за одлив на работници во земјите од соседството?

Пред некој ден излезе податок дека во Република Хрватска на 100.000 работни дозволи издадени од тамошната Влада, повеќе од 12.000 работници добиле дозволи од Македонија. 10% од вкупната работна сила во Хрватска на која е дадена дозвола за работа е од Македонија. Ако македонските компании не ги загрижува 12.500 квалификувани работници да им заминат само за повисока плата во Хрватска и да работат сезонска работа и потоа да се вратат во Македонија да не работат ништо, и пак да се вратат за време на сезоната да работат таму, тогаш не знам кого треба да го загрижи тоа. Ил,и пак, можеби Владата смета дека работниците што ќе заминат од Македонија ќе се вратат со девизите оттаму па ќе ја подобрат македонската економија, но тоа е несериозно да го размислувате.

На крајот на годината сме, истекува рокот за исплата на К-15. Има ли пријави до вас за непочитување на оваа обврска?

Веќе започнавме кампања од почетокот на месец декември да ја подигнеме свеста кај работниците за потребата од поднесување на пријави доколку регресот за годишен одмор работодавачот не го исплати онака како што е безбеден со општиот колективен договор за јавниот и за приватниот сектор. ССМ е единствениот синдикат кој обезбедил право на регрес за годишен одмор на сите вработени согласно општиот колективен договор за јавниот и за приватниот сектор и преку гранските колективни договори обезбедуваме и повисок процент од оној утврден со општите колективни договори. Работниците треба да се охрабрат да знаат дека доколку се здружат во синдикат, регресот за годишен одмор оваа година нивните колеги кои се членови на синдикат го добија во износот од 80 до 100% од просечната плата и тоа е нешто што синдикатот успеал да го направи за своите членови.

Меѓутоа, тоа што загрижува е тоа што голем дел од работодавачите сè уште го чекаат последниот датум за исплата на регрес за годишен одмор, односно 31 декември. По завршување на годината, ги охрабруваме работниците во поголем број да пријавуваат до ССМ, имајќи предвид дека во минатото се покажа тоа како целисходно за зголемување на износот на регрес за годишен одмор, особено на оние работници каде што некој ќе потпише некаква спогодба за исплата на понизок износ.

За среќа, ваквите случаи согласно пријавите кои доаѓаат до нас се намалуваат од година во година. За среќа, дополнително и висината на регресот за годишен одмор кој го исплаќаат работодавачите заради даночното ослободување на висината на регрес за годишен одмор до 80% да не се плаќа данок кон државата, го користат работодавачите за да ги мотивираат работниците. Но, и тоа не е доволно и сметаме дека само заедно со синдикатите работниците можат да зголемат регрес за годишен одмор и да го добијат на време.

Како синдикат тврдите и дека на голема врата се враќа платата во плико. На што ги темелите ваквите информации?

Податоците дека 33% од работниците во Македонија примаат плата под 500 евра, а сите зборуваат дека добиваат плата во плико, односно примаат над 500 евра плата, меѓутоа делот кој работодавачите не го плаќаат на државата, а како нето износ го исплаќаат на работниците е прилично голем. Овој податок дополнително го подгрева и информацијата дека тројца работодавачи си имаат исплатено плата во месец јуни во висина од 700.000 евра.

Дополнителен момент е тоа што само до 16.000 евра плаќаат придонеси за задолжително социјално осигурување, а за останатите пари за разликата до 300 или до 700.000 евра плаќаат само персонален данок. Што ќе каже дека работодавачите имаат механизам како да ги извлечат парите од компаниите и потоа да ги вратат на работниците како нето износ во плико, а да го избегнат делот за придонеси за задолжително социјално осигурување кој е 38% од бруто платата на работниците.

И уште нешто, независни консултантски компании направија анализа со поддршка на Меѓународната организација на трудот во која утврдија дека близу 250 милиони евра на годишно ниво работодавачите не плаќаат придонеси за задолжително социјално осигурување во фондовите, а ги плаќаат парите на рака на работниците. Ако пресметате на тоа дека само 38% се плаќаат придонеси за задолжително социјално осигурување, значи работодавачите извлекуваат од некаде кеш во висина од 600 до 700 милиони евра за да избегнат плаќање на 250 милиони евра данок кон државата. И мислам дека државата треба да биде далеку позагрижена од работниците во оваа насока и токму затоа бараме и зголемување на минималната плата на која ќе си ги плаќаат придонесите.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG