Достапни линкови

Без договор на маса, протест на улица за минималец од кој може да се (пре)живее

Сојуз на синдикти на Македонија, Скопје, пред протестот на 28 јануари 2026 година.
Сојуз на синдикти на Македонија, Скопје, пред протестот на 28 јануари 2026 година.

Резиме

  • Сојузот на синдикати(ССМ) попладнево на протест ќе бара 600 евра минималец и зголемување од по 100 евра на сите останати плати, откако две години не успеаја преговорите со работодавачите и со Владата за повисока минимална плата.
  • Минималната плата во Северна Македонија е 397 евра, трипати помала од потрошувачката кошница со која едно семејство може да го помине месецот и во регионот е повисока само од Косово.
  • Зад протестот на СДСМ застанаа и други синдикати, како и партиите СДСМ и Левица. Премиерот Мицкоски рече дека минималната плата ќе се зголеми во март и дека целта на синдикатот е политичка пресметка.

Со години не сум добила ни денар повеќе од минимална плата - речиси сум пред пензија, имам 30 години работно искуство, високо образование, а не можам да дојдам ни до 30.000 месечен приход, вели 59-годишната Милена И. која работи како дистрибутер на кондиторски производи во приватна компанија.

Таму е шест години, откако се затворила фирмата во која работела во администрација.

„Кога во 2022-та се зголеми минималната плата на 22.000, газдата ни даде толку, колку што беше минималецот. Потоа се зголеми на 24.000, толку и добив на сметка. Цело време работам за минималец. Во сегашната скапотија, со тие пари не се живее“, вели Милена за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Инфлацијата во Северна Македонија порасна за 4,1 отсто на годишно ниво. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) објавени на 8 јануари, само во текот на на 2025 година во просек е поскапено за 4,1 процент, а цените на мало пораснале за 3,7 отсто.

Минималната плата, пак, е 24.379 денари (397 евра). Тоа е 2,6 пати помалку од потрошувачката кошничка за декември 2025 година „тешка“ 65.492 денари - колку што пресметал Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) дека му е потребно на едно семејство да го помине месецот.

По две години тргни - застани преговори меѓу ССМ, Владата и работодавачите, договор за минималецот не се постигна.

Синдикатот бара 600 евра минимална плата и зголемување од по сто евра на сите останати плати. Премиерот Христијан Мицкоски упати да се договорат работниците и работодавачите, според бизнисот повисока минимална плата е невозможна без владата да ги субвенционира придонесите во период од една година.

Тоа вртење во круг денеска ги вади работниците на протест.

„Ако не нè слушаат на маса, ќе мора да нè слушаат од улица“, рече Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, најавувајќи ја маршутата на протестот - од пред Работничкиот дом, пред Собранието и Стопанската комора и ќе заврши пред Владата.

Синдикати од образованието, културата, медиумите, трговијата, текстилците и од други сектори најавија дека ќе се придружат на протестот на СДСМ.

Спротивставените аргументи на работниците и на газдите

Објаснувајќи ги аргументите за излегувањето на улица, Трендафилов рече дека протестот е за платите кои не стигнуваат од први до први и против неправдите затоа што функционерските плати се десет пати поголеми од работничките.

„Трагично е тоа што тие (работодавачите) потклекнаа под притисокот на Владата за да не им го затвори Владата бизнисот. Трагично е што се повлекоа од преговори со синдикатите и трагично е што Владата одбивајќи да ги субвенционира придонесите на работниците за 12 месеци, денеска е со недостаток од 10 милиони евра во буџетот“, рече Трендафилов на прес-конференцијата на 27 јануари, ден пред протестот.

Тој кажа дека ако 200.000 работници кои живеат со приходи под 30.000 денари директно добијат покачување по 6.000 денари, „денеска газдите ќе плаќаа уште по 50 евра придонеси за задолжително социјално осигурување, кое нешто беше нивно главно барање, а Владата го одби како единствено можно решение за да го спречи социјалниот дијалог и да ги држи работниците во сиромаштија“.

Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата изјави дека вонредно зголемување на минималната плата би било голем товар за бизнисите, без олеснети давачки за социјалните придонеси.

Редовното, законско зголемување на минималната плата е во март. Минималната плата се усогласува со 50 од порастот на просечно исплатената нето-плата за претходната година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците на живот за претходната година.

За март 2026 година, тоа би било зголемување од по 1.500 - 2.000 денари.

„ Зголемувањето во март е прифатливо за нас, но за да можеме да ја покачиме платата повеќе, треба покачувањето од 6.000 денари да биде ослободено од социјални придонеси и оптоварено само со персоналниот данок и тоа во сите сектори. Дополнителните барања и дополнителните 100 евра линеарно покачување на сите плати, со овие услови без олеснети давачки за социјалните придонеси би биле голем товар за стопанството, не само за микро, малите и самостојните вршители на дејност туку и за сите компании“, изјави Бошков.

Според него, на зголемување од по 6.000 денари фирмите ќе треба да платат уште по 4.500 денари социјални придонеси, што 98 отсто главно мали бизниси би можеле да го направат само со државна помош.

Премиерот Мицкоски гледа политика во протестот

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека секој има право да протестира, дека минималната плата ќе се зголеми во март и смета дека целта на синдикатот е политичка пресметка, а не повисоки плати за работниците.

Во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Мицкоски рече дека по истиот принцип како што од доаѓањето на оваа Влада се потпишале колективни договори со синдикатите во образованието и во здравството, се зголемиле платите во ресорите МВР и одбрана и се интервенирало во примањата на вработените во центрите за социјални работи, се воделе преговори и за зголемување на платите на административните службеници за осум отсто годишно или реален раст за 40 отсто за четири години.

Преговорите со репрезентативните синдикати пропаднале бидејќи, како што рече, некој бил политички заробен.

„Ги видов барањата, тоа не е нешто ново. Апсолутно јас сум секогаш за повисоки примања. Секој треба да добие повисоки примања, тука нема дилема ниту пак некој има спротивно мислење, но тоа кое што треба да се каже и да се погледне на вистината во очи е фактот дека неколкумина кој што се дел од водството на овој синдикат се апсолутно заробени од страна на одредени политички амбиции и политички фигури. И сето ова кое што таму го прават има таква задача, таква цел“, рече Мицкоски.

Поддршка на протестот дадоа партиите СДСМ и Левица.

„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања“, соопштија од СДСМ, наведувајќи дека во нивната влада, минималната плата е зголемена од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.

Левица потсети дека минатата година поднесе Предлог – закон со кој требаше платите на сите работници да се зголемат за најмалку 100 евра.

„ Со тоа, минималната плата сега ќе изнесуваше 500 евра и ќе го избегневме дното во кое се наоѓаме моментално“, соопштија од партијата.

Предупредувања за несакани последици

Доколку минималната плата се зголеми на 600 евра, тоа би значело зголемување на повеќе од 50 отсто во однос на 2025 година. Но, емпириските согледувања укажуваат на тоа дека во најголем број сектори, порастот на продуктивноста заостанува во однос на порастот на платите, вели Димитар Николоски, професор по економија на трудот на Економскиот факултет во Прилеп.

„Зголемување на минималната плата повеќе од законски утврдениот износ може да има две очекувани несакани последици. Прво, голем дел од компаниите, особено оние со ниско ниво на продуктивност да не се во можност да ги исплатат повисоките плати, што негативно би се одразило врз нивната конкурентност. Второ, порастот на платите повеќе од порастот на продуктивноста неминовно би водел кон пораст на цените на производите, односно до подгревање на инфлацијата“, изјави Николоски за РСЕ.

Според него, решението, би требало да се бара преку дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет и евентуална корекција на формулата за пресмтување на минималната плата.

Економско-социјален совет е советодавно тело на Владата, кое треба да овозможи тристрана соработка меѓу Владата, синдикатите и работодавачите за решавање на економските и социјалните прашања и проблеми.

Во регионот, само Косово има пониска минимална плата од Северна Македонија. Минималецот во Косово е 384 евра.

Минималната плата во Србија е од 505 до 580 евра, во зависност од бројот на одработени работни часови во месецот. Во Албанија е 440 евра, а во Босна и Херцеговина е 525 евра. Највисока е минималната плата во Црна Гора и изнесуваа 600 евра месечно.






XS
SM
MD
LG