Достапни линкови

Дали ќе се зголемат платите на функционерите?

Илустрација
Илустрација

Платите на избраните и именуваните функционери би требало да се зголемат, согласно законот според кој просечната плата за минатата година се множи со коефициентите за плата на функционерите. Во минатите две години овие коефициенти беа намалени со што се заузда растот на функционерските плати. Дали така ќе биде и годинава, допрва ќе се одлучува.

Платите на над илјада функционери би требало да се зголемат со редовното законско усогласување во март, освен ако тоа не биде запрено со измени во Собранието со кои ќе се „замрзнат“ или ќе се намалат коефициентите за пресметка на функционерските плати, како што беше случај во 2024 и 2025 година.

Тоа би значело дека и во услови кога расте просечната плата, функционерските плати не би пораснале.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, изјави дека одлука засега не е донесена и ќе се чекаат статистичките податоци за просечната годишна плата за 2025 година што Државниот завод за статистика (ДЗС) ги објавува во февруари.

„Минатата година донесовме одлука со која ги ограничивме платите на функционерите да не се зголемуваат како што се зголемуваат платите на сите други вработени во јавниот и приватниот сектор. Ќе ја видиме ситуацијата и соодветно ќе постапуваме. Стоиме на ставот дека откако сме дојдени на власт, немаме донесено ниту една одлука за зголемување на платите на функционерите. Да се извадат податоците па ќе донесеме одлука. Исто како што постапивме минатата година, ќе постапиме и оваа“, изјави Дурмиши по настан во Владата за промоција на закон за работно ангажирање лица.

Платата на функционерите се определува така што просечната годишна плата од претходната година се множи со коефициент кој варира според сложеноста на работното место. Различни се коефициентите за претседател на држава, премиер,. министер, градоначалник...

Од Владата, пак, за РСЕ одговорија дека „по минатогодишната одлука за стопирање на растот на платите, која беше донесена како дел од пошироки мерки за финансиска стабилност, во текот на оваа година се очекува редовно усогласување на платите согласно законските одредби и движењата на животниот стандард. Сите одлуки се носат одговорно, имајќи ги предвид економските услови, фискалните можности на државата и потребата од балансиран пристап. “

И министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска не даде конкретен одговор на прашањето дали ќе се зголемат платите на избраните и именуваните лица.

„Јас немам таква информација дали ќе се случи или не. На Влада не е ништо дискутирано, не сум ресорен министер одговорен за платите на функционерите и ќе Ве замолам ова прашање да го упатите до ресорното министерство“,
рече Димитриеска-Кочоска во интервју за емисијата „360 степени“, на 2 февруари.

Синдикатот пресмета зголемување за функционерите од 200 до 300 евра

Нема точна пресметка за тоа колку евентуално би се зголемиле функционерските плати бидејќи се чека податок за просечната плата во 2025 година.

Во ноември лани просечната бруто - плата била 69.141 денар, според последните податоци од Државниот завод за статистика. Континиурано растела секој месец, па според статистиката, просечната бруто -плата се зголемила за 4.444 денари од јануари 2025 (кога бруто - платата била 64.697 денари)

Но, пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија(ССМ) покажале дека со законското усогласување, функционерите би добиле повисоки плати за околу 220 - 250 евра.

„Ќе ги чекаме пред влезовите на Собранието за да ги прашаме како не им е срам да го чуваат цела година предлогот на ССМ во фиока и да не ги зголемуваат ниту минималната, ниту останатите работнички плати. И да ги прашаме како не им е срам затоа што не поднесоа предлог во Собранието за намалување на функционерските плати, дури ни за замрзнување на истите“, рече Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Минималната плата во Северна Македонија е околу 24.400 денари (397 евра). Истата со законското усогласување би се зголемила за околу 1500 денари (25 евра), што според ССМ и малку и синдикатот со протест на улица побара минимална плата од 600 евра и зголемување од по 100 евра на сите останати плати.

Според податоците од интернет страницата на Владата, премиерот Христијан Мицкоски зема нето-плата од 140.450 денари. Платата на замениците премиери Изет Меџити, Александар Николоски, Арбен Фетаи, Љупчо Димовски и Иван Стоилковиќ и на министрите е по 115.540 денари.

Единствено платата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски е за 24.865 денари повисока од останатите министри кои земаат по 115.540 денари.

Пратениците земаат по околу 1.750 евра месечна плата, без останати надоместоци како што се додадок за стаж или патни трошоци.

СДСМ најави предлог за замрзнување на функционерските плати - засега не е во Собрание

Во обид да се „зауздаат“ функционерските плати среде битката на работниците за повисока минимална и раст на останатите плати, најавени се два предлози - еден од опозицискиот СДСМ и еден од Сојузот на синдикати.

СДСМ во петокот (30 јануари) во Собранието поднесе предлог за изменување и дополнување на Законот за минимална плата. Со него предлага минимална плата од 600 евра (36.960 денари), колку што бара и синдикатот.

Вториот предлог што го најави партијата, за замрзнување на функционерските плати, уште се изработува, велат од СДСМ. Планираат да го поднесат кога ќе ги имаат потребните статистички податоци.

„Ние остануваме на тој став. Кога не им растат платите на работниците, не треба да им растат ни на функционерите. Предлогот ќе биде поднесен во следниот период“, рече Јована Тренчевска, потпретседателка на СДСМ, за РСЕ.

Пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ засега немаат одлука дали ќе поднесат предлог - измени на Законот за плата и други надоместоци на избрани и на именувани лица, за да се запре растот на функционерските плати.

„Разгледуваме можности, и во Собранието и во партијата. Има различни мислења, но, ги слушаме реакциите на граѓаните“, ни изјави пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.

Трендафилов, пак, на протестот на ССМ на 28 јануари најави дека Синдикатот ќе собере 10.000 потписи со што ќе стане овластен предлагач на закони и ќе бара Собранието да ги намали функционерските плати за 80 отсто.

Коефициентите за функционерите досега два пати се намалија

Во декември 2024 година, пратениците во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, Дафина Стојаноска и Ели Панова поднесоа предлог измени на Законот за плата и други надоместоци на избрани и на именувани лица, со кои се намалија коефициентите на платите на избрани и именувани лица.

Притоа, најголемиот коефициент за утврдување на надоместокот на плата и на платата (за претседателот на државата, претседателот на Собранието и премиерот), од 4,50 беше намален на 3,92. Коефициентот за пресметка на платите на пратениците и министрите од 3,7 беше намален на 3,22.

Ако не се донесеше оваа одлука, платите на функционерите од јануари 2025 ќе се зголемеа за по околу 300 евра.

Ова беше второ намалување на коефициентите за функционерските плати за една година. Претходната власт, предводена од СДСМ и ДУИ во февруари 2024 година со измени на шест закони го сопреа растот на месечните примања на носителите на јавни функции.

До намалување на коефициентите за функционерските плати дојде откако Уставниот суд во 2023 година ја укина двојната основица со која дотогаш се правеа пресметките, односно, ја укина фиксната основица која беше утврдена на сума од 26.700 денари, со образложение дека е неуставно да постојат две основици. Со ова функционерските плати почнаа да се пресметуваат врз основа на просечната плата при што се зголемија за 78 отсто.

Највисоки коефициенти има за претседателот на државата, претседателот на Собранието и премиерот. Следуваат претседател на Уставен суд, министри, претседател на работно тело на Собранието, гувернер на Народната банка, јавен правобранител на Македонија, народниот правобранител, секретар на Собранието, секретар на Владата...

Најнизок коефициент за плата има за раководен работник кој го именува Собранието или кој го назначува надлежното тело на Собранието, судија на апелациски суд и заменик на вишиот јавен обвинител, претседател на основен суд и основен јавен обвинител.

Во меѓувреме, ССМ најави продолжување на протестите на улица, блокада на Собранието и генерален штрајк, доколку не се прифати синдикалното барање за зголемување на минималната плата и на останатите плати.

Владата и синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани(УПОЗ) за в четврток закажаа преговори за барањата на УПОЗ за повисоки плати во јавната администрација и во правосудниот сектор.





XS
SM
MD
LG