На една недела пред Уставниот суд да донесе конечна одлука за спорните измени на Кривичниот законик од пред две години, пратениците решија да ги „претркаат“ судиите и да ги заострат казни.
За делото „злоупотреба на службената положба“, чие намалување на казните во септември 2023 предизвика најмногу критики од домашната јавноста и од Европската Унија, во предлогот се предвидуваат поголеми затворски казни, но горната границата за нив останува. Тоа значи дека иако има заострување на казните, роковите за застарување на кривичното дело се пократки од тоа што беше пред септември 2023, кога немаше горна граница за дел од казните.
Покрај ова, предлогот-измените опфаќаат и други кривични дела, како што се оние што се, на пример, однесуваат на родово базираното и семејното насилство и усогласување со проектот „Безбеден град“ (Сејф сити).
Ваквите измени се поднесени во Собранието со потпис од девет пратеници од коалицијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ по што претседателот Африм Гаши треба да ги стави на дневен ред на некоја од наредните седници.
Предлог-измените доаѓаат и во период кога истекува првичниот рок што го има Северна Македонија за носење на целосно нов Кривичен законик, кој според реформската агенда усогласена со Европската комисија, е до крајот на 2025. Сепак, државата извесно е дека ќе го користи грејс-периодот од една година за да го донесе новиот закон, а објаснувањето кое го даваат институциите е дека се прават усогласувања со нови европски директиви.
Како беше, како е сега и како ќе биде со злоупотребата на службената положба?
Во меѓувреме, ќе се носат кратките измени поднесени преку пратениците. Што се менува со нив?
Злоупотреба на службената положба пред септември 2023 година се казнуваше со затвор од најмалку три години во случај кога сторителот прибавил имотна корист или нанел значителна штета. Горна граница за казната немаше, што значи највисоката можна дотогаш беше 20 години затвор. Со тоа, застарувањето на кривичниот прогон имаше за дури 40 години.
Со спорните измени што беа направени пред две години, казната за ова се промени и гласеше „од една до четири години затвор“. Застарување во ваков случај настапува за осум години.
Со новите измени што сега се предлагаат, пратениците не ги враќаат старите казни, туку ги заоструваат актуелните, па така наместо казна од „една до четири години“, сега се предвидува затвор од „една до осум“. Доколку се изгласаат, застарувањето за ова дело ќе биде за 16 години.
Во истото кривично дело, во септември 2023 беше избришан и делот кој се однесуваше на злоупотреба на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на државниот Буџет. Предвидената казна беше најмалку пет години без горна граница.
Со новите предлог-измени, сличен став поврзан со јавните набавки се враќа во сила, но со казна затвор четири до десет години.
Со новите предлог-измени, пратениците предвидуваат и измена на делото „несовесно работење во службата“, за кое казните ,исто така, беа намалени пред две години. Но, она што може да се забележи со сегашните предлози е дека се интервенира и во содржината на текстот за ова дело, така што се брише еден став кој се однесува на работењето на службено или одговорно лице во “орган на државата управа или друго правно лице“.
Драстично намалување на казните пред две години беше направено и за делото злосторничко намалување, каде казните кои зависно од ставот се движеа до десет години затвор, се намалија на максимални три години. Со измените пратениците сега предлагаат казните да се движат од една до осум години за организаторот или најмалку четири (без горна граница) во зависност од тежината на кривичното дело. За останатите припадници на злосторничкото здружување, казните се движат од шест месеци до пет години.
Какви други измени се предлагаат?
Покрај овие, со измените пратениците предвидуваат и нови во други кривични дела. На, пример, во делот за „телесна повреда“ се прави редефинирање, па родово-базираното насилство, семејното или насилството врз жена ќе се гонат и по службена должност.
Во Кривичниот законик влегува и вештачката интелигенција. Односно се додава член каде се предвидува затворска казна до пет години доколку со употреба на компјутерски систем или на друг начин се изработи нова или промени постоечка снимка, фотографија, аудиозапис или списа со сексуално-експлицитна содржина од жртва и истата се направи достапна за трето лице.
Предлог-измените, меѓу другото, вклучуваат и хармонизирање на кривичните дела поврзани со безбедноста во сообраќајот со цел да може да стапи на сила проектот „Безбеден град“. Тој почнува со примена од 1 февруари 2026 и во пракса значи ставањето во функција на камерите за регистрирање на сообраќајни прекршоци, но и на дела кои постојат во Кривичниот законик, како што е „безобѕирно управување со моторно возило“.
Власта сака да анулира, дел од опозицијата со критика
Во објаснувањето што го наведуваат пратениците од власта за овие предлог измени, потенцираат дека првенствено целта им е да ги унапредат законските одредби и, пред сè, да ја заострат „казнената политика преку зголемување на пропишаните казни за злоупотреба на службена положба и овластувања и за злосторничко здружување“. Според нив, ова се „итни, приоритетни и реформски измени“.
„Поаѓајќи од оваа идеја, го предлагаме ова законско решение со кое би се анулирала настанатата состојба и државата повторно би се вратила на патот на европските политики во сферата на борбата против организираниот криминал и корупцијата“, пишуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во објаснувањето на предлог-измените.
Измените од пред две години, кои остро беа критикувани и во извештаите на Европската комисија за напредокот на земјава, доведоа до застарување на бројни предмети во кои се гонеа поранешни и актуелни функционери за злоупотреба на службената положба. Меѓу случаите кои застареа, беше и предметот за „Таргет-Тврдина“ во делот за незаконското прислушување во земјата од 2008 до 2015 година кое директно и индиректно опфати 20.000 граѓани.
Овие измени беа оспорени и пред Уставниот суд, кој во февруари поведе постапка. Првично, судиите им дадоа рок од шест месеци на пратениците за да ги коригираат „спорните измени“. Рокот истече во август, но со оглед на тоа што имаше локални избори, претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски најави дека конечна одлука ќе донесат на последната седница на Уставен, на 24 декември.
Уставниот суд има на располагање три механизми: да ги укине измените, да ги поништи и да гив рати на сила старите, и трето, да ги поништи и укине, но со одложено дејство. Меѓутоа, она што сега останува отворено како прашање е дали судиите ќе одлучуваат доколку пратениците во Собранието ги изгласаат предлог-измените што веќе се во процедура.
Додека пратениците од власта велат дека со измените сакаат да ја „анулираат негативната состојба“, дел од опозицијата критикува. Пратеничката и претседателка на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, јавно реагираше дека предлогот од власта за нови измени носи слични одредби како и досега, а нови проблеми.
„Зголемување на роковите за застареност – или престанете да ја навредувате интелигенцијата на граѓаните. Со овие одредби, делата повторно ќе застаруваат“, реагира Зајкова.
Таа критикува и дека една и пол година се замајувала јавноста со изговор дека се чека нов Кривичен законик прашувајќи каде е тој?
Новиот закон на усогласување со четири директиви на ЕУ
Кога е во прашање новиот Кривичен законик, кој првично беше најавуван дека ќе се донесе до крајот на годинава, од Министерството за правда за РСЕ велат дека готова е нацрт-верзијата, но потребни се дополнителни усогласување со четири нови директиви од ЕУ.
Станува збор за: Директива за заштита на животната средина преку кривично право(EcoCrime), Директива за семејно насилство и насилство врз жените, Директива за поврат на средства и конфискација и Предлог-директива за борба против корупцијата.
„Се утврдува и ново кривично дело во врска со Злоупотреба на снимка, фотографија, аудиозапис со сексуално експлицитна содржина, каде се инкриминирани и видеа креирани со вештачка интелигенција познати како deep fake“, додаваат од Министерството за правда.
Правната аналитичарка, Ивана Петковска, потенцира дека покрај тоа што државата во Реформската агенда со Европската комисија се обврзала да донесе закон согласно европските стандарди, паралелно „треба да биде одговорна и кон самата себе“.
„Освен исполнувањето на обврските на патот кон ЕУ, еднакво важно е институциите да покажат дека работат во интерес на граѓаните и дека ги почитуваат принципите на правната држава. Реформите не смеат да бидат само техничко исполнување на задачи, туку доказ дека навистина сакаме суштински промени во системот“, вели Петковска за РСЕ.
На обврската од нов Кривичен законик во ноември потсети и Европската Унија. Презентирајќи го извештајот за напредокот на земјата, евроамбасадорот Михалис Рокас, на прес-конференција во Владата во Скопје потсети дека ова прашање треба да се реши.