Фемицидите - непроценет ризик за безбедноста на жртвите на насилство

Протест во Скопје против насилство врз жени/Септември 2025

Резиме

  • Осумнаесет жени и две малолетни девојчиња биле убиени во Северна Македонија од 2023 година до ноември 2025. Според податоците кои МВР седум се жртви на семејно насилство.
  • Невладините бараат подобра проценка на ризикот за да се намали или елиминира најексплицитната форма на семејно односно родово-базирано насилство, а тоа е фемицидот.
  • Северна Македонија се наоѓа на третото место во Европа по бројот на фемициди, според Евростат.

„Или ќе бидеш моја, или ќе бидеш мртва“! Вака гласела една од бројните закани кои го ставиле во ризик животот на 31-годишната Росица Коцева од Велес, која во континуитет трпела насилство од нејзиниот поранешен партнер, Илија Стефановски.

Разделбата со скопјанецот, осум години постар од неа, наместо олеснување ќе донесе опасност за Росица. За разлика од многу жртви кои не го пријавуваат насилство, младата велешанка очајнички барала помош од институциите – како од полицијата, така и од обвинителството.

Освен заканите, Илија ја вознемирувал, ја тепал, пишувал навредливи графити директно посочувајќи го нејзиното, но и името на нејзиниот полубрат. Насилството на Илија го „искусиле“ и пријателката и таткото на Росица, кои добивале заканувачки пораки од него, по што тој го запалил автомобилот на таткото на својата поранешна девојка.

И покрај ова, Стефановски добил само условна казна и мерка забрана за приближување, која и претходно му била изречена, но не ја почитувал.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Институциите да не затајуваат кога треба да ги заштитат жените

Од изрекувањето на условната казна нема да помине ниту една недела, кога насилството врз Росица ќе ја достигне кулминацијата. Животот на жената чии пријави биле крик за помош, ќе згасне по повредите кои со остар предмет ќе ѝ ги нанесе Илија. Истиот ден, 15-ти септември, тој ќе го убие и таткото на Росица, 68-годишниот Киро Коцев.

По двојното убиство, Илија Стефановски и сам си го одзеде животот.

Шест жени убиени од јануари до ноември 2025

Случајот резултираше со неколку протести по скопските улици. Името на Росица во меѓувреме, стана симбол на сомнежот за институционалната заштита на жените жртви на насилство.

Таа е една од вкупно шест жени кои биле убиени во земјава од јануари до ноември 2025 година. Во два од случаите, убиството било извршено при семејно насилство.

Министерството за внатрешни работи во писмен одговор до Радио Слободна Европа, информира дека во 2024 година, убиени се пет женски лица. Најмладата жртва имала само две години. Два од случаите се извршени при семејно насилство.

Една година претходно пак, регистрирани се седум кривични дела „убиство“ во кои жртви се девет жени од кои една жртва е девојче на возраст од 14 години. Во три од овие случаи, кривичното дело е извршено при семејно насилство, а жртви се три жени, наведуваат од МВР.

Евростат нѐ позиционира на третото место по број на фемициди

Со ваквата статистика, Северна Македонија се наоѓа на третото место во Европа по бројот на фемициди, како најекстремен вид на родово базирано насилство.

Видете и ова: Жртвите на фемицид се слушаат кога се веќе мртви

Податоците кои ги објави Евростат, а кои се однесуваат на 2023 година, покажуваат дека пред нас се само Литванија и Латвија.

Фемицидот се разликува од останатите убиства, бидејќи зад него се крие родова мотивација, а жената е убиена затоа што е жена. Вака квалификуваниот обид за убиство влезе во македонскиот Кривичен законик во 2023-та година, иако како термин не постои никаде во него.

Сепак, членот 123 препознава лишување од живот при вршење семејно насилство, како и „лишување од живот на жена или девојче до 18 години, при вршење на родово-базирано насилство“ – дела за кои е предвидена затворска казна од најмалку 10 години или доживотен затвор.

Северна Македонија е една од првите во регионот која го препозна фемицидот како кривично дело, но сепак земји како Грција и Црна Гора се вбројуваат меѓу оние со ниска стапка на убиени жени, главно од нивните интимни партнери.

Па, тогаш зошто стапката овде е една од највисоките?

Соговорниците на Радио Слободна Европа велат дека институциите не го проценуваат соодветно ризикот за безбедноста на жртвата, а токму тоа од таму почнува превенцијата на фемицидите. Пример, за тоа дека тие може да се елиминираат е Малта, каде според Евростат, не е регистриран ваков случај во годината на која се однесува извештајот.

Сепак, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство нотира дека од 2014 до 2024 во Северна Македонија се извршени 40 обиди за убиство на жени, а 75 биле убиени. Правејќи увид во сите вие случаи, но и во оние од 2025, Националната мрежа ја подготвува таканаречената Опсерваторија за фемициди.

Оваа платформа која треба да профункционира годинава ќе ги даде податоците за сите завршени судски предмети со правосилна пресуда и ќе покаже колку од убиените жени биле жртви на фемицид.

Како да се мобилизираат институциите?

Но, додека се чека овој „увид“ од страна на невладиниот сектор, впечатокот е дека државата потклекнува во проценката на ризикот.

Видете и ова: Системот ги турка жртвите во рацете на насилникот

Извршната директорка на Националната мрежа, Елена Димушевска вели дека овде може да има повеќе аспекти.

„Генерално се прави пропуст од аспект на недоволно знаење и вештини на вработените или од немањето ресурси и специјализирани услуги за поддршка. Процената на ризик не е само чек-листа. Доколку се утврди висок ризик, жената треба да се смести на безбедна локација, а ние на национално ниво имаме не повеќе од 70–80 кревети“, вели Димушевска за Радио Слободна Европа.

Според неа, неопходно е да се зајакнат човечките ресурси, што би значело вработување на повеќе професионалци на клучните позиции кои ја даваат првата линија на одговор.

Вработувањето на нови кадри, вели таа, е дотолку повеќе потребно што професионалецот треба да има доволно време за да се посвети на случајот во кој една жена пријавува насилство.

Ова е само првиот чекор, кој потоа повлекува план за безбедност. А во пракса, тоа значи тргање од домот, или на жртвата или на сторителот.

Но, и овој чекор има финансиски импликации кои засега покажуваат дека тоа што државата не издвојува доволно пари, може да чини многу скапо.

Всушност, цената е човечки живот.

„Потребни се финансиски средства затоа што кога ќе се процени дека ризикот е среден или висок, мора да се обезбеди услуга за заштита, како привремено сместување. Мора да постојат доволен број сместувачки капацитети, советувалишта и специјализирани услуги достапни за сите. Сè додека државата не алоцира доволно средства, не можеме да превенираме фемициди“, додава Димушевска.

Оттука, појаснува таа, без соодветни услуги, ниеден безбедносен план не може да биде целосно имплементиран и фемицидите ќе се случуваат и понатаму.

Поттик за службениците кои работат со оваа проблематика

На несоодветна проценка на ризикот, преку својата работа сведочи и адвокатката, Катерина Котеска Стисниовска која застапува жртви на семејно насилство. Така, во неодамнешен случај на пријава во полициска станица, службениците ѝ објасниле на жртвата дека таа нема доволно докази.

„На жртвата ѝ беше кажано дека треба да обезбеди сведоци, како и снимки од камери, иако случајот на загрозување на безбедноста ги содржеше сите елементи од членот 144 од Кривичниот законик“, споделува за РСЕ, Котеска Стисниовска.

Видете и ова: „Ниту една повеќе“: Нов протест во Скопје за правда на жените

Затоа, вели таа, на веќе вработените во институциите им треба едукација, но и тоа не би било доволно. Наспроти јавното мислење дека во институциите има пренатрупаност со вработени, адвокатката вели дека еден вработен нема капацитет да води по 50 или по 100 предмети.

Покрај ова, таа вели дека државата треба да размисли да ги поттикне службениците кои работат со оваа проблематика.

Искуството покажува дека центрите за социјална работа неретко се обидуваат и да ги смират партнерите, но кога ова се случува без казна, адвокатката вели дека насилникот добива „ветер во грб“ да постапи на истиот начин.

Но и кога ќе се разделат, токму насилникот е тој кој останува во домот, а жртвата доколку нема каде да се смести, оди во некој од шелтер центрите кои државата ги нема во доволен број. Дополнително, во проценката на ризик, законот им ги врзува рацете на обвинителите не оставајќи секогаш можност за да побараат притвор.

Меѓутоа, ревизорите утврдија дека бројот на легла во прифатилиштата или шелтер центрите за жртвите, сочинува само 37 отсто од капацитетите кои државата треба да ги има според бројот на жители.

Видете и ова: ОН: Еден фемицид на секои 10 минути во светот

Од вкупно 67 легла низ целата земја, со 19 раководат граѓански организации. Меѓу нив, е и „Скај Плус“ во Струмица.

Стојне Митева од ова здружение, вели дека 70 отсто од жртвите кои престојувале во шелтерот претрпеле обид за убиство или барем закани дека ќе бидат убиени. Откако е отворен единствениот шелтер од ваков тип во југоисточниот дел од земјата во 2020, меѓу неговите ѕидови се раскажуваат разноразни животни приказни од насилна средина, секоја трагична на свој начин.

Ревиктимизација на жртвите

Меѓу жените кои овде побарале спас, е жена чиј свекор се обидел да ја убие со огнено оружје. Обидот за убиство бил кулминација и на сексуалното насилство со кое се соочила друга жена, но се спасила во последен момент.

Митева вели дека ова се загрижувачки податоци бидејќи покажуваат дека жените буквално се соочуваат со смртта. Таа забележува дека институциите треба да бидат свесни и будни бидејќи се работи за човечки судбини.

Меѓу другото, тоа подразбира и тие да ја информираат жената како најсоодветно да го пријави насилството.

„Полициските станици понекогаш не ја информираат жената дека ако поднесе само поплака, тие само ќе излезат на терен и ќе го предупредат насилникот да се смири, со што работата се заташкува. Не може претепана жена да помине само со поплака каде што само го предупредуваат насилникот и приказната завршува, бидејќи на крајот ќе имаме убиство“, посочува Митева за Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Сѐ повеќе жени и деца жртви на насилство, а нема доволно места да се засолнат

Во бирократските лавиринти, ревиктимизацијата не е непозната и жртвите мораат одново и одново да го раскажуваат пеколот кој го поминале.

Во тоа неколкукратно прераскажување на насилството, жените наидуваат на службеници кои не се доволно сензибилизирани за овие прашања. Затоа, Митева вели дека на дел од нив им треба буквално „превоспитување“ по кое ќе се воздржат од коментари кон жртвата.

Но и кога ќе се донесе пресуда, таа вели дека често насилниците добиваат само условна, или затворска казна од неколку месеци.

„Не е проблем во Македонија само да ја извадите жртвата, туку таа и онака нема доверба во институциите, а и нема доволен број на шелтер центри. Не постојат шелтер центри кои може да ги покријат сите лелеци на жртвите во Македонија. И недозволиво е понатаму да се мисли дека треба да живеат само неколку центри“, порачува Митева за РСЕ.

Сиљановска-Давкова: Фемицидот, најекстремна последица на толерираното насилство врз жените

Ваквите недостатоци, очигледно, создаваат игнорантски однос кон заканите, навредите и стравот. А токму со нив, според претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова започнува секој фемицид.

Видете и ова: Сиљановска-Давкова: Кочани не доведе до ѕидот на срамот

Во обраќањето пред пратениците на крајот на декември, таа рече дека фемицидот е јасен показател за институционален и системски неуспех. Од собраниската говорница, претседателката повика на неопходност од Националната стратегија 2026-2033 и проширување на мрежата на засолништа.

„Потребна е професионализација на центрите преку строги стандарди, стручен кадар и брзо лиценцирање на СОС линиите“, посочи Сиљановска-Давкова.

Потребата од поголеми институционални напори ја констатираше и Европската комисија во последниот извештај за напредокот на земјава.

МВР не одговори на прашањето на РСЕ дали организира обуки или тренинзи за полициските службеници за родово-базирано насилство, но несомнено е дека тие ќе треба да се случуваат во континуитет ако се следат препораките на ЕК.

-Континуираната обука за судии, обвинители и полиција е од клучно значење, како што препорачува Групата на експерти за акција против насилството врз жените и семејно насилство (ГРЕВИО), потсетува Комисијата во извештајот што го објави во ноември 2025.