Достапни линкови

Сѐ повеќе жени и деца жртви на насилство, а нема доволно места да се засолнат


Жртва на насилство/Илустрација
Жртва на насилство/Илустрација

Сѐ повеќе жени трпат насилство, но капацитетите на шелтер центрите не се доволни да се засолнат. Дел од центрите не се функција, а нема ни доволно советувалишта-утврдија ревизорите. Властите нотирале 1260 жртви на семејно насилство во првите девет месеци, а невладиниот сектор 65 повици во октомври на СОС линијата за помош и поддршка.

Малолетничка била сексуално злоставувана од својот очув, па немајќи кому друг, ѝ се доверила на својата другарка за насилството кое го преживува. Нејзината другарка, исто така малолетна, во обид да ѝ помогне, се обратила на мобилната СОС линија 141 700 воспоставена од Националниот совет за родова рамноправност. Девојката побарала помош од оваа невладина организација, за да ја поврзе жртвата со нејзиниот биолошки татко, надевајќи се дека така ќе излезе од канџите на насилникот со кого живееле под ист кров.

Од Советот за родова рамноправност го пријавиле случајот во полиција, но и во Центарот за социјална работа. По ова, тинејџерката со нивна помош остварила контакт со својот татко и се обратиле на полицијата.

Над 60 јавувања во октомври на СОС линијата 141 700

Ова е само еден од криците за помош, на кои секојдневно сведочат операторките на Националниот совет за родова рамноправност. Тие се специјално обучени за да им помогнат и да ги поддржат жртвите на родово-базирано насилство, кои може да се обратат на македонски, албански, ромски или турски јазик.

Минатиот месец се забележани 65 јавувања. Во 37 од случаите, повикот го реализирала самата жртва. Најголем дел од жртвите кои се јавиле биле од Скопје.

Претседателката на Националниот совет за родова рамноправност, Савка Тодоровска вели дека пријавите најчесто се однесуваат на физичкото насилство. Жените сѐ почесто го препознаваат и психолошкото и економското насилство.

Така, меѓу повиците, е и жена која се пожалила дека трпи физичко насилство не само од својот сопруг туку и од свекрвата. Дента, кога оваа жртва побарала помош од организацијата, нејзиниот сопруг всушност, ја удирал со ламба по телото и рацете.

Тодоровска за Радио Слободна Европа, раскажува дека според сведоштвото, насилството траело подолго време, но жртвата не се охрабрила да го пријави случајот во институциите.

„Таа имаше потреба од разговор и сослушување. Случаите на кои сведочиме се различни и секој е приказна за себе“, вели Тодоровска за РСЕ.

Вкупно 67 од потребните 184 легла во засолништата

Линијата е воспоставена во 1994 година, кога капацитетите на државата за поддршка на жртвите на семејно насилство не била ни споредлива со оваа денес.

Сепак и покрај ратификацијата на Истанбулската конвенција и мноштвото измени кои ги претрпеа домашните закони, Северна Македонија кубури со советувалишта и прифатилишта односно шелтер центри за жртвите.

Ова го нотираше и Државниот завод за ревизија, кој објави дека дел од постојните објекти не ги исполнуваат условите во однос на локација, опрема, простор и кадар. Според ревизорите, оваа состојба не овозможува ефикасна заштита на жртвите.

Претставено во бројки, на територија на државата има вкупно 67 легла во овие центри, од кои 48 се од Центрите за социјални работи, а 19 од невладиниот сектор.

Сите тие заедно, сочинуваат само 37 отсто од бројот на легла кој би требало да го има согласно бројот на жители во државава.

Во моментов, два од центрите се надвор од функција – потврдуваат за Радио Слободна Европа од Министерството за социјална политика, демографија и млади, но не објаснуваат зошто тие центри останале без финансирање.

Тодоровска вели дека не е важно само да ги има овие центри, туку и квалитетот на престој кој се нуди таму за жртвите и за нивните деца.

„Овие прифатилишта се на тајна адреса и ние како операторки немаме согледувања за условите. Но често пати, кога жртвите ќе излезат таму, тие го искажуваат своето незадоволство од условите“, посочува Тодоровска за РСЕ.

Додека ревизорите утврдија дека ниту територијалната распределба на овие центри не е рамномерна, Тодоровска вели дека тоа може да го измести комплетно животот на жртвата и особено на нејзините деца ако веќе одат на училиште. Затоа, како што додава таа, нејзината организација се залага насилникот да биде тој што ќе се исели од местото на живеење.

„Тие повторно стануваат виктимизирани во нови услови и децата во затворен простор каде што нема да можат да го продолжат своето одење на училиште и дружењето со другарчиња. Се изместува процесот на нормално живеење“, додава Тодоровска.

Струмица ќе добие куќа за домување за жртвите

Но со ова, не се согласува целосно струмичанката Стојне Митева чие здружение „Скај Плус“ раководи со единствениот центар од ваков тип во Југоисточниот регион на државата.

Митева вели дека секаде низ светот има шелтери кои ја извлекуваат жртвата од насилната средина.

„Но нашиот менталитет вели ‘ах, јас сум работел/a за таа куќа или сум создавал/а за тој стан“. Ние некако како да се врзуваме за материјалните нешта за разлика од западниот свет, а во момент на насилство најважно е безбедноста на жртвата да е во добри раце“, вели Митева за Радио Слободна Европа.

Таа додава дека кога жената ќе реши да го напушти насилникот, без да има каде да оди, таа е во ризик од бедномништво. Тука, според Митева, се јавува потребата од куќите за отворено домување, а една таква треба да добие и Струмица на почетокот на идната година.

Институциите да не затајуваат кога треба да ги заштитат жените
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:55 0:00

Во меѓувреме, Центарот кој го менаџира здружението „Скај Плус“ е единствениот кој е финансиран од локалната самоуправа. Отворен е во 2020 година со првична идеја во него да се сместуваат жртвите од Струмица, Василево, Босилово и Ново Село. Но, откако ковид пандемијата донесе пораст на случаите на семејно насилство, овде почнале да пристигнуваат жртви од целата држава.

„Дури имавме меѓународни трансфери на жени од соседните држави заглавени тука за време на короната. Правевме напори да ги преуредиме просториите со цел да ги сместиме жените коишто побараа помош од нас, но потоа се вративме на старо. Сега може да сместиме осум жени и од пет до седум деца, во зависност од нивната возраст“, вели Митева.

Како функционира шелтерот?

Во поддршката на жртвите се вклучуваат и компаниите кои овозможуваат храна, облека и хигиенски средства. Митева вели тоа се плејада на производи кои придонесуваат на жените и нивните деца ништо да не им недостига. За останатото, нематеријалното, овде се вработените во центарот. Митева е дел од психолошкиот тим, покрај кој има и социјални работници, негуватели и други профили кои се обидуваат да „ја застанат жртвата на нозе“.

Соговорничката на РСЕ вели дека најважно е тие да стекнат доверба во вработените, за да се вратат на своите нормални текови. А кога ризикот е висок, децата на жртвите ја следат наставата онлајн.

„Децата кои се сведоци на насилство, порано созреваат. Но кога ќе стекнат доверба во вас, со нив е лесно да се работи. Тие се како глина која лесно може да ја извајате. Детето стекнало трауми, но посттрауматскиот период е многу важен во шелтерот надвор од сите надворешни влијанија“, посочува таа.

Во „обрачот од заштита“, организацијата контактира и со компанијата каде е вработена жената жртва за да не ја изгуби работата додека судот не донесе забрана за приближување за насилникот.

Тимот на „Скај Плус“ во меѓувреме ги обучи и вработените во Центарот за женски права „Етика“ по што ваков шелтер центар доби и Гостивар.

Митева вели дека бројот на жртви постојано расте, а тоа ја наметнува потребата од отворање на што повеќе центри во државата.

Пораст на бројот на жртви

Иако е благ, порастот низ годините го забележа и Заводот за ревизија кој објави дека од 2020 до 2023 година се евидентирани 6.282 нови жртви на семејно насилство повикувајќи се на податоците од 30 центри за социјална работа.

Во истиот период, според статистиката на МВР, се извршени 6.242 кривични дела поврзани со семејно насилство. Бројот на мажи сторители на кривични дела е 9 до 11 пати повисок од бројот на жени.

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади, за РСЕ велат дека лани евидентирани се 1836 жртви на семејно насилство.

Во првите девет месеци од оваа година, нивниот број изнесува 1260.

До крајот на годината се очекува до Владата да биде доставена Нацрт-верзијата од Национална стратегија за превенција и заштита од родово базирано насилство врз жени и семејно насилство.

До тогаш, и организациите и институциите ќе се вклучат во кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, која секоја година почнува на 25 ноември на меѓународно ниво.

Кампањата завршува на 10 декември, Денот на човековите права со цел, да се обезбеди глобална акција за зголемување на напорите за ставање крај на насилството врз жените.

XS
SM
MD
LG