По 17 години заеднички живот, Сашо и неговата сопруга решиле да се разведат. Распаѓањето на бракот значително го скратило времето кое тој можел да го поминува со своите две ќерки, кои во тој момент биле на 16 и на седумгодишна возраст.
„Најдоброто време што може да го добиете за гледање со вашето дете ако сте се развеле, а другиот родител го добил старателството, е 72 часа неделно. Јас се обидувам да го добијам ова право, бидејќи сега двете деца ги гледам секој втор викенд и по некој ден во работната недела“, вели за Радио Слободна Европа, скопјанецот Сашо Панговски.
Неговата поголема ќерка наскоро ќе стане полнолетна, па го радува тоа што, како што вели, ќе се гледаат секогаш кога таа ќе посака, додека самиот прави напори да издејствува повеќе време за гледање со помалата. По разводот, Сашо решава да се приклучи на здружението „Наши“ каде сега е и претседател, придружувајќи се во барањето за воведување заедничко старателство.
„Ние се залагаме за автоматско заедничко старателство, а ако некој од родителите има проблем со зависност или агресивност, тоа да се докаже по судски пат. Стартната позиција 50:50 родителство овозможува родителите кои сакаат да бидат инволвирани во животот на децата, да го прават тоа непречено“, додава тој.
Собраниски расправи без исход
Барањето за воведување заедничко старателство е од 2015 година, кога разведените татковци беа здружени во граѓанска иницијатива. Меѓу нив, пред формирањето на здружението, беше и Наум Рибароски кој вели дека и Собранието два пати одржало расправи за овој предлог, но без заклучок.
Бидејќи не постои законска можност за заедничко старателство, има разведени двојки сепак го „применуваат“ и ги споделуваат обврските кон децата и времето кое го поминуваат со нив, иако судот во речиси 90 отсто од бракоразводните парници старателството го доделува на мајката.
„Доколку би имало закон би се чувствувал порамноправно со мајката, бидејќи не сите разводи се лоши и како во мојот случај, ние и двајцата сме подеднакво вклучени во чувањето и воспитувањето на нашата ќерка“, вели еден скопјанец за РСЕ, кој сакаше да остане анонимен.
Здрав родителски однос по развод е реткост
Невладините организации обединети во Национална мрежа против насилство врз жените и семејното насилство сметаат дека Концептот на заедничко родителство е одличен како модел за пост-разводно родителство затоа што опфаќа еднаква вклученост на двајцата родители во животот на детето. Но отворено се сомневаат дека може да функционира во земја како Северна Македонија и затоа Елена Димушевска, извршната директорка на Националната мрежа против семејно насилство вели дека не треба да се воведува како законско решение.
Таа објаснува дека заедничкото родителство не значи дека детето мора да поминува исто време со двајцата родители, туку дека родителите мора да се договараат и заеднички да одлучуваат за различните аспекти од животот на детето.
„За да може непречено да комуницираат, неопходно е партнерите кои се разведени, да ги имаат прифатено разводот и на рационално и на емоционално ниво, односно да не постои лутина и меѓусебно обвинување за причините поради кои се случил разводот. Во земја, како Македонија во која психолошкото советување е сè уште табу тема, и каде само мал процент од партнерите посетуваат постразводно советување, оддржувањето на здрав родителски однос по развод е ретко. Па оттаму, и моделот на заедничко родителство многу тешко би се имплементирал, односно нема да ја исполни својата основна цел - да се задоволи најдобриот интерес на детето, а тоа хармоничен живот исполнет со љубов и разбирање“, вели Димушевска.
Димушевска смета институциите немаат капацитети да го спроведат овој модел, во кој ќе мора да постојат услови или критериуми за проценка на родителските капацитети и вештини да го спроведат во секојдневието.
„Воведувањето на заедничко старателство не значи дека сите ќе го добијат, освен наведените исклучоци, туку само постои како можност таму каде што има услови за истото. Опцијата едниот родител да го добие старателството, дури и во семејства каде нема семејно насилство, туку има конфликтни односи, ќе остане да постои“, вели Димушевска.
Предизвици во заедничкото старателство
Дека заедничкото старателство не е можно без добра соработка меѓу родителите, укажува и семејнологот, Елена Михајловска. Таа за РСЕ вели дека овој модел би можел да го минимизира стресот кај децата чиј социо-емоционален развој се разнишува при разводот.
„Децата се чувствуваат побезбедни кога знаат дека и двајцата родители се вклучени во нивниот живот и ги поддржуваат. Споделената одговорност значи дека остануваат истите правилата и рутини, што значителна го олеснува стресот кај нив“, истакнува Михајловска.
И покрај предностите, заедничкото старателство има и недостатоци односно бројни предизвици кои без соработка меѓу родителите ќе донесат нови конфликти што ќе создадат чувство на нестабилност кај децата.
„Координирањето на распоредот, превозот и аранжманите за живеење може да бидат голем предизвик и за родителите и за децата, што може да доведе до голема конфузност. Се јавува и финансиски притисок. Одржувањето на две домаќинства може да доведе до финансиско оптоварување, особено ако едниот родител има ограничени ресурси. Периодот на адаптација може да биде долг и исцрпувачки, кој бара значителна посветеност на време и енергија од двата родители“, објаснува Михајловска.
Заедничкото старателство – новина во Граѓанскиот законик
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади во изјава за Радио Слободна Европа наведуваат дека процесот на измена на Законот за семејство е долг и сложен, а предлог-измените сè уште се разгледуваат, но во контекст на донесувањето на Граѓанскиот законик.
Тој во моментот се изготвува во Министерството за правда каде претставници на здружението „Наши“ лани во август биле на средба со ресорниот министер.
-Министерот Филков ги слушна нивните барања и изрази надеж дека истите ќе бидат пренесени до работната група која работи на Граѓанскиот законик – кусо информираат од Министерството за правда за Радио Слободна Европа.
Министерството за социјална политика пак, наведува дека Граѓанскиот законик ќе ги регулира основните аспекти на граѓанското право, вклучувајќи го и семејното, а меѓу воведените новини ќе биде и принципот на заедничко родителство.
-Ова значи дека, во случај на развод, родителите ќе имаат еднакви права и обврски за воспитувањето и образованието на своите деца, а судовите ќе донесуваат одлуки кои ќе се базираат на најдобрите интереси на детето, обезбедувајќи рамноправност и почитување на правата на сите страни – истакнуваат од Министерството за социјална политика за РСЕ.
Поплаки до Народниот правобранител
Нетрпеливоста и реваншизмот меѓу партнерите кои се развеле, се пречка за децата непречено да ги остваруваат своите права – велат од канцеларијата на Народниот правобранител која лани постапувала по 57 претставки од областа Детски права односно од подобласта Семејно-правни односи.
Поплаките најчесто ги поднесуваат родителите со кои децата не живеат, но бројни се и оние што ги поднесуваат токму родителите кои го добиле старателството. Иако во незначителен број, вакви претставки до Народниот правобранител доаѓаат и од самите деца.
Од канцеларијата на Омбдусманот во одговор за РСЕ, велат дека родителите најчесто имаат поплаки за односот на другиот родител кон детето, за непочитување на решенијата од Центрите за социјална работа, но и за работата на стручните лица кои се вработени таму.
При постапување по предметите од оваа подобласт, Народниот правобранител се обраќа до месно надлежните Центри за социјална работа, а понатаму и до останатите надлежни органи од кои бара објективно да ја согледаат фактичката состојба и условите во семејството заради непречено остварување на правото на лични односи и контакти на детето со двајцата родители.
Официјалната статистика покажува дека сè повеќе бракови се распаѓаат, а сè помалку се склучуваат нови. Во последниот квартал од 2024 година биле регистрирани 601 развод, што е зголемување од 23,9% во споредба со истиот период лани – соопшти Државниот завод за статистика.
Истовремено, бројот на склучени бракови опаднал за 14,7%, со вкупно 2.430 бракови.