Државата над три децении води „битка“ сама со себе за имотен лист

Претседателската вила на Водно во Скопје, по повеќе од три децении, од неодамна има имотен лист (фотоархива).

Претседателската и премиерската вила веќе не се дивоградби. Добија имотен лист, на кој чекаат и државните вили во Охрид откако над 30 години се со нерешен статус. Проблеми со имотен лист има и за дел од државното земјиште на СОЗР, а за дел ревизорите велат дека не се ни знае што се случува со него.

Над три децении, македонските претседатели и премиери живееја и користеа вили без имотен лист. И тие се само мал дел од државните објекти кои немаат решен правен статус. Државата нема имотен лист и за бројно државно земјиште .

Ова се дел од забелешките што ги утврдија и ревизорите во последниот извештај за Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, а кои делумно ги прифаќа и актуелното раководство во оваа институција.

Извештајот што го објавија ревизорите на 5 февруари, е заснован на проверките кои ги правеле во СОЗР за 2024 година кога во Службата имаше две раководства – прво од минатата влада на СДСМ и ДУИ, а потоа од актуелната на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ.

Но, проблемите со државните објекти и земјиште, тлеат од осамостојувањето на државата од поранешна Југославија во 1991. Така, меѓу објектите што практично над триесет години постојат како дивоградби бидејќи немаат имотен лист се неколку резиденцијално-репрезентативни објекти во Скопје, како што се претседателската и премиерската вила (Вила 1 Скопје, Вила 2 Македонија, Вила 3 Скопје), но и тие во Охрид (вила Билјана, вила Охрид, вила Охрид 1 и вила Мир и Св. Стефан).

Во меѓувреме, дел од работите се промениле.

Видете и ова: Државата не се грижи домаќински за својот имот

Некои вили можеби ќе се даваат под закуп

Објектите на претседателската и премиерската во главниот град од неодамна добиле имотен лист.

„На минатата седница на Влада помина легализацијата и на охридските вили. Тоа се исто премиерска, претседателска и уште две вили коишто се во Св. Стефан“, вели директорот на СОЗР, Ивица Томовски.

Тие сега треба да се запишат во Катастар и конечно да добијат имотен лист.

Дел од овие објекти се за санација и во лоша состојба, што државата досега не можела да го направи. Вработените во Службата посочуваат дека со оглед што се објекти од прва категорија, потребна е дозвола, а за таа да се извади треба имотен лист.

„Бевме во ситуација да оставаме свесно да пропаѓа, за да не влеземе во кривичен погон ако реновираме, а немаме дозвола“, коментираат дел од нив.

Но, што сега откако ќе добијат имотен лист? На прашањето на Радио Слободна Европа, Томовски вели дека за вилите во Охрид допрва ќе се утврдува што е можно и потребно – дали да се користи од државата или да се изнајми.

Доколку нема потреба од некоја од нив, според него, поисплатливо е да се даде на концесионер, да се постават услови за користење и закуп на 10 или 15 години, по кои објектот повторно ќе биде сопственост на државата. Налик, посочува Томовски, како што направи државата со комплексот „Македонско село“ во скопско Нерези.

Надлежна за издавање имотен лист е Агенцијата за катастар, чиј директор Иван Живковски, вели дека откако тој е на функцијата од јули 2024 до јануари 2026 имаат упишано над 30 до 40 државни објекти коишто имале нерегулиран статус. Зошто тоа не се правело претходно, вели, не знае.

„Постапката е следна: Владата носи одлука, нè задолжува нас да ги измериме објектите. Ние правиме елаборат, после тоа Владата носи одлука за запишување на право на сопственост и ние го запишуваме правото на сопственост на самите објекти“, вели Живковски за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Видете и ова: Агенција што конфискува имот нема имотен лист

Државно земјиште – го има, како да го нема

Покрај вилите, проблеми СОЗР има и со земјиштето за кое таа е надлежна. Ревизорите утврдија дека заклучно со 2024-та земјиштето за кое Службата има евиденција е проценето на повеќе од 320 милиони евра.

„Утврдивме состојби кои упатуваат на недоследности во проценката на вредноста на земјиштето од страна на Службата“, наведува Државниот завод за ревизија (ДЗР) во извештајот.

Такви недоследности, набројуваат оттаму, се што евиденција се води по локации без притоа површината на земјиштето да биде усогласена со имотен лист, како и што таа не се базира на површина од катастарски парцели, категории итн.

Ревизорите, меѓу другото, нагласуваат и оти Службата не располага со информации дали и за што воопшто се користи земјиште низ повеќе градови во државата, како Струмица, Кичево, Куманово, Велес, Штип и Дојран.

Вработените во СОЗР, пак, на брифинг со новинари посочуваат дека дел од тие податоци тие треба да ги добијат од Агенцијата за Катастар. Како што тврдат, барале информации, но добивале одговори дека „Катастарот не располага со податоци“. И во таков лавиринт се заплеткани со години.

Директорот на Катастар, Иван Живковски, пак, посочува дека постапките за тоа чие е некое земјиште треба да ги водат други институции, а тие како катастар се должни да запишат сопственост доколу им се даде правен основ за тоа. Ние, вели тој, не сме ниту истражен ниту орган кој носи решение за запишување туку само ја водиме јавната книта.

„Ние имаме архиви по 100 по 200 години, некои податоци ги имаме, се чуваат. СОЗР или било која друга државна институција или било кое физичко лице или правно лице може да изврши увид во нив и да види дали нешто може да му послужи во некои други постапки“, вели Живкоски.

Дел од земјиштето е наследено кога од македонска територија си заминала ЈНА, во 1993, па така дел од имотот завршил во владение на СОЗР. Надлежните, според најавите, најавуваат дека по 30-тина година ќе ги решат проблемите.

„Ќе формираме една работна група којашто ќе работи на оваа проблематика и се надевам дека за брзо време ќе го решиме и тој проблем. Она што реално го имаме — да го имаме, она што го немаме — барем да знаеме дека не е во наша сопственост“, вели директорот на Службата, Томовски.

Видете и ова: Негрижа за државните имоти и урбанистичко дивеење

Државата нема единствен регистар на државен имот

СОЗР е само една од повеќе институции кои водат евиденција за недвижен имот во Северна Македонија. Евиденција се води, на пример и во Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, но и во секој државен орган на кој владата со одлука му има доделено право на времено или трајно користење на имотот.

Тоа го констатираше и Државниот завод за ревизија (ДЗР), кои и во новиот и во претходните извештај поврзани со државниот имот ја нагласува потребата државата да направи регистар на државен недвижен имот.

„Ревизијата укажува на Владата од потребата за побрза динамика на активностите за воспоставување на регистарот на недвижниот имот на државата. Исто така ревизијата укажува на Службата од потребата за софтверска апликација за целосна, навремена и точна евиденција на имотот со кој располага и управува во однос на површината, корисниците и времето на користење“, наведоа ревизорите во најновиот извештај од 5 февруари.

Од ДЗР во 2024 објавија извештај и за севкупниот државен имот во кој беше констатирано дека над 600 државни парцели од 1,5 милиони метри квадратни чекаат упис во Катастар.