Достапни линкови

Цената или роднински врски пресудни за тендерот за обезбедување државни објекти?


Влада на Северна Македонија и фирмата Преториан, илустрација
Влада на Северна Македонија и фирмата Преториан, илустрација

Компанијата која го добила тендерот на СОЗР за обезбедување на државни објекти формирала подружница по објавување на тендерот која води до фамилијарни врски на директорот на СОЗР, Ивица Томовски. За Томовски нема ништо спорно и тврди дека успеал да направи конкурентен тендер по пониска цена.

Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), орган во рамки на Владата склучи договор за обезбедување на државните објекти со компанијата „Праеториан ДООЕЛ“, во која Власе Танаскоски, роднина на директорот Ивица Томовски е раководител на подружница во Охрид, открива РСЕ.

Компанијата која во следните три години ќе ги обезбедува државните објекти треба во следниот период само да ја достави банкарската гаранција.

Според техничките спефификации објавени во тендерската постапка, потребни за извршување на услугите со ангажман од полно работно време или бројка од вкупно 167 ангажирани лица по просечна плата, тендерот тежи околу 22 милиони денари или над 3,5 милиони евра.

СОЗР го распиша огласот на 10 октомври 2024 година. До тој момент, компанијата „Праеториан ДООЕЛ“ е во сопственост на Тадеуш Јарчев, а како управител е заведена Анета Јарчева.

Сепак, документите кои ги обезбеди РСЕ покажуваат дека само осум дена подоцна, во ек на огласот, односно на 18 октомври, Власе Танаскоски влегува во „Праеториан ДООЕЛ Скопје“.

Копија од регистарска влошка на „Праеториан ДООЕЛ“ во Охрид - основање на подружница на за нејзин раководител е назначен Власе Танаскоски, роднина на директорот на СОЗР, Ивица Томовски.
Копија од регистарска влошка на „Праеториан ДООЕЛ“ во Охрид - основање на подружница на за нејзин раководител е назначен Власе Танаскоски, роднина на директорот на СОЗР, Ивица Томовски.

Два дена претходно на 16 октомври, сопствениците на компанијата поднесуваат барање до Централниот регистар за регистрирање на подружница и именување на нејзин раководител, а тоа е Власе Танаскоски.

Одлука на „Праеториан ДООЕЛ“ за организирање на подружница во Охрид
Одлука на „Праеториан ДООЕЛ“ за организирање на подружница во Охрид

Адресата на која е регистрирана подружницата на „Праеториан ДООЕЛ“ е на улица 7-ми ноември бр. 262 во Охрид.

Сепак, симптоматично е што на оваа адреса се наоѓа седиштето на компанијата „Гашо Пласт“, чиј сопственик e Дарко Гашиќ, кој пак е прв братучед на директорот на СОЗР Ивица Томовски.

Увид во сопственоста на компанијата „Гашо Пласт“ и адресата каде е регистрирана во Охрид
Увид во сопственоста на компанијата „Гашо Пласт“ и адресата каде е регистрирана во Охрид

РСЕ го следеше спроведувањето на јавната набавка на Бирото за јавни набавки од почетокот на објавување до самиот крај.

На тендерот се пријавија вкупно четири компании, од кои за две СОЗР оцени дека не ги исполнуваат условите и ги исклучи од постапката, која понатаму продолжи само за „Праеториан ДООЕЛ Скопје“ и „Перпетуумобиле секјурити“.

„Перпетуумобиле секјурити“ во два наврати поднела жалби до Државната комисија за жалби по јавни набавки. Првата била прифатена, но втората била одбиена.

На седница одржана на 09.01.2025 година, Државната комисија ја отфрла повторената жалба како неоснована и ја потврдува одлуката на СОЗР за избор на „Праеториан ДООЕЛ Скопје“ за најповолна понуда.

За Томовски нема ништо спорно

РСЕ му ги предочи информациите извадени од официјални документи на директорот Ивица Томоски дополнително прашувајќи го и за роднинските врски со Танаскоски и Гашиќ, но и потенцијалниот непотизам и судир на интереси, за кој Томовски вели дека такво нешто нема.

Томовски за РСЕ вели дека нема информации за тоа дека Власе Танаскоски е дел од „Праеториан ДООЕЛ“ и дека подружницата на која тој е раководител е регистирана на фирмата на неговиот прв братучед Дарко Гашиќ.

За Власе Танаскоски вели дека не му е прв братучед. На прашањето на РСЕ во каква роднинска врска се, Томовски вели „може да му биде некој многу далечен роднина, а можеби и ништо“, додека за Дарко Гашиќ потврди дека му е братучед.

„Слободно проверете сопствеништво. Јас ќе ви стојам на располагање да ви дадам секакви информации што се однесува до институцијата. Ако има нешто такво јас сум спремен да одговарам. Но, да не заборавиме што сум направил јас за тој тендер, сум ги олеснил условите за 50 насто за да можат повеќе компании и зголемена конкуренција и да се намали вредноста на тендерот. Сум заштедил за државата 30 милиони денари“, изјави директорот на СОЗР, Томовски за РСЕ.

На 20 јануари, РСЕ се јави и во компанијата „Праеториан ДООЕЛ“, барајќи да разговара со сопственикот Тадеуш Јарчев. Оставивме контакт информации, но повратно никој не не побара.

Го побаравме и Дарко Гашиќ, прв братучед на Томовски, на чија адреса „Гашо Пласт“ е регистрирана подружницата на „Праеториан ДООЕЛ“, чиј раководител е Власе Танаскоски.

„На адресата на „Гашо Пласт“ работам јас. Можно е да има повеќе фирми тука регистрирано, јас навистина не знам. Јас не сум власник на објектот“, рече за РСЕ, Дарко Гашиќ, велејќи дека го познава Власе Танаскоски и не упати одговори да побараме од него.

Државна репрезентација во етно ресторан „Калишта“

Алатката „Отворени финансии“ покажува дека на 22 октомври 2024 година, Службата за општи и заеднички работи при Владата потрошила 157.700 денари (2,564 евра) за услуги за репрезентација во „Етно ресторан Калишта“.

Алатката „Отворени финансии“ покажува исплата на СОЗР кон етно ресторанот „Калишта“
Алатката „Отворени финансии“ покажува исплата на СОЗР кон етно ресторанот „Калишта“

Овој ресторан во Струга се наоѓа на самиот брег на Охридското езеро. На хартија, според податоците од „Бизнис мрежа“ тој фигурира во сопственост на Магдалена Танаскоска.

Дарко Гашиќ за себе вели дека е редовен гостин во „Калишта“ и тоа е причината за сомнежите меѓу стружани дека всушност тој е вистинскиот сопственик на ресторанот. Меѓутоа, за РСЕ негира каква било поврзаност со неговата сопственичка структура.

„Јас сум таму редовен гост. Тоа што седам често луѓето зборуваат дека е мој. Јас редовно плаќам сметки таму можете да прашате, никогаш не сум потпишал сметка, а камоли дека сум власник“, рече тој.

За сомнежите меѓу стружани, Томовски за РСЕ вели дека не знае кој стои зад сопственоста на ресторанот.

„Навистина не знам кој стои, но дали не е нормално некаде да седнете на ручек или да побарате кетеринг услуга. Јас конкретно од тој ресторан имам побарано кетеринг услуга кога беше делегацијата на министерот Орбан“, изјави Томовски.

Роднини со криминален бекграунд

И двајцата роднини на директорот на СОЗР, Ивица Томовски - Власе Танаскоски и Дарко Гашиќ имале проблеми со законот и во Северна Македонија и во Србија.

Власе Танаскоски има 43 години и е роден во Калишта, Струга. Албанските медиуми на 18 август 2016 година известија дека Власе Танаскоски и Александар Трајковски биле уапсени од албанската полиција во Елбасан откако им биле пронајдени 101 грам кокаин во луксузно возило Туарег.

„Полицијата запленила и 6 мобилни телефони, 10 сим-картички, количина македонски динари и возило Јагуар. Материјалите се проследени до Обвинителството за тешки кривични дела Тирана за понатамошна постапка за кривично дело „Трговија со наркотици“, известуваа албанските медиуми за случајот.

Написи во албанските медиуми за апсењето на Власе Танаскоски во Елбасан, Албанија во 2016 година
Написи во албанските медиуми за апсењето на Власе Танаскоски во Елбасан, Албанија во 2016 година

РСЕ пред повеќе од една недела испрати прашања и до албанското Министерство за внатрешни работи и тамошното обвинителство - каков е епилогот од кривичната пријава и дали имало судска разврска. Одговори не добивме.

Дарко Гашиќ, пак, според објавите на српските медиуми, бил апсен од српската полиција во 2008 година и бил осомничен со поголема група на луѓе за убиство во белградската населба Калуѓерица во договорена тепачка меѓу две групи.

Според написите на српскиот весник „Новости“, од сите уапсени, Гашиќ и претходно и бил познат на тамошната полиција.

Во Северна Македонија, Дарко Гашиќ е сопственик на охридската фирма „Гашо пласт“, на чија адреса е регистрирана и подружницата на „Праеториан ДООЕЛ“, компанија која го доби тендерот во СОЗР.

Името на Дарко Гашиќ се појавува и во извештаите на партијата ВМРО-ДПМНЕ како нејзин донатор. Во 2021 година донирал 105.500 денари, а во 2009 година - 200.000 денари.

Донации на Дарко Гашиќ за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ објавени во извештаите на политичката партија за финансирање
Донации на Дарко Гашиќ за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ објавени во извештаите на политичката партија за финансирање

И двајцата братучеди на Томовски, пак, како што известуваа македонските медиуми во 2012 година, учествувале во тепачка со Александар Верушевски, помладиот син на поранешниот екс разузнавач, Зоран Верушевски.

„Во тепачката Верушевски бил поддржан од Михајло Наневски, Лазе Лошкоски и Гоце Скепаровски, а од другата страна биле Дарко Гашиќ и Власе Танасковски. На сите им е изречена мерка притвор“, пишуваа тогаш медиумите.

Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси ги препознава роднинските врски на непотизам, кронизам и судир на интереси.

Одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси недвосмислено го определува и терминот „блиски лица“.

„Под поимот „блиски лица“ се подразбираат лицата во брачна или вонбрачна заедница со службеното лице, роднини по крв во права линија и во странична линија до четврт степен, роднините по сватовство до втор степен, како и секое физичко или правно лице со кое службеното лице има финансиски интерес.“ стои во законот.

Воедно, Законот за спречување корупција и судир на интереси забранува и привилегирање или дискриминирање во јавните набавки и други договори.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG