Достапни линкови

ДКСК ќе истражува потенцијален судир на интереси меѓу Ивица Томовски и „Сити аутсорсинг“


Чучуљ: Ограничени сме и кадровски и софтверски за да го проверуваме имотот на сите функционери
please wait

No media source currently available

0:00 0:20:34 0:00

Чучуљ: Ограничени сме и кадровски и софтверски за да го проверуваме имотот на сите функционери

Резиме

  • Антикорупциска отвори предмет за обвинувањата на СДСМ за семејната поврзаност на компанијата „Сити аутсорсинг“ со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добивањето на 161 јавна набавка, вели во интервју за РСЕ претседателот Адем Чучуљ.
  • За сличен случај, неполн месец порано, ДКСК не утврди конфликт на интереси кај Томовски за тендерот за обезбедување доделен на компанијата „Праеториан“, кој го истражуваше РСЕ. Чучуљ вели дека освен прибрана документација, Томовски дал и изјава заверена на нотар дека управителот на подружницата формирана во ек на огласот не му е роднина и предметот го затвориле.

Седнавте на фотељата непосредно по извештајот на Европската Комисија којашто нотираше нарушен кредибилитет на институцијата по апсењето на екс-претседателката Татјана Димитриевска. Како да се врати интегритетот?

Прашањето за интегритетот е лично прашање на личен интегритет на кој било носител на јавна функција. Дефинитивно тоа што се случи со поранешната претседателка остави трага во одреден период на работата на Kомисијата и нормално врз оценката во европскиот извештај. Но, ќе напоменам дека многу е значајно тоа што Комисијата успеа да се издигне и покрај тоа што немаше неколку месеци претседател и продолжи тековно да работи и да ги извршува своите законски надлежности.

Сега сме целосно екипирани со изборот на новиот претседател, односно мојот избор. Сметам дека како комплетен состав, имајќи во предвид дека доаѓам од позиција генерален секретар, сум запознат со сите тековни активности на Комисијата ќе успееме да ги испорачаме обврските што од нас ги очекува јавноста, а особено значајно да ги поправиме оценките односно забелешките од извештајот на Европската Комисија.

Во извештајот се бара и да се зголеми ефикасноста во проверката на анкетните листови коишто ги доставуваат самите функционери. Моето прашање е дали воопшто проверувате како институција што пријавуваат функционерите во анкетните листови?

Да, важна надлежност е следењето на имотната состојба и интересите. Како што знаете, Државната комисија е надлежна да ги евидентира и следи имотната состојба и интересите. Со новото софтверско решение, сите изјави за имотна состојба и интереси функционерите ги поднесуваат во електронска форма, при што се должни да достават и печатена копија од тоа што го пријавиле во електронскиот образец. А надлежноста за проверка на имотна состојба исто така е наша.

Пред се сме обврзани односно должни да извршиме верификација на тоа што е пријавено дали е вистина и доколку утврдиме евентуално несразмерно зголемување, да ја испитаме имотната состојба на лицето, односно како дошло до зголемување - дали имало лицето средства да се стекне со таков имот. А во однос на опсегот односно проверката, морам да напоменам дека поради ограничените кадровски капацитети и недоволно развиеното софтверско решение, не сме во можност да ги проверуваме сите изјави.

Најважно од се, се врши проверка дали некое лице поднело и дали поднело во рок, за што следува прекршочна санкција. А во однос на проверка на вистинитоста, дел сме поврзани со бази податоци, а дел на податоци се уште прибавуваме во хартиена форма. Имаме неколку основи за проверка, по оформен предмет, по сопствена иницијатива, по пријава од граѓани и најважно од се - носиме годишен план за проверка на имотна состојба и интереси согласно член 19 врз основа на проценка на ризици од корупција во одредени области.

Но, ќе напоменам дека сепак сме ограничени во бројот на изјави кои имаме можност да ги провериме. Една од клучните надлежности е оваа надлежност за проверка на имотната состојба и ќе се залагаме во наредниот период, бидејќи е и забелешка е во европскиот извештај и препорака на ГРЕКО да го прошириме опсегот на лица кои ќе бидат предмет на проверка да покаже позначајни резултати.

Со надградба на софтверско решение, се повеќе ќе одиме кон дигитализација и автоматизирана проверка во наредни години, бидејќи согласно со ИПА проектот работиме на надградба на софтверското решение. Кога ќе се преземаат податоците во електронска форма ќе биде тој опсег доста поголем.

Во изминатиот период ДКСК има изречено прекршочни казни, меѓутоа се поднесенои извршни решенија до УЈП за поранешни и актуелни пратеници коишто не пријавиле со каков имот располагаат. Такви се поранешниот пратеник, актуелен министер за транспорт Александар Николовски, експратеникот од СДСМ, Мартин Костовски. Тука се актуелните пратенички Соња Миракоска, Рашела Мизрахи коишто ,исто така, се дадени на присилна наплата. Прашањето ми е зошто не се иницира промена на законското решение со оглед на тоа дека и по изрекувањето на казните како институција немате механизам да ги принудите функционерите да поднесат анкетен лист?

Добра ви е забелешката. Јас долги години работев на таа проблематика како дел од секретаријатот на следење на имотната состојба и сум активен учесник во последната работна група за изготвување измени на нашиот закон. Во таа насока беа и препораките на ГРЕКО дека режимот на санкционирање е лабав, слаб да речам. Предложени се законски измени во насока на зајакнување на таа надлежност и најважно од се потребна е измена на материјалните закони.

Еве на пример, Законот за судови содржи одредба каде што Судскиот совет може да оцени како една од основи за можна дисциплинска одговорност, односно можеби и разрешување е свесно односно непријавување на имотната состојба. Ние имаме во минатото детектирано неколку случаи каде што и по неколку прекршочни санкции и промена на неколку мандати, истото лице продолжува да не ја пријавува имотната состојба. Компаративно ако ги следите законите, постои кривично дело свесно намерно прикривање на имот. Значи може да се посомневате дека одредено лице свесно го прикрива имотот.

Спремно е да ја плати глобата која е релативно ниска. Значи глобата е од 300 до 500 евра. Ако се плати во рок од осум дена, се плаќа половина од глобата. Така што со новиот закон и со иницирање на дополнителни механизми за проверка на имотната состојба и покрај тоа што лицето не пријавило имот, ние можеме да оформиме предмет да провериме - дали нешто лицето крие, дали има имот кој сака да го сокрие. Така што се надеваме дека законот ќе биде усвоен. Во него се предвидени одредени зајакнувања на тој механизам.

Кои конкретно?

Беше предложено доколку лицето по плаќање на глобата, ДКСК да го повика во одреден рок повторно да го повика да поднесе изјава. Доколку поднесе - во ред, доколку не поднесе повторно прекршочна санкција да може да му изрече.

А исто така имаме механизам да го известиме органот којшто го избрал односно именувал лицето дека лицето одбива да да исполни должност. Најголем проблем и со сегашното решение и во иднина ќе биде со лицата што се избрани на непосредни избори. Таму немате орган кој ги избира и ги именува за да го известите - пратениците и членовите на советите и градоначалниците.

Како се работат предметите во Антикорупциска - според времето коишто пристигнуваат, па се отвора предмет и веднаш се работат или според големината и тежината - ако тие предмети се однесуваат на високопрофилни случаи и функционери?

Ние по неколку основи оформуваме предмети и имаме три надлежности по кои оформуваме предмети. Тоа се следење на имотна состојба, судир на интереси и предмети со наводи за корупција. Сите предмети електронски се распределуваат согласно Деловникот на членови за комисија кои сте известители. Истите, понатаму од кога се прибира документацијата, се дискутираат на колегиуми и се носи на крајот и јавна одлука на јавна седница која се објавува јавно.

Имаме огромен број пријави што укажува сепак на некој степен на голема доверба кон Комисијата како независен орган и во минатото и сега продолжуваат да пристигнуваат пријави. Но, согласно Деловникот за работа, ние сме обврзани да постапуваме по сите пријави. Можеби на крај на пријавата на постапувањето ќе произлезе дека залудно било постапувањето на Комисијата. Се работи за надлежност на друг орган да го препратиме, но постапуваме по сите.

Деловникот не дава моментално за приоритизација на проблемите, но сепак Комисијата доколку оцени дека одреден предмет е од исклучителна важност за јавноста, му се дава приоритет. Имаме намера да извршиме одредени корекции, подобрување на Деловникот за работа со цел да се приоритизираат предметите, односно предметите за кои во старт се оценува дека немаат доволно елементи да може да се веднаш да се отфрлаат.

Еден таков пример којшто беше од висок интерес на јавноста како предмет Антикорупциска го оформи во февруари 2023 година е за купувањето на куќата на Арбен Таравари од пратеникот на ДУИ Исмаил Јаховски. Вие оформивте предмет како што кажав, меѓутоа се уште нема одлука од страна на Антикорупциска. Зошто?

За тој предмет колку што сум информиран - беше оформен, а истовремено имаше или дополнително се оформи предмет за проверка на имотна состојба на Арбен Трафери, значи за целокупната имотна состојба во однос на пријавеното во неговиот анкетен лист. Двата предмети, бидејќи во двата случаи се прибавува идентична документација, се споени во еден предмет. Прибавена е документацијата, но, се уште не е донесена одлука. Верувам во нареден период ќе имаме одлука за тоа.

Имате временски рок за колку време треба да донесете одлука, бидејќи се поминати повеќе од две години?

Законот така како што предвидува по секој предмет ние треба да донесеме одлука во рок од 60 дена. Но, и во тој дел а се детектира дека е невозможно во голем број предмети да се прибере документација, а камоли да се утврди фактичка состојба.

И во тој дел имаме предложено измени на законското решение. Се делат предметите - кај предмети да речеме судир на интереси пократок ќе биде рокот. Кај предметите со наводи за корупција ќе има различни предмети, посложени предмети до 90 дена, поедноставни предмети до 60 дена. Така да, законското решение е такво какво што е, но практиката покажува дека во сите случаи невозможно е, имајќи го предвид и обемот на предметите, нашите капацитети како институција и начинот на прибавување на документација од другите надлежни органи.

За кои актуелни функционери Антикорупциска во тековната 2025 година има отворено предмети по сопствена иницијатива?

Јас сум недела дена на позицијата претседател на Комисијата. Можам да кажам дека отворивме предмет во врска со информациите во јавноста за директорот на Службата за општи заеднички работи, односно дека наводно фирма на негово блиско лице има добиено голем број на предмети. Комисијата имаше колегиум, донесовме одлука за отварање на предметот. Претходната недела, исто така имавме пријава од политичката партија Социјалдемократски сојуз во однос на наводите дека одредена фирма добила неколку тендери, а фирмата е новооснована и има мал број на вработени.

Тоа е во Генералниот секретаријат на владата.

Неколку институции мислам дека се три тендери. Не ме држете за збор.

Во однос на овие два случаи коишто ги отвори опозициската партија СДСМ, велите дека и за двата веќе е оформен предмет. Може ли да кажете во која насока сега ДКСК ќе постапува и од каде се ќе бара документација?

Во однос на првиот предмет, колку што имам информација, се спорат самите тендери. Ќе се бара комплетна документација да се видат од институциите кои ги објавиле огласите, односно ги спровеле постапките, документација по однос на самите јавни набавки. Комплетна документација за да се анализира и да евентуално се детектираат неправилности во самите постапки.

Тоа е кога говориме за „Дигитал оне“.

Да, за првиот предмет по пријава на Социјалдемократскиот сојуз. Во однос на предметот за 160 тендери дека добила фирма блиска на наводно блиско лице на директорот на СОЗР предмет е оформен од аспект на потенцијален судир на интереси.

Како ќе докажувате дали има или нема судир на интереси?

Тој предмет се уште не е распределен за член на Комисијата за работа. Ќе оцени самиот член, а нормално во комуникација со сите членови на Комисијата - што треба да прибавиме. Еве да речеме, историјатот на фирмата, дали е вистина дека била порано на родител на директорот, кога е продадена, на кое лице е продадена. Значи, многу елементи треба да се проверат, за да ние утврдиме дали вистина има судир на интереси кај директорот и дали евентуално има влијание во донесување на одлуките за јавни набавки.

За еден ваков сличен случај пишувавме и ние како медиум, конкретно за директорот на службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски дека има доделено тендер во службата на компанијата Праеториан којашто во ек на постапката има отворено подружница. ДКСК во ноември донесе одлука дека не постои конфликт на интереси. На кој начин е утврдено тоа и дали се исцрпени сите механизми за да се утврди потенцијален конфликт на интереси?

Јас го знам тој случај од причина што не бев дел од Комисијата и не учествува нормално во донесување на одлуката. Но, како генерален секретар сум присутен на колегиумите и на седниците и начелно и самата одлука ја имам прочитано.

Утврдената фактичка состојба дали е блиско лице или не, односно дали има приватен интерес ја утврдуваме врз основа на расположлива документација.

ДКСК не е истражен орган и ние врз основа на документи прибрани од надлежни институции и во крајна линија од добиена изјава од лицето за кое се однесува предметот. Во конкретниот случај, беше изјава заверена на нотар во кое лицето тврди дека односно изјавува дека лицето кое се споменува не му е блиско лице. Од тие причини беше затворен предметот.

Дали со само таква една изјава треба да се затвори предмет?

Вака сега, кога се работи за лице кое е роднина, ако е роднина има механизми ДКСК да испита преку Управа за матични книги и други сознанија. Кога се работи за приватен интерес, односно лице кое не е во роднински односи, ДКСК не е истражен орган, нема таков механизам како да го испита.

Изјавата на лицето дадена на нотар согласно законските прописи во Северна Македонија е јавна исправа и служи како доказ. За неточно дадена изјава, односно лажна исправа постои кривична одговорност. Ние немаме, ќе напоменам повторно, истражни механизми, но има органи кои имаат истражни механизми како што се Јавно обвинителство, МВР, Финансова полиција. Доколку такви сознанија некои постојат, може да се отвори истрага.

Одлука на Државната комисија за спречување на корупцијата за тендерот во Службата за општи и заеднички работи и директорот Ивица Томовски
Одлука на Државната комисија за спречување на корупцијата за тендерот во Службата за општи и заеднички работи и директорот Ивица Томовски

Изјавата дадена од директорот Томовски, тоа е нотарска изјава за којшто вели дека лицето Власе Танаскоски коешто е управител на новоотворената подружница не му е блиско лице. Таква изјава воопшто не е дадена неговиот прв братучед на чија адреса е регистрирана подружницата. Зошто на пример и такво нешто не е побарано?

Значи не можам од мој аспект, не учествував во делот на донесување на одлука, ниту сум запознаен со постапката на како течела обработката на предметот. Но, тоа што го видов значи се спори давањето на тендерот. Подружницата не е вклучена во целата постапка за јавна набавка. Тој дава изјава дека фирмата односно лицето не е блиско лице негово и Комисијата се заснова на тој факт. Значи не може друго да провери.

Има ли во тековната 2025 година иницијативи доставени од Антикорупциска до обвинителствата односно кривични пријави за постапување?

Има во 2024 - 10 и во 2025 – 8. Во интервјуто кога бев во Собрание јас го напоменав тој факт. Актуелната комисија има сработено доста предмети и има голем број на иницијативи, не само за кривично гонење, за утврдување одговорност и прекршочни изречено прекршочни санкции.

Треба да бидеме повидливи во јавноста, односно да ја презентираме нашата нашата работа во јавноста, почести комуникации со медиумите преку брифинзи, со цел овие иницијативи да ги доловиме до јавноста дека постапуваме и да укажеме на одредени состојби.

Но. во секој случај да се внимава на пресумцијата на невиност. Значи да кажеме за состојби, но, не наведуваме имиња на лица. Само една споредба – оваа Комисија во двете години и претходната комисија во првите две години, сегашната комисија има повеќе иницијативи за воведење постапка за кривично гонење до надлежни обвинителства.

Дали тие се прифатени бидејќи во минатиот состав па тие неретко беа и одбивани?

Да. Значи од тоа што имам информација до сега од тие имаше мислам дека три одговори од кои една е прифатена. Две се отфрлени, но овие се уште се актуелни, уште се а во живи да речам се работат.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG