Достапни линкови

Соjузниците на Украина ветија „цврсти“ безбедносни гаранции по завршувањето на војната со Русија


Украинскиот претседател Володимир Зеленски, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер на состанок во Париз, 6 јануари 2026 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер на состанок во Париз, 6 јануари 2026 година.

Официјални претатвници од повеќе од 30 западни земји од таканаречената „Коалиција на подготвените“ се договорија да обезбедат „политички и правно обврзувачки гаранции“ за Украина по постигнувањето мировен договор со кој би завршила војната со Русија.

Покрај украинскиот претседател Володимир Зеленски, на разговорите одржани на 6 јануари во Париз учествуваа и главните преговарачи на американскиот претседател Доналд Трамп — Стив Виткоф и Џаред Кушнер.

Коалицијата истакна дека „способноста на Украина да се брани е од клучно значење“ за безбедноста и на Украина и на Европа.

„Потврдивме дека обезбедувањето на суверенитетот и трајната безбедност на Украина мора да биде составен дел од мировниот договор и дека секое решение мора да биде поткрепено со силни безбедносни гаранции за Украина“, се наведува во соопштението објавено по состанокот.

„И Коалицијата на партнери и Соединетите Американски Држави ќе имаат клучна и тесно координирана улога во обезбедувањето на овие безбедносни гаранции“, се додава во соопштението.

Состанокот се одржа во услови на засилена дипломатска активност со цел финализирање на мировен предлог за ставање крај на најголемиот и најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна наваму.

Соопштението претставува најјасна формулација досега од страна на сојузниците во однос на воените обврски за обезбедување на Украина по постигнувањето мировен договор со Москва.

Се наведува дека поддршката за Украина од страна на сојузниците ќе вклучува механизам за надзор и верификација на прекинот на огнот под водство на Соединетите Американски Држави, поддршка за украинските вооружени сили, мултинационални сили во Украина, како и „обврзувачки гаранции за поддршка на Украина во случај на иден вооружен напад од Русија со цел нарушување на мирот“.

„Станува збор за силни безбедносни гаранции“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон пред новинарите по состанокот.

„Тие безбедносни гаранции се клучни, бидејќи мировниот договор не смее да значи капитулација на Украина.“

Европски претставници за Радио Слободна Европа изјавија дека по состаноците одржани за време на викендот меѓу советниците за национална безбедност и воените планери на 5 јануари, постои „обновено чувство на итност“.

Соопштението не содржи конкретни податоци за бројот на војници во мултинационалните сили.

Сепак, некои претставници наведоа дека во различни европски престолнини се спомнува бројка од 15.000 до 20.000 војници, додека други се надеваат дека таа бројка ќе биде поблиску до 30.000 војници, под мотото „безбедно море, небо и копно“.

Поголемиот дел од војниците би доаѓале од Франција и од Обединетото Кралство, кои би ја предводеле копнената и воздушната компонента, додека Турција најави дека би била задолжена за обезбедување на транспортните правци во Црното Море.

„По прекинот на огнот, Обединетото Кралство и Франција ќе воспостават воени центри низ цела Украина“, изјави британскиот премиер Кир Стармер.

„До мир можеме да дојдеме само ако [рускиот претседател Владимир] Путин направи компромиси, а мора да бидеме искрени, и покрај сите изјави од Русија, Путин покажа дека не е подготвен за мир“, додаде тој, без да изнесе дополнителни детали за планот.

Нерешени прашања

Додека контурите на западното присуство во Украина се обликуваат, сè уште постојат неколку прашалници што треба да се решат, вклучувајќи ги правилата на ангажман и безбедносните гаранции на САД.

Еден европски дипломат призна дека едно прашање кое сè уште не е решено е како да се одговори на потенцијален руски напад. „Во суштина сè уште дискутираме дали ќе возвратиме на оган или ќе се повлечеме“, рече тој.

Кога станува збор за безбедносните гаранции на САД, и Брисел и Киев се сè пооптимистични дека Вашингтон ќе обезбеди „солидна задна страна“ иако сè уште не е јасно точно каква форма или облик ќе има тоа.

Песните на 5-годишно девојче станaa вирални додека нејзиниот дедо ја брани Украина Песните на 5-годишно девојче станaa вирални додека нејзиниот дедо ја брани Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:41 0:00


Европските претставници изјавија за РСЕ, под услов на анонимност, дека може да има американски војници на терен во неборбена улога, набљудувајќи го прекинот на огнот.

Но, коалицијата се надева дека Вашингтон ќе обезбеди и „поддршка од заднина“, како што се логистика и разузнавање.

Во ноември 2025 година, Трамп го притисна Зеленски да прифати мировен предлог од 28 точки, кој многумина го сметаа за многу фаворизирачки за Русија.

Украина и нејзините европски сојузници - предводени од Велика Британија, Франција и Германија - се потрудија да развијат контрапредлог, на крајот предлагајќи план од 20 точки што ги опфаќаше повеќе интересите на Киев, особено безбедносните гаранции и територијалниот интегритет.

На своите состаноци со Европејците, Зеленски веројатно ќе инсистира на потребата од безбедносни гаранции - од Европа, но исто така и во комбинација со посакуваните цврсти гаранции од Соединетите Американски Држави.

Трнливи прашања

Главниот преговарач на Украина, Руслан Умеров, неодамна изјави дека „повеќето позиции - 90 проценти од мировниот план - веќе се договорени, работата продолжува на деталите“.

Овие детали, за кои се очекува да бидат дискутирани во Париз, го вклучуваат трнливото прашање за територијалните отстапки, при што Украина инсистира линијата на контакт да биде замрзната или целиот регион Донбас да стане демилитаризирана зона.

Друго прашање е сопственоста на нуклеарната централа Запорожје, при што Киев ја отфрла идејата Украина и Русија да ја управуваат заедно, претпочитајќи САД да се вмешаат и да продаваат енергија од неа на Москва.

Сепак, малкумина во Брисел мислат дека Русија би се согласила за кое било од овие прашања со проценката дека Кремљ сè уште смета дека победува на бојното поле.

Рускиот претседател, Владимир Путин неколку пати во последните недели изјави дека Москва ќе ги постигне целите на она што го нарекува своја „специјална воена операција“ или со договор или со сила.

Имајќи го тоа предвид, ЕУ одделно подготвува нова рунда санкции, 20-та од целосната инвазија пред речиси четири години, која веројатно ќе им биде презентирана на своите земји-членки за одобрување подоцна во јануари.

XS
SM
MD
LG