Достапни линкови

Русија ги оцени разговорите во Флорида како „конструктивни“, но нема детали


Рускиот претставник Кирил Дмитриев разговара со претставникот на американскиот претседател, Стив Виткоф, во Флорида.
Рускиот претставник Кирил Дмитриев разговара со претставникот на американскиот претседател, Стив Виткоф, во Флорида.

Кирил Дмитриев, виш преговарач на Кремљ, изјави дека Русија и САД разговараат „конструктивно“ во Флорида и рече дека мировните преговори ќе продолжат на 21 декември, иако не беа дадени детали.

„Разговорите продолжуваат конструктивно. Тие започнаа порано и ќе продолжат денес, а ќе продолжат и утре“, рече Дмитриев пред новинарите на 20 декември на маргините на разговорите во близина на Мајами.

Сите страни вклучени во мировниот процес посредуван од САД редовно наведуваат дека има „напредок“ или даваат други слични констатации без да откријат детали.

Белата куќа првично не даде коментар за разговорите, но новинската агенција Ројтерс цитираше неименуван американски функционер кој изјавил дека разговорите се завршени за денес.

Се верува дека Вашингтон во разговорите е претставуван од страна на американскиот претставник Стив Виткоф и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер. Државниот секретар Марко Рубио претходно изјави дека можеби тој ќе присуствува на разговорите за време на викендов, но не беа откриени детали.

Трамп го помина викендот во своето одморалиште Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, околу 110 километри северно од Мајами, но не се очекуваше тој да присуствува на разговорите.

Мировниот предлог е стеснет на 20 точки

Разговорите се најновиот чекор во напорите на Трамп да стави крај на тоталната војна на Русија против Украина, која одзеде десетици илјади животи и која се приближува кон својата четврта годишнина.

Трамп во ноември почна да врши притисок врз Киев да прифати предлог од 28 точки за кој критичарите оценија дека е многу наклонет во корист на Русија.

Украина и нејзините европски поддржувачи се потрудија да направат измени за да ги заштитат територијалните интереси на Украина, да има безбедносните гаранции за Киев и други прашања, а информациите сугерираат дека планот сега се состои од 20 точки и опфаќа повеќе од интересите на Киев.

Пред разговорите во Флорида, Рубио тврдеше дека Вашингтон нема да принуди ниту една страна на договор.

„Не можеме да ја принудиме Украина да склучи договор. Не можеме да ја принудиме Русија да склучи договор. Тие мора да сакаат да склучат договор. Мислам дека постигнавме напредок [во процесот], но имаме уште многу работа пред нас. И очигледно најтешките прашања се секогаш последните прашања“, рече Рубио.

Деталите за плановите што се разработуваат остануваат нејасни, но општите контури на договорот предвидуваат Украина да направи територијални отстапки во замена за безбедносни гаранции.

Интензивна дипломатска и воена активност

Најновите коментари околу преговорите доаѓаат по уште една недела интензивна дипломатска и воена активност, додека Русија продолжува да напаѓа украински цивилни, инфраструктурни и воени објекти. Киев се обидува да ја брани територијата во источна Украина и возвраќа удари кон, како што вели, воено поврзани цели во Русија.

Во текот на неделата, американските претставници разговараа со европски и украински претставници, на Самитот на Европската унија беше одобрен заем од 106 милијарди долари за Киев, а рускиот претседател Владимир Путин одржа прес-конференција од 4,5 часа на која ги повтори своите тврдокорни барања, како и дискутабилните тврдења за напредокот на бојното поле.

Новинските агенции цитираа извори според кои американските разузнавачки извештаи предупредиле дека Путин се стреми да ја освои цела Украина и да ја врати територијата што порано ѝ припаѓала на советската империја – што би било спротивно на официјалните тврдења на САД дека Русија бара мировен договор. Путин долго време тврди дека не претставува закана за Европа.

„Разузнавачките информации отсекогаш биле дека Путин сака повеќе. Европејците се убедени во тоа. Полјаците се апсолутно убедени во тоа. Балтикот мисли дека е прв“, изјави за Ројтерс, Мајк Квигли, член на Комитетот за разузнавање во Претставничкиот дом од редовите на демократите.

Напади во регионот Одеса во Украина

Дмитриев, кој како раководител на рускиот суверен фонд за богатство е под санкции на САД од февруари 2022 година, тврдеше дека „подбуцнувачите на војната“ се обидуваат да ги поткопаат мировните напори на Вашингтон.

Неговите изјави следуваа по рускиот ракетен напад врз Одеса и нејзините предградија претходната вечер, во кој загинаа осум лица, а најмалку 25 беа повредени.

Руските сили го напаѓаат регионот на Одеса речиси секојдневно од почетокот на декември. Десетици илјади луѓе останаа без електрична енергија поради студеното зимско време. Засегнати се и резервите на вода.

На 20 декември, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Кремљ се обидува да го прекине пристапот на Украина до Црното Море откако со денови имаше интензивирани воздушни напади врз пристаништата и енергетските објекти во регионот на Одеса и на други места.

„Ситуацијата во регионот Одеса е тешка поради руските напади врз пристанишната инфраструктура и логистика. Русија повторно се обидува да го ограничи пристапот на Украина до морето и да ги блокира нашите крајбрежни региони“, изјави Зеленски на прес-конференција во Киев.

Целта на Кремљ е „да сее хаос, да врши морален притисок во текот на зимата… за да нема гориво, да нема резерви од храна, за да има проблеми со медицинските резерви“, рече тој.

Откако ја започна својата инвазија во февруари 2022, Русија негира дека таргетира цивили, но постојано напаѓа невоена инфраструктура, вклучувајќи училишта, болници, енергетски постројки и станбени згради.

XS
SM
MD
LG