Достапни линкови

Сведоштво од Газа: Во болница живеевме 38 дена


Палестинци буткаат амбулантно возило во Газа
Палестинци буткаат амбулантно возило во Газа

Бев и сведок на многу човечки трагедии, страшни судбини, на многу страдања, раскажува Елизабета Ел-Кедра, Македонка која 30 години живеела во Газа. Таа и нејзиниот сопруг се брачниот пар што МНР успеа да ги евакуира, по 38 дена живот во болница што им служеше како засолниште од бомбардирањето

Елизабета Ел-Кедра, Македонка од Прилеп и нејзиниот сопруг, Палестинец кој има и македонско државјанство, се второто од вкупно двете семејства што беа евакуирани од Газа и се вратија во Северна Македонија.

За разлика од семејството Скаик, каде условите дозволиле побрза евакуација, семејството Ел-Кедра чекаа 38 дена да бидат извлечени од Газа. За тоа време се засолниле и живееле во болницата „Ал -Амал“ во градот Ханионис, во јужниот дел на Газа, која е дел од палестинската црвена полумесечина.

Елизабета таму работела како фармацевт.

„Секој ден по 24 часа јас бев на моето работно време и со тоа бев и сведок на многу човечки трагедии, страшни човечки судбини, на многу страдања... Болницата и целиот комплекс стануваа импровизирани живеалишта на се поголем број луѓе кои бегаа од сите страни на Газа, во потрага по побезбедно засолниште, иако не постои безбедно место во Газа. Во градот од првиот ден немаше струја, немаше вода, луѓето чекаа по 5-6 часа за леб, продавниците беа целосно испразнети“, раскажува Елизабета за Радио Слободна Европа.

Не постои безбедно место во Газа
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:53 0:00
Директен линк

По долга и мачна неизвесност, трауматични искуства од секојдневното бомбардирање и засилени дипломатски напори, таа и сопругот во средината на ноември слетаа на скопскиот аеродром.

Два неуспешни обиди

Три децении семејството Ел-Кедра живеело во јужниот дел на појасот Газа. И покрај честите немири таму низ годините наназад, сега првпат почувствувале дека треба да ја напуштат што побрзо. Елизабета вели уште од првиот ден се било многу поразлично и се укажувало дека ќе се случува нешто застрашувачко.

Првиот обид да излезат од Газа бил на петтиот ден од конфликтот. Египетската граница уште била делумно отворена – границата преку која излегувањето е комплицирано и во невоени услови поради низа процедури, пријавувања, долго чекање на ред...И покрај тоа ризикувале, тргнале и стигнале до пасошка контрола. Елизабета почувствувала надеж и верба дека за кратко ќе бидат на безбедно. Одеднаш, како што раскажа таа, израелските борбени авиони бомбардирале во кругот на границата, во непосредна близина на салата за контрола. Морале да се вратат назад.

После овој, имале уште еден обид во кој им помогнала македонската амбасада во Каиро. И тој обид бил неуспешен затоа што нивните имиња не биле на листата со дозволен излез преку граница. За да излезат, им била потребна дозвола од египетските, а пред се од израелските власти. Без тие дозволи, немале никакви шанси да ја напуштат Газа.

Додека чекале евакуација, се изгубила телефонската мрежа, интернетот, немале никаква можност за комуникација со кој било. Се чувствувале целосно отсечени од светот.

„ Во една таква ситуација, човек можеби престанува да чувствува страв. Стигнува до еден степен на рамнодушност. Во таква исклучително страшна воена ситуација можеби токму таа рамнодушност или отупеност, едноставно човек ѝ се предава на судбината. Тоа е многу тешко чувство, но во тој момент и единствено чувство кое го одржува човекот. Едноставно, немате друг излез освен да чекате и да бидете издржливи....нема друг избор“, сподели Елизабета.

Во периодот додека во болницата во Газа чекале спас од ситуацијата, не бил дозволен влез на хуманитарна помош. По 3-4 недели почнала достава на хуманитарни пратки во кои имало и чиста вода за пиење. Палестинската црвена полумесечина ги пречекувала пратките и ги распределувала таму каде можело и каде било дозволено во училишта и на места каде биле сместени избеганите луѓе.

„Не посакувам никој, никој, никогаш, да почувствува само мал дел од оној ужас што го гледаат луѓето во Газа“, вели Елизабета.

Евакуација

Од првиот ден, таа и сопругот се обратиле во македонската амбасада во Kаиро и побарале помош за евакуација. Елизабета вели дека помошта ја добиле, со голем ангажман и посветеност на дел од вработените во Министерството за внатрешни работи (МНР), пред се, амбасадите во Каиро и во Тел Авив, како и на луѓето од Меѓународната организација за миграции (ИОМ) го организирале нивното згрижување и враќање.

Излегле од Газа, една вечер останале во Египет и дошле дома.

Тука Елизабета ја преплавиле измешани чувства.

„Првото чувство ми беше дека еден кошмар се претвори во сон, но се уште не во реалност. Се уште се убедувам дека ова е реалност“, вели таа.

Сега има уште година и пол до пензија. Пред да ескалира војната во Газа, со сопругот планирале по нејзиното пензионирање, да живеат во Прилеп. Со него се запознала додека тој студирал во Северна Македонија и вели, ја чувствува државава како втор дом.

„Сега, почнуваме нов живот принудно. Но би рекла дека ние почнуваме живот – за разлика од луѓето кои ги оставвме во разрушената Газа и сите оние беа дел од нашиот живот таму. Имавме наш дом, сеемеен дом, топол дом, го изградивме...пораснавме две прекрасни ќерки. Би рекла дека тоа беше дом на нашиот микро свет, надвор од се она што се случуваше наоколу. Сега сме тука, со нова надеж, нова сила, нова верба... Тука се сите наши кои не сакаат, кои ни се голема поддршка и одиме напред“, вели Елизабета.

Домот во Газа им е многу оштетен. Засега немаат идеја што би правеле во иднина. Се водат од она, дека зборот „план“ во речникот на Газа не постои. Остануваат во Северна Македонија и велат дека најважно им е што се безбедни и меѓу своите.

„Да се разбуди човештвото. Не знам што е тоа што треба да го пораздрама, да го разбуди човештвото, за да не страдаат невини луѓе“, е пораката на Елизабета по ужасот што го преживеала во Газа.

Палестинските милитанти од Хамас на 7 октомври почнаа ненадеен напад врз Израел, што предизвика одговор од израелските сили. Безбедносниот кабинет на Израел на 8 октомври прогласи воена состојба.

Во својот последен извештај (4.12.2023), Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, извести дека најмалку 15.899 Палестинци се убиени во израелските напади од 7 октомври.

Израел ја одржува блокадата на Газа откако Хамас ја презеде контролата врз територијата во 2007 година. Оттогаш тие водеа четири војни. Имаше и бројни помали борби меѓу Израел и Хамас и други помали милитантни групи со седиште во Газа.



.

XS
SM
MD
LG