Достапни линкови

Македонски сопружници заглавени во Газа – се бара спас преку Египет


Израел напади
Израел напади

Во Газа имало 20-тина македонски државјани, но сите се евакуирани освен една брачна двојка. МНР најавува чартер-лет за преостанатите македонски државјани од Израел. Некои од оние што се вратени критикуваат дека биле оставени сами на себе. Кумановка се спасила барајќи помош од црногорскиот амбасадор.

Брачна двојка од Северна Македонија е заглавен во појасот Газа и засега не се знае дали и кога би можеле да бидат евакуирани од областа која е изолирана од Израел, a со која управува милитантното движење Хамас.

Македонските сопружници , заедно со останатите странци и локалното население во Газа, мината ноќ ја поминаа во мрак, опкружени со урнатини.

Тие се обиделе да се спасат и да го напуштат појасот преку граничниот премин Рафах кон Египет, но во моментот кога пристигнале таму, египетските власти го затвориле преминот. Потоа се вратиле назад, а единствениот спас за нив кој во моментов го гледаат властите во Скопје е Египет да го отвори преминот за да може да се евакуираат.

„Нашата амбасада во Каиро (Египет) е во комуникација со тој брачен пар и тие се безбедни во моментов, но знаете дека таму ситуацијата е многу променлива и можеме да сметаме дека се во некаков ризик. Работиме и со властите во Египет за да ги ослободат да излезат во Египет и потоа ќе организираме превоз, меѓутоа засега немаме начин како да ги извлечеме од Газа“, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Египетските власти, пак, според последните информации, одбиваат да отворат коридори за бегалците од Газа за да го спречат егзодусот на Палестинците од појасот што сметаат дека би имало сериозни последици врз палестинското прашања.

Мажот и жената за кои македонските власти не откриваат детали кои се и зошто биле во Газа, не се единствените странци заглавени овој кризен појас. Министерот Османи вели дека со нив се заглавени и државјани од други држави.

„Тие се во ризични, лоши услови … Нашата амбасада во Каиро и кризниот штаб ги имаат телефонски броеви и комуницираат. Последната информација е дека се безбедни“, објаснуваше денеска, 12 октомври, шефот на дипломатијата.

Во Газа во моментот на избувнување на конфликтот меѓу Израел и Хамас, според тоа што го евидентирале во МНР, имало 20-тина македонски државјани, но сите останати успешно биле евакуирани. Петмина биле извлечени вчера и синоќа со авион пристигнале во Атина, а 17 во попладневните часови веќе треба да бидат во своите домови во земјава. Околу пладне денеска (12 октомври) тие беа на пат од Атина кон Солун.

Евакуацијата на овие 22-ца македонски државјани од Газа одела преку Тел Авив од каде авионски во соработка со грчките власти пристигнале во Атина. Амбасадата на Северна Македонија оттаму ги транспортирала до Солун од каде конзулатот ги пренел до македонско-грчката граница. По преминување на граничниот премин со возила на МВР се носат до нивните домови.

На територијата на Израел биле идентификувани вкупно 150 македонски државјани. Од нив, 60, вклучувајќи ги и тие од Газа, веќе се вратиле во земјава. Останатите 90, пак, се очекува да се вратат утре со чартер-лет што прв пат ќе го организира Владата.

Досега евакуацијата на македонските државјани одеше преку соработка со земјите од регион. Дел од затекнатите во Израел преминаа во Јордан, па оттаму авионски беа пренесени до Истанбул, Белград или Подгорица.

Амбасадорот во Тел Авив е сам со локалниот персонал

Меѓу македонските граѓани кои се вратија во Израел имаше и неколку кои велат дека биле оставени сами на себе да се снаоѓаат за враќањето дома.

Критики кон организираноста на власта и дека Македонците се оставени сами на себе во целата ситуација испрати и ВМРО-ДПМНЕ.

„Владата полесно договара коцкарски бизниси, отколку авион за нашите сограѓани. Додека останатите земји од Европа и светот веќе ги извлекоа своите државјани од Израел, македонските граѓани молат за спас, а власта не реагира. Црна Гора, Србија, Албанија веќе пратија чартер летови. Наместо конкретна акција, власта излегува со штури соопштенија нашите граѓани во Израел да ги следат насоките на тамошните власти, како некој да би постапил спротивно?“, реагираа од опозициската партија.

Властите, пак, тврдат дека се фатиле за работа уште во првите часови од ескалацијата на ситуацијата, а фокусот им бил да се спасат оние затекнати во Газа. Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, потврди дека во амбасадата на Северна Македонија во Израел, се наоѓа само в.д. амбасадорот и локалниот персонал.

„Имаме в.д. и локален персонал и навистина беа направени сите напори да бидат индивидуално контактирани сите, меѓутоа и кризниот штаб овде од Скопје работеше деноноќно сите да ги контактира, да комуницира и со нивните семејства овде кои постојано се јавуваа на СОС бројот загрижени за нивните членови. Единствена предност би било да имавме владин авион посоодветен да ги евакуираме уште порано, меѓутоа тоа е ситуација која ќе треба да се размисли во иднина за вакви случаи“, вели Османи.

Жителите на Газа по израелските напади: Не можеме да живееме вака!
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:21 0:00

„Македонците во Израел се препуштени сами на себе“

Меѓу оние кои се вратиле од Израел е кумановката Билјана Спасиќ-Митковска, но таа тврди дека биле оставени сами на себе и така и се снаоѓале за превоз.

Билјана во последните две години заедно со својот сопруг работела во хотел во близина на Тел Авив, а за Радио Слободна Европа го раскажува своето патешествие за тоа како барала помош и во вторникот со авионот на црногорската влада успеала безбедно да пристигне најпрво до Подгорица.

Кога започнало бомбардирањето таа и нејзиниот сопруг се наоѓале во својот стан. Во нивната зграда имало бункер кој го користеле како скривница и кога и да имало сирени се криеле таму. Во неделата, раскажува таа, се вклучил алармот и им било кажано да си обезбедат храна, батериски ламби, ќебиња за наредните три дена и да не излегуваат од скривница.

„Во тој момент навистина ме фати паника. Во меѓувреме гледав дека Ер Србија, Албанија и другите земји од регионот, сите си ги евакуираат граѓаните назад во своите земји, беше возможно сето тоа за нив. Имаше Македонци и тогаш што сакаат да си одат, но немаше излез, не можат да те организираат и не знаеш каде да се обратиш“, раскажува кумановката.

Директен линк

Тврди дека почнала да му пишува на македонскиот амбасадор во Тел Авив, а потоа и на црногорскиот бидејќи добила информација дека ноќта во 3:40 ќе има лет за Подгорица.

„Продолживме постојано да се криеме во скривницата, така седевме и повторно му пишував на црногорскиот амбасадор, за во 2 часот наутро тој да ми се јави и да ми каже дека црногорскиот авион сега ќе слета на аеродромот во Тел Авив и ’нема да се задржува многу, качувајте сè“, додава кумановката.

По слетувањето во Подгорица, Спасиќ-Митковска вели дека иако таму биле пречекани од македонскиот амбасадор, сепак од Подгорица до Србија пристигнале во сопствена режија, за дури потоа од Ниш, македонската амбасадорка во Белград да им организира превоз и тие безбедно да стигнат дома.

Бројот на македонски државјани во Израел може да биде и поголем

Додека се очекува во земјава да се вратат преостанатите 90 државјани затекнати на израелска територија од вкупно 150 што ги идентификуваше МНР, министерот вели дека бројката може да биде и поголема.

„Се разбира може да има и такви кои не сме ги идентификувале, кои не ни се јавиле дека се таму бидејќи може да има наши државјани кои се во брачна врска со израелски државјани и кои не сакаат да се евакуираат. Затоа велиме, бројот може да биде меѓу 100 и 200“, рече шефот на дипломатијата.

Според информациите што ги сподели тој со новинарите денеска, во Израел има македонски државјани кои одбиле да бидат евакуирани, но од МНР досега нема информација колкав е нивниот број.

Досега убиени најмалку 2 400 лица

Милитантите на Хамас во саботата нападнаа делови од Израел во близина на Газа, а ракетните напади продолжија наредните денови, на што возврати израелската армија. Се проценува дека ситуацијата дополнително ќе ескалира, како и дека досега загинаа најмалку 2.400 лица.

Израел ја бомбардираше Газа во текот на ноќта, велејќи дека целта била елитната единица на Хамас која ги предводела смртоносните напади викендот. Милитантите на Хамас пак истрелале низа ракети врз Тел Авив во четвртокот како одговор на израелските воздушни напади насочени кон „цивилите“ во два бегалски кампа во Газа.

Се проценува дека само дека во овој појас загинале најмалку 1 200 лица. Израел тврди дека стотици од нив се членови на Хамас. Додека израелската војска возвраќа на офанзивата на милитантната група Хамас, Палестинците велат дека цивилите ја плаќаат цената за нападот на Газа, мал крајбрежен појас каде живеат 2,3 милиони луѓе.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG