Достапни линкови

Вести

Рубио: Владата во Куба е „огромен проблем“

Американскиот државен секретар Марко Рубио
Американскиот државен секретар Марко Рубио

Американскиот државен секретар Марко Рубио ја опиша владата на Куба како „огромен проблем“ во неделата, еден ден откако администрацијата на Доналд Трамп го зароби венецуелскиот лидер Николас Мадуро и го изнесе од земјата со авион.

На прашањето дали Куба би можела да биде следна по драматичната воена операција на САД во Каракас, Рубио во интервју за NBC News рече дека не сака да шпекулира за „идните чекори“.

„Но, не мислам дека е мистерија што ние не сме големи обожаватели на кубанскиот режим, кои, патем, се оние што го поддржуваа Мадуро“, изјави Рубио.

Родителите на Рубио емигрирале од Куба во Соединетите Држави во 1956 година за време на диктатурата на Фулгенсио Батиста. Неговиот татко подоцна работел како шанкер, а неговата мајка како хотелска собарка.

Рубио долго време инсистирал Вашингтон да заземе цврст став кон Хавана, вклучително и кога бил сенатор од Флорида.

Американската војска изврши голем напад врз Венецуела рано наутро во саботата. За време на операцијата наречена „Апсолутна решителност“, елитните единици ги заробија Мадуро и неговата сопруга, Силија Флорес, и ги изведоа од земјата.

Мадуро сега е задржан во притворен центар во Њујорк, каде што треба да му се суди по обвиненија, вклучувајќи заговор за извршување нарко-тероризам и заговор за увоз на кокаин.

Според активистите за човекови права, во Куба моментално се наоѓаат повеќе од илјада политички затвореници.

Односите меѓу Хавана и Вашингтон се напнати со децении. Чекорите кон претпазливо зближување под водство на поранешниот американски претседател Барак Обама подоцна беа повлечени од неговиот наследник, Доналд Трамп.

види ги сите денешни вести

Вучиќ побара од Соренсен поактивно вклучување на ЕУ во дијалогот со Косово

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Петер Соренсен
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Петер Соренсен

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објави дека разговарал со специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Петер Соренсен, во Белград за продолжување на дијалогот со поактивно ангажирање на ЕУ.

„Убеден сум дека е во интерес на сите страни да избегнуваат потези што би довеле до понатамошна ескалација и да инсистираат, со посредство на ЕУ, на целосно спроведување на преземените обврски и зачувување на мирот и стабилноста на теренот“, напиша Вучиќ на Инстаграм на 25 февруари.

Во разговор со европскиот претставник, Вучиќ ги повтори своите критики за соработката меѓу Косово, Албанија и Хрватска во областа на безбедноста и одбраната, наведувајќи дека ова „ги зголемува тензиите и ја загрозува безбедноста на српскиот народ“.

Во март минатата година, Албанија, Хрватска и Косово потпишаа декларација во која се наведува дека трите земји ќе соработуваат за зајакнување на безбедноста и стабилноста во Југоисточна Европа, а Вучиќ го опиша овој документ како „воен и офанзивен сојуз против Србите и Србија“, што земјите потписнички го негираа.

Вучиќ, исто така, „изрази загриженост“ во врска со законот за странци и возила, чија целосна примена во Косово треба да започне на 15 март.

Целосната примена на Законот за странци би можела да влијае на функционирањето на здравствените и образовните институции во Косово кои работат според српскиот систем, бидејќи лицата кои немаат косовски документи мора да имаат работна дозвола или лиценца за вршење дејност, за што се поднесува барање до Агенцијата за вработување на Косово.

Европската унија претходно за Радио Слободна Европа изјави дека статусот на здравствените и образовните структури и услуги поддржани од Србија во Косово ќе биде решен во рамките на дијалогот меѓу Приштина и Белград, во согласност со постигнатите договори и законите што се на сила во Косово.

Пред посетата на Белград, Соренсен престојуваше во Приштина каде што, по средбата со косовските претставници, рече дека фокусот на разговорите е подобрување на нормализацијата на односите со Србија.

Косовскиот премиер Албин Курти по средбата изјави дека Косово останува посветено на нормализација на односите со Србија, преку меѓусебно признавање.

РСЕ ја контактираше ЕУ со прашањето дали се планираат состаноци на високо ниво меѓу Косово и Србија во блиска иднина и кои се следните чекори во овој процес.

Во меѓувреме, министерот за надворешни работи и дијаспора на Косово Гљаук Коњуфца го информираше Соренсен за време на неговата посета на Приштина дека Министерството ќе го води процесот на дијалог за нормализација на односите со Србија, кој започна во 2011 година. Сепак, министерството не прецизираше дали Коњуфца ќе биде на чело на тој процес.

Директорот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ, како одговор на објавата на Косово изјави дека „преговарачот на Приштина во дијалогот, без оглед на кадровското решение, е исклучиво претставник на привремената институција на самоуправа во Приштина“, како што властите во Белград, кои не ја признаваат независноста на Косово, ги нарекуваат институциите на таа држава.

Артан Мухаџири, експерт за политички настани во Косово, за РСЕ изјави дека верува оти префрлањето на дијалогот во Министерството за надворешни работи означува „нов моментум“ и дека во овој процес сè ќе зависи од „подготвеноста за компромис и реализмот“.

Во последните години, Белград и Приштина одржаа неколку рунди преговори на ниво на главните преговарачи, но немало средби на највисоко политичко ниво од септември 2023 година.

Четири загинати во руски воздушни напади во јужна Украина

илустрација
илустрација

Четири лица загинале во руски напади во јужна Украина, соопштија властите во среда, додавајќи дека едно дете е повредено.

Воздушните напади врз село во областа Запорожје уништиле една станбена зграда, а друга била оштетена, соопшти украинската служба за цивилна заштита.

Нападите се случија во вторник вечерта (24 февруари) на четвртата годишнина од почетокот на војната.

Проценките за бројките на жртвите варираат, но еден неодамнешен извештај го процени бројот на убиени, ранети и исчезнати на 1,2 милиони Руси и 500.000-600.000 Украинци.

Конфликтот расели милиони Украинци од своите домови. Светската банка изјави дека реконструкцијата на економијата ќе чини 588 милијарди долари во текот на една деценија.

Украина се брани од целосна руска инвазија од 24 февруари 2022 година, со поддршка од западните сојузници.

Иран ги отфрла тврдењата на САД за ракетната програма како „големи лаги“

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи

Иранското министерство за надворешни работи ги отфрли тврдењата на Соединетите Држави за неговата ракетна програма како „големи лаги“, откако претседателот Доналд Трамп тврдеше дека Техеран развива ракети што можат да ги погодат САД.

„Што и да тврдат во врска со нуклеарната програма на Иран, балистичките ракети на Иран и бројот на жртви за време на немирите во јануари, е едноставно повторување на „големите лаги““, изјави портпаролот на министерството, Есмаил Бакеи, на X.

Бакаи не прецизираше точно на кои тврдења одговара, но неколку часа претходно Трамп рече дека Иран бара ракети што можат да стигнат до американска почва.

Во интервју за Ал Џезира во февруари, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, рече дека Техеран нема капацитет да ги таргетира САД, но ќе нападне американски бази на Блискиот Исток доколку Вашингтон започне напад.

За време на својот говор за состојбата на нацијата, Трамп, исто така, повтори дека на Иран никогаш нема да му биде дозволено да изгради нуклеарно оружје, велејќи дека лидерите на Техеран „во овој момент повторно ги следат своите злобни нуклеарни амбиции“.

Иран постојано негираше дека бара нуклеарно оружје, но инсистира дека има право да користи нуклеарна технологија за мирни цели.

Американскиот претседател, исто така, тврдеше дека иранските власти убиле 32 000 луѓе за време на бранот протести што започна во декември и достигна врв на 8 и 9 јануари.

Иранските власти признаваат повеќе од 3000 смртни случаи, но велат дека насилството е предизвикано од „терористички акти“ поттикнати од САД и Израел.

Новинската агенција на активисти за човекови права (ХРАНА) со седиште во САД регистрираше повеќе од 7000 смртни случаи, а предупредува дека вкупниот број на жртви е веројатно многу поголем.

Запленет уште еден тон марихуана од фирма во валандовско

Заплена на канабис (фотоархива)
Заплена на канабис (фотоархива)

Уште еден тон марихуана е запленет од фирма за одгледување медицински канабис во валандовското село Јосифово.

Станува збор за фирмата „Грин лајф“, една од шесте на кои Владата денеска, 24 февруари, им ја одзеде лиценцата за работа.

„По наредба на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Гевгелија, полициски службеници од СВР Струмица, ОВР Валандово, денеска извршија претрес во простории на правен субјект за производство на марихуана во село Јосифово“, потврдија од МВР за државната агенција МИА.

Заплената е продолжение на акцијата на полицијата започната изминатиот период во рамки на која досега беа одземени 40-тина тони марихуана од простории на фирми кои имаат лиценца за одгледување канабис за медицински цели.

Покрај „Грин лајф“, без лиценца останаа и „ЦБД медплант“, „Лајф плант“, „Атафарм“ и „Канабидоис“, како и „Алфа фарм“ чиј косопственик – српски државјанин, беше уапсен во Србија каде во селото Коњух на 29 јануари беа запленети пет тони марихуана.

По заплената во Србија, откако беа објавени сомнежите на тамошните органи дека марихуаната потекнува од Северна Македонија, македонските полиција и обвинителство започнаа акција.

Покрај заплената на 40-тина тони, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на 20 февруари отвори и истрага за шест лица кои ги сомничи дека биле вклучени во шверцот на марихуаната во Србија.

Надлежните органи започнаа и преиспитување на лиценците за одгледување канабис за медицински цели, кои досега ги имаа 43 компании.

Одлука да се одземат лиценците на шест од нив, како што посочи министерот за здравство Азир Алиу, Владата донела бидејќи биле констатирани низа недоследности.

„Одлуките на Владата се засноваат на наодите од извршените контроли – несоодветно складирање на сувиот цвет, недоследни известувања до Комисијата, недоставена целосна документација за продажба и трансфер“, посочи Алиу на прес-конференција на 24 февруари.

Тој најави дека кога ќе завршат контролите во сите компании, ќе се предложи нов закон за одгледување канабис за медицински цели со цел да се спречат злоупотреби.

Одгледувањето канабис за медицински цели во Северна Македонија е легализирано повеќе од 8 години.

Иран го уапси шефот на бирото на јапонскиот јавен радиодифузер во Техеран

Влезот на затворот „Евин“, Техеран.
Влезот на затворот „Евин“, Техеран.

Иран го уапси шефот на бирото на јапонскиот јавен радиодифузен сервис, NHK World, и го префрли во озлогласениот затвор „Евин“ во Техеран, потврдија два извори за Радио Фарда, сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Не е јасно кога е уапсен или какви се обвиненијата против Шиносуке Кавашима, но нашите извори тврдат дека тој бил однесен во затворот „Евин“ на 23 февруари.

Кавашима е сместен во одделението 7 во затворот „Евин“, каде што обично се наоѓаат политичките затвореници, посочува еден од изворите.

NHK не одговори веднаш на барањето за коментар од Радио Фарда. Иранските власти не објавија ништо за апсењето на Кавашима, кој претходно беше шеф на бирото на NHK во Џакарта.

NHK е јавен радиодифузен сервис на Јапонија, кој емитува вести и информации за Јапонија и Азија преку телевизија, радио и онлајн платформи за глобална публика.

Апсењето на Кавашима доаѓа неколку недели откако властите убија илјадници луѓе во невидена репресија на масовните протести со кои се бараше соборување на иранските владетели.

Како дел од репресијата, десетици илјади луѓе се уапсени низ целата земја во последните недели, вклучувајќи новинари и борци за човекови права.

Во Собранието не помина предлогот за минималец од 600 евра

Фотоархива
Фотоархива

Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март 2026 до март 2027 не доби поддршка од пратениците од власта.

Тој се најде на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.

Предлогот на седницата го образложи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, кој рече дека во изминатите две години растат цените на основните прехранбени производи, енергентите, комуналните услуги и здравствените трошоци, а потрошувачката кошничка бележи континуиран раст.

Минималната плата во моментов во Северна Македонија изнесува 24.379 денари, а според закон треба да се зголеми во март за околу 1.600 денари, односно ќе изнесува 26.000. Опозицијата смета дека тоа не е доволно.

„Иако постои законски механизам за усогласување на минималната плата, и тоа 50 проценти од растот на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците на живот, реалноста покажува дека динамиката на поскапувањето ја надминува динамиката на законското усогласување. Најзасегнати од ова се граѓаните кај кои минималната плата е единствен извор на приход“, рече Спасовски.

Пратениците од владејачкото мнозинство не се вклучија во дебата со исклучок на еден пратеник од ЗНАМ, кој рече дека ќе даде поддршка. Сепак, предлогот без поддршка од останатите пратеници од власта, не доби зелено светло во комисијата.

Повисока минимална плата изминатиот период постојано бара и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), кој организираше протест, како и блокади пред Собранието, стопанските комори и Владата. ССМ најави дека во текот на март ќе продолжи со таргетирани блокади, но ќе организира и генерален штрајк и нов протест.

Ставот на претставници на власта, пак, е дека тие ќе поддржат повисок минималец, но ако за тоа се договорат работниците и работодавците. Власта тврди дека и со актуелната минимална плата, куповната моќ во Северна Македонија е поголема од други европски држави.

„Можеме да имаме и минимална плата од 1.000 евра, но колку вреди таа плата. Ние имаме поголема куповна моќ од Чешка, Литванија, Албанија, Црна Гора, Турција, но ние треба да ги достигнеме европските земји како Белгија, Германија, Хрватска итн.“, рече министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, одговарајќи на пратенички прашања на 18 февруари.

Тој рече и дека во земјава од околу 700.000 вработени, само 30.000 земаат минималец, но оти голем дел од овие луѓе се индивидуални трговци и според него, „не зависат од својата минимална плата, туку од приходите што влегуваат во нивните фирми“.

Според анализите на ССМ, кој бара минималец од 600 евра, во моментов под 500 евра плата земаат 33% од македонските работници.

Шест фирми ги изгубија лиценците за одгледување канабис

Запленета марихуана од фирма регистрирана за регистрирана за одгледување на канабис за медицински цели (фотоархива).
Запленета марихуана од фирма регистрирана за регистрирана за одгледување на канабис за медицински цели (фотоархива).

На шест компании во Северна Македонија им се одземени лиценците за одгледување канабис за медицински цели, соопшти министерот за здравство, Азир Алиу, на прес-конференција во Владата на 24 февруари.

Владата донела ваква одлука бидејќи, како што посочи министерот, биле констатирани низа недоследности.

„Одлуките на Владата се засноваат на наодите од извршените контроли – несоодветно складирање на сувиот цвет, недоследни известувања до Комисијата, недоставена целосна документација за продажба и трансфер“, посочи Алиу.

Досега се спроведени контроли во 13 фирми, а надлежните најавуваат дека ќе ги проверуваат сите 43 кои во моментов имаат активни лиценци.

Поради пропустите и можностите за злоупотреби што ги констатирале надлежните, министерот најави и подготовка на нов закон. Но, за него ќе се почека додека да завршат контролите во сите фабрики.

Меѓу шесте фирми на кои е одземена лиценцата е и „Алфа фарм“ чиј косопственик е вмешан и осомничен со случајот со запленетите пет тони марихуана во Србија.

Останатите пет компании кои останаа без дозвола се: „Грин лајф“, „ЦБД медплант“, „Лајф плант“, „Атафарм“, „Канабидоис“.

„Алфа фарм“, која е актуелна со последните случувања во земјава и во Србија, е фирма со седиште во Скопје. Еден од нејзините косопственици – српски државјанин беше приведени во акција на српските органи на 29 јануари кога во селото Коњух во централна Србија, беа запленети пет тони марихуана.

Српските органи тогаш излегоа со сомнежи дека тие потекнуваат од Северна Македонија, по што започна акција и во земјава. Од фабрики во Скопје и во струмичкиот регион беа запленети 40-тина тони.

Исто така, на 20 февруари Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори и истрага за шест лица кои ги сомничи дека биле вклучени во шверцот на марихуаната во Србија.

Одгледувањето канабис за медицински потреби во Северна Македонија е легализирано повеќе од осум години.

Надзорот над компаниите со одобрение за одгледување на канабис за медицински цели го спроведува Комисија за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, која е под Министерството за здравство.

Одлуките за лиценците ги носи Владата. Покрај последните шест одземени лиценци, во текот на изминатите години од носењето на законот владите предводени и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ донеле одлуки за одземање на дозволите на уште 14 фирми.

По 13 години пауза, продуктоводот Солун-Скопје ставен во употреба

Продуктоводот, преку кој ќе се транспортира дизел-гориво од рафинеријата во Солун до рафинеријата „Окта“ во Скопје
Продуктоводот, преку кој ќе се транспортира дизел-гориво од рафинеријата во Солун до рафинеријата „Окта“ во Скопје

По 13 години, продуктоводот, преку кој ќе се транспортира дизел-гориво од рафинеријата во Солун до рафинеријата „Окта“ во Скопје, по 13 години, повторно се става во употреба. Министерството за енергетика денеска соопшти дека се извршени сите потребни проверки за функционалност на системот и оти ова е значаен чекор за зајакнување на сигурноста во снабдувањето со нафтени деривати.

Проверката била спроведена од страна на Бирото за метрологија со учество на претставници од Чешкиот метролошки институт (CMI) и лабораторијата „Метрон“ од Солун, во присуство и на претставници од Царинската служба.

„Заедно со овластените и стручни лица од Бирото тие ги проверуваа исправноста и метролошките карактеристики на системот, со цел да се потврди дека мерната опрема функционира прецизно, сигурно и во согласност со највисоките стандарди“, информираа од ресорното Министерство.

Според министерката за енергетика Сања Божиновска, техничката исправност и точноста на мерењето се клучни предуслови за безбедно и транспарентно функционирање на енергетската инфраструктура.

Продуктоводот беше пуштен во функција во 2002 година за пренос на сурова нафта. Во 2013 година беа преземени инвестиции за негова пренамена во инфраструктура за транспорт на дизел-гориво.

Станува збор за систем во должина од 213,5 километри.

Инфраструктурата располага со 15 блок-вентил станици за подобрено управување и високо ниво на безбедност, складишни капацитети од 80.000 м³ во Грција и 30.000 м³ во Северна Македонија, како и современ SCADA-систем за следење притисок, температура и проток во реално време, што гарантира долгорочна сигурност и ефикасност.

Иранската влада: Студентите мора да ги почитуваат „црвените линии“

Протест на иранските студенти, Техеран, 23 февруари 2026 година
Протест на иранските студенти, Техеран, 23 февруари 2026 година

Студентите имаат право да протестираат, но мора да „ги разберат црвените линии“, изјави портпаролката на иранската влада Фатеме Мохаџерани, во вторник, 24 февруари, во првата официјална реакција на обновените антивладини протести на кампусите.

Универзитетските студенти го започнаа новиот семестар со собири за време на викендот на кои ги оживеаја слоганите од националните протести против клерикалното раководство на земјата, кои достигнаа врв во јануари и беа пречекани со смртоносна репресија.

Вчера, на третиот ден по ред од протестите на кампусот, видеата геолоцирани од АФП покажаа студенти на универзитет во Техеран како го горат иранското знаме усвоено од Исламската република по револуцијата во 1979 година, со која беше соборена монархијата.

„Светите работи и знамето се два примери за овие црвени линии што мора да ги заштитиме, а не да ги преминуваме или да отстапуваме од нив, дури и во врвот на гневот“, изјави Мохаџерани.

Таа додаде дека иранските студенти „имаат рани во срцата и виделе сцени што може да ги вознемират и налутат, дека овој гнев е разбирлив“.

Првичниот бран протести започна во декември, предизвикан од економските проблеми во земјата погодена од санкции, но набрзо прерасна во национални демонстрации кои кулминираа на 8 и 9 јануари, претставувајќи еден од најголемите предизвици за иранските лидери во последниве години.

Немирите предизвикаа насилна владина репресија во која загинаа илјадници луѓе.

Новинската агенција на активисти за човекови права (HRANA) со седиште во САД регистрираше повеќе од 7000 смртни случаи, додека предупредува дека вкупниот број на жртви е веројатно многу поголем.

Иранските власти признаваат повеќе од 3000 смртни случаи, но велат дека насилството е предизвикано од „терористички акти“ поттикнати од САД и Израел.

За време на протестите, владата се обиде да оди по линија помеѓу признавање на легитимните економски поплаки на демонстрантите и осудување на таканаречените „бунтовници“.

Мохаџерани во вторник рече дека мисија за утврдување факти ги истражува „причините и факторите“ на протестите и ќе обезбеди извештаи.

Репресијата во јануари го поттикна американскиот претседател Доналд Трамп да се закани дека ќе интервенира воено во име на демонстрантите, иако фокусот на неговите закани наскоро се префрли на спорната нуклеарна програма на Иран.

Оттогаш, САД спроведоа масовно воено засилување на Блискиот Исток со цел да извршат притисок врз Техеран да склучи договор, дури и додека двете страни водат индиректни преговори, кои треба да продолжат во четврток во Женева.

Иран инсистира дека неговата нуклеарна програма е за цивилна употреба, но Западот верува дека таа има за цел да изгради атомска бомба.

Руте повика на „ефикасни безбедносни гаранции“ за Украина

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вети континуирана поддршка од алијансата за Украина на четвртата годишнина од целосната инвазија на Русија на 24 февруари 2022 година.

„НАТО беше со Украина од самиот почеток. Ние сме со вас денес и ќе бидеме со вас во текот на предизвиците што претстојат. Императив е Украина да продолжи да ја добива воената, финансиската и хуманитарната помош што ѝ е потребна“, рече Руте во седиштето на алијансата во Брисел.

Руте додаде дека воената помош е „неопходна“.

„Бидејќи ветувањето за помош не ја завршува војната. На Украина ѝ е потребна муниција денес, и секој ден, сè додека не престане крвопролевањето.“

Шефот на НАТО, исто така, ги повика сојузниците да се обврзат да обезбедат мир во Украина откако ќе престанат борбите.

„Кога борбите конечно ќе престанат, мирот мора да се одржи“, рече тој. „Со силни украински сили подготвени да одвратат и да се бранат, и ефикасни безбедносни гаранции од партнерите на Украина: Европа, Канада и САД.“

Руте истакна дека украинскиот народ заслужува праведен и траен мир.

„Нивната безбедност е наша безбедност. Не може да има вистински мир во Европа без вистински мир во Украина“, рече првиот човек на НАТО.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG