Достапни линкови

Што може да значи апсењето на Мадуро за Русија?


Николас Мадуро и Владимир Путин, Кремљ, 2019
Николас Мадуро и Владимир Путин, Кремљ, 2019

За Кремљ, најочигледната поента од апсењето на Николас Мадуро од страна на САД, може да биде дека тоа е удар врз регионалното влијание на Русија и врз гордоста на Владимир Путин, истакнат сојузник кој склучи договор за „стратешко партнерство“ со рускиот претседател во мај, а сега одеднаш е надвор од власт и седи во затвор во Њујорк.

Апсењето на Мадуро доаѓа малку повеќе од една година по падот на Башар ал-Асад, сирискиот лидер кој ѝ даде на Русија цврсто упориште на Блискиот Исток во замена за клучна поддршка во војната против неговите противници - уште еден голем удар врз напорите на Путин да го оживее присуството на Москва низ целиот свет по повлекувањето што следеше по распадот на Советскиот Сојуз.

Не само тоа, туку американскиот напад во Венецуела на 3 јануари постигна за неколку часа нешто што Русија не можеше да го направи во речиси четирите години откако Путин ја започна целосната инвазија на Украина и што се сметаше за една од неговите клучни цели: отстранување на лидерот на една земја.

Но, фокусот на Русија на војната против Украина значеше дека заштитата на Мадуро не би била реална, дури и Москва да сакаше да го стори тоа, а корисноста на Венецуела за Русија се намали, барем во економска смисла, поради санкциите и други фактори што го намалија производството на нафта, сектор во кој Русија има големи влогови.

Но, има и предности за Русија. Од една страна, Москва може да ја посочи американската операција како доказ дека Вашингтон се стреми да ја наметне својата волја врз други земји и го прекршува меѓународното право кога смета дека е соодветно - аргумент што е убедлив за некои и покрај војната на Москва против Украина.

Во изјавите од 3 јануари, руското Министерство за надворешни работи изјави дека е „крајно загрижено“ за она што го нарече „чин на вооружена агресија против Венецуела“ и ги повика САД да го „ослободат легално избраниот претседател на суверена земја и неговата сопруга“.

Но, она што е поважно за Кремљ од зајакнувањето на таквото прикажување на Соединетите Американски Држави, велат аналитичарите, е надежта дека постапките на Вашингтон во Венецуела и фокусот на американскиот претседател Доналд Трамп на западната хемисфера ќе ѝ дадат на Москва поголема слобода - и морално и воено - да прави што сака во она што го смета за своја сфера на влијание, особено во Украина.

„Без оглед на одлуките што ги носи Владимир Путин во Украина, станува сè потешко да се осудат одредени постапки само врз основа на меѓународното право“, изјави за РСЕ политичката аналитичарка од Берлин, Александра Ситенко, експерт за врските на Русија со Латинска Америка и други региони.

„Што прават големите сили?“

Распространетата перцепција дека американската операција го прекршила меѓународното право „не е лоша работа за пошироката руска нарација“, вели Марк Галеоти, аналитичар за Русија и почесен професор на Факултетот за словенски и источноевропски студии на Универзитетскиот колеџ во Лондон, во својот подкаст на 4 јануари.

„На крајот на краиштата, ставот на Путин е во суштина дека ова е она што го прават големите сили, а големите сили имаат сфери на влијание. И ако ѝ дозволиме на Америка да ја има својата латиноамериканска сфера на влијание, тогаш последицата е дека треба да ни се дозволи нашата словенска“, нагласува Галеоти.

Сем Грин, професор на Институтот за Русија на Кингс колеџ во Лондон додава: „Секоја фрустрација поради отстранувањето на Мадуро од страна на Вашингтон ќе биде ублажена со ветувањето за глобален кондоминиум - во кој Москва би го добила правото да го стори истото во своето соседство“.

Постојат докази дека Русија бара таков вид quid pro quo уште одамна пред да ја започне својата тотална војна против Украина во февруари 2022 година.

За време на застојот во кој Русија помогна во заштитата на Мадуро, во услови на обид на лидерот на опозицијата поддржан од САД да го собори, „Русите... многу силно сигнализираа дека сакаат некако да склучат некој многу чуден договор за размена на Венецуела со Украина“, изјави Фиона Хил, која беше врвен советник за Русија и Европа во Советот за национална безбедност на Трамп од април 2017 до јули 2019 година, пред Конгресниот комитет во октомври 2019 година.

Целта на руските пораки беше: „Вие сакате да нè извадите од вашиот двор. Па, знаете, ние имаме своја верзија за ова. Вие сте во нашиот двор во Украина“, рече Хил.

Факторот Украина

Овој пат, пристапот на Русија и нејзиниот релативно пригушен одговор на апсењето на Мадуро се дел од низа случувања што покажуваат „до кој степен желбата на Русија да ја потчини Украина го диктира остатокот од нејзината надворешна политика“, изјави Хана Ноте, директорка за Евроазија во Центарот за студии за неширење оружје „Џејмс Мартин“, на X.

„Путин ја избегнуваше соработката со [поранешниот американски претседател Џо] Бајден во обид да го принуди да ја напушти Украина. Во текот на изминатата година, тој се обидуваше да остане на добрата страна на Трамп, само овој пат за да го намами да ја заземе страната на Русија против Украина“, напиша Ноте.

„Без разлика дали врши притисок или пофалби во однос на американскиот лидер, крајната цел на Русија остана иста: Вметнување клин меѓу САД и Украина“.

Иако тонот и содржината на дипломатијата во врска со Украина можат брзо да се менуваат, досега нема знаци за голема промена во ставот на САД по апсењето на Мадуро, што се случи во услови на повеќе рунди разговори во кои беа вклучени САД, Украина, Европа и Русија во различни конфигурации, додека администрацијата на Трамп се обидува да посредува во крај на војната.

На прес-конференција неколку часа по операцијата во Каракас, Трамп рече дека „не е воодушевен од Путин. Тој убива премногу луѓе“. И на 4 јануари, тој го повтори заклучокот на ЦИА и рече дека не верува оти Украина ја таргетирала една од резиденциите на Путин во напад со беспилотно летало кон крајот на минатиот месец - откако претходно се чинеше дека го прифаќа тврдењето за кое рече дека рускиот претседател му го пренел во телефонски разговор.

Дали фокусот на Венецуела и западната хемисфера „значи дека САД ќе бидат дефокусирани ?“, праша Галеоти.

Неговиот одговор: „Секако може да се запрашаме како тврдењето дека ќе ја води Венецуела може да се операционализира. Но, од друга страна, суперсила навистина може да оди во две насоки. Не мислам дека ова ќе има некакво посебно влијание врз тоа што ќе се случи со Украина.“

Грин посочи дека ако Кремљ се надева на широко разбирање меѓу големите сили и слобода на дејствување кога станува збор за Украина, ќе биде разочаран.

„Да не се појави карт бланш за дејствување во Украина наскоро, Москва ќе го смета ова за стандардно американско лицемерие, веројатно влошувајќи ја наводната коалиција за глобална хегемонија меѓу Путин, Трамп и [кинескиот претседател] Си [Џинпинг]“, напиша тој.

XS
SM
MD
LG