Достапни линкови

Русија ги прекрши ветувањата од договорите со борците во Украина


Билборд на кој пишува „Да и се служи на Русија е вистинската работа“, Санкт Петергург, Русија
Билборд на кој пишува „Да и се служи на Русија е вистинската работа“, Санкт Петергург, Русија

Некои изгубиле некој екстремитет или пак животот, други својата слобода. Но, во повеќето случаи, и руските војници со договор да заминат во борба, и нивните семејства не добија ниту една од придобивките ветени од државата за тоа што се пријавија да се борат во Украина.

Тие останаа без бонус за учеството во борбите, без ветените помилувања на осуденици, без надомест за повреда или смрт и без документација за да докажат дека воопшто се бореле, открива рускиот истражувачки сервис на РСЕ, Система.

Наодите се засноваат на докази кои вклучуваат разговори кои Система и Курент тајм ги водеа со војници, поранешни војници и роднини.

Стотиците илјади луѓе кои потпишаа договори со руското Министерство за одбрана за да се борат во Украина играат клучна улога во напорите на Кремљ да ја одржи воената сила без прибегнување кон масовна мобилизација како онаа што ја нареди претседателот Владимир Путин во септември 2022 година. Мобилизацијата се покажа многу непопуларна, бидејќи поттикна голем број Руси да ја напуштат земјата, а аналитичарите велат дека Путин е особено претпазлив околу овој потег пред претседателските избори во март 2024 година.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, неодамна го препиша, зголемувањето на бројот на луѓе кои сакаат да потпишат договори за да одат во војна, на како што ги нарече, „многу привлечните“ услови во договорите.

Мобилизираните регрути и волонтери кои потпишуваат краткорочни договори со Министерството за одбрана за да се борат во Украина би требало да ги добиваат истите плати и бенефиции како професионалниот персонал во вооружените служби кој потпишал договори. Платата е минимум 195 000 рубли (2115 долари) месечно, или речиси три пати повеќе од просечната месечна плата.

Покрај исплатите, платеничката група Вагнер им вети на затворениците и помилување.

Според покојниот шеф на Вагнер, Евгениј Пригожин, околу 32 000 осуденици добија помилување од јуни.

Откако Вагнер ја прекина својата програма за казнено регрутирање во февруари, претставниците на Министерството за одбрана очигледно продолжија да бараат затвореници подготвени да потпишат краткорочни договори. Роднините на оние кои потпишаа договори за борба во Украина, сепак, често се жалат и кај нивните законодавни претставници дека ветените исплати и помилувања никогаш не стигнале.

Колку точно се распространети овие неисполнети ветувања е нејасно, а ниту руското Министерство за одбрана, ниту канцеларијата на рускиот комесар за човекови права не одговорија на прашањата на РСЕ.

Поплаките што ги евидентира Система покажуваат дека проблемот постои.

За 52-годишен маж со криминално досие за ситни прекршоци, шансата да се скрати затворската казна за кражба на батерии можеби изгледаше премногу добра за да се пропушти. Но, Јури Моторни, жител на регионот Краснодар во јужна Русија, никогаш не доби помилување.

Ранет кратко откако беше испратен на фронтот минатата пролет, тој почина во болница во Крим, окупиран од Русија во септември.

Неговата вдовица Ана Моторнаја изјави дека не ѝ било кажано каде го испратиле кога бил ранет и не и било дозволено да го види во болница кога дознала еден месец подоцна. По неговата смрт, рече таа, не добила никакви документи кои потврдуваат дека тој се борел во Украина, ниту воена плата или некаков вид компензација.

„Јас дури и не знам во која единица служеше или кој е бројот на неговиот договор. Тој не беше на платниот список на Министерството за одбрана, а канцеларијата на (военото)обвинителство досега не кажа ни збор“, вели Моторнаја.

Министерството за одбрана предложи легализирање на регрутирањето затвореници за воена служба, практика што Олга Романова, шеф на организацијата за правата на затворениците „Русија зад решетки“, ја спореди со „игра на руски рулет со најголем влог“.

Војниците кои преживуваат понекогаш се мачат да добијат какви било бенефиции.

На Дмитриј Јефимов му останаа уште шест години од казната поради обвинение за дрога, кога потпиша договор со руската војска во мај и беше ослободен од затвор во регионот Перм. Дури и пред да биде испратен на фронтот, си ја разнесе левата рака со полнење на експлозив ТНТ во тренинг „игра“, како што рече тој, а неговото лице исто така беше оштетено во експлозијата.

Од септември, Јефимов беше во болница на Крим, сè уште чекајќи документи што ќе му овозможат право на компензација за времето поминато на обука.

Неговите команданти не одговараат на неговите прашања и военото обвинителство само што почнало да го разгледува неговиот случај, изјави тој за „Система“.

„Знаев што правам. Тоа е сѐ или ништо. Само што се лизнав. Не сакав да излезам од затвор на 30 години, како што требаше. Без семејство, стан, кола. И бев со такво убедување во мојата глава“, ни рече тој.

„Полош третман отколку за украинските воени затвореници“

Во декември 2022 година, по пет месеци без отсуство или ветениот бонус за учество во војна, волонтерот Николај Трошин (45) го искористи своето право да не го продолжи договорот со руското Министерство за одбрана.

„Одговорот беше брутален“, изјави неговата сопруга Оксана Трошина.

Трошин, вели таа, бил ставен во „јама“, или голема дупка во земјата каде војниците понекогаш се затворени без храна, вода или медицински третман како дисциплинска мерка.

Активистката за правата на војниците, Јелена Попова, изјави дека полицајците ја користат оваа „едноставно средновековна“ мерка за „да ве принудат повторно да одите на фронтот“.

Во случајот на Трошин, немаше потреба, Министерството за одбрана автоматски го обнови неговиот договор и покрај неговото писмено барање за отпуштање, ни рече неговата сопруга.

Трошина тврди дека откако се пожалила до канцеларијата на военото обвинителство и до Комесарот за човекови права за третманот на нејзиниот сопружник, добила е-пошта од полицајците во неговата единица кои го нарекувале „кукавица“ и „алкохоличар“.

Таа тврдеше дека командантите на нејзиниот сопруг, исто така, го претепале и му ги скинале ознаките.

„Третманот е полош отколку за украинските воени затвореници. И тој не е единствениот ваков случај“, обвини Трошина.

Таа додаде дека тој сè уште не добил отсуство или не добил никаква исплата освен неговата месечна плата од 28 411 рубли (308 долари).

Официјалната месечна минимална плата во Русија е 16 242 рубли.

Сопругата на помладиот наредник Сергеј Прокудин (37) раскажа слично искуство. Прокудин, рече таа, потпишал договор во септември 2022 година поради „патриотизам, а не за пари“, но откако двапати бил ранет, одбил да се врати на фронтот за преостанатото време од договорот.

„Го држеа 11 дена во подрум поради ова, но тој не сакаше да се врати“, рече Анастасија Прокудина.

Договорот на Прокудин, исто така, автоматски бил продолжен без да добие воени бонуси, тврди неговата сопруга.

По неколку обиди, Прокудина, која беше бремена со четвртото дете на парот кога разговаравме со неа, рече дека успеала да ги добие неплатените бонуси за борба на нејзиниот сопруг преку канцеларијата на военото обвинителство.

Но, тој остана во Украина. Не се знае датумот на негово враќање.

Одбиени документи

Семејствата на мобилизираните војници, плашејќи се од одмазда, поретко контактираа со новинарите за да ги споделат своите проблеми, отколку семејствата на доброволците и поранешните осуденици. Нивните роднини, сепак, опишуваат слични проблеми.

Во најмалку два случаи раскажани за Система, поединци испратени во борба не добивале воени бонуси.

Од август, комисијата за одбрана во Државната дума, долниот дом на рускиот парламент, примила 829 жалби за неисплата на мобилизираните војници од ноември 2022 година, објави официјалниот владин весник „Росискаја газета“, цитирајќи го членот на комисијата Дмитриј Кузњецов.

Во еден случај поврзан со РСЕ, војникот, кој беше ранет, ги нема документите потребни за неговото семејство да добие отштета.

Таа дилема се протега на некои од војниците регрутирани од Редут, наводна приватна воена компанија за која рускиот и украинскиот сервис на РСЕ, утврди дека е всушност систем за регрутирање координиран и финансиран од руската војска и нејзината разузнавачка агенција, позната како ГРУ.

Путин постхумно му додели Орден за храброст, на снајперистот Александар Копилцов, регрутиран од Редут, во ноември 2022 година, но Министерството за одбрана и воените обвинители сè уште негираат какви било податоци за неговите борби во Украина, велат неговите роднини.

Бирократско развлекување

Речиси е невозможно да се најдат информации за тоа колку воен персонал не ги добил ветените исплати од Министерството за одбрана. Жалбите одат до канцеларијата на военото обвинителство, која не објавува информации за бројот на поврзани судски случаи.

„Плаќањата се вршат откако ќе се обработат документите, а армијата отсекогаш имала проблеми со ова“, рече Сергеј Кривенко, директор на групата за застапување на војниците со седиште во Москва.

„Фактот дека командантите на единиците сега се во борбена зона „само ги влошува проблемите со документацијата“, додаде тој.

Друг адвокат кој работи на такви случаи се согласува дека командантите немаат секогаш време да внесуваат податоци за нивните подредени во сметководствената база на податоци на Министерството за одбрана.

Овие бирократски замки значат дека припадниците на рускиот воен персонал „многу често“ останува без парите што им следуваат, а ранетите без документите кои потврдуваат дека биле повредени за време на борба, додаде адвокатот, кој поради чувствителноста на темата побара да биде анонимен.

Истото се однесува и на компензацијата за семејствата на војниците доброволци убиени во борбите, додаде тој.

Комесарката за човекови права Татјана Москалкова кон крајот на октомври изјави дека добила 5746 жалби од Русите кои се борат во Украина, но не е јасно колку од овие жалби се поврзани со плаќања или барање за помилување.

XS
SM
MD
LG