Достапни линкови

Руските трупи се прегрупираат во Украина


Илустрација
Илустрација

Украина тврди дека руските воени сили се прегрупираат и ги засилуваат офанзивните напади. Москва,пак, тврди дека спречила украински беспилотни летала да извршат напади врз руска територија од кои најмнигу врз Крим

Руските сили се прегрупираат и испраќаат засилувања во подготовка за продолжување на нивната офанзива на истокот на Украина, изјави на 25 август генералот Олександр Сирскиј, командант на копнените сили на Украина.

Дури и додека ги спроведуваат своите подготовки, руските трупи „продолжуваат со силни напади со артилерија и минофрлачи“ и „активно ја користат авијацијата“ во своите напади, рече Сирскиј, додавајќи дека украинските сили „ги преземаат сите мерки за зајакнување на нашата одбрана во загрозените области и напредува каде што е можно“.

„По еден месец жестоки борби и значителни загуби во рагионите Купјанск и Лиман, непријателот ги прегрупира своите сили и способности, притоа префрлајќи ги новоформираните бригади и дивизии од територијата на Руската Федерација“, напиша Сирскиј на социјалната платформа Телеграм.

„Оперативната ситуација во источниот правец останува тензична“, додаде тој.

Коментарите на Сирскиј доаѓаат откако Русија соопшти дека спречила масовен бран напади со беспилотни летала врз окупираниот Крим и ракетен напад врз Калуга, бидејќи украинската војска извршила воздушни и беспилотни напади врз нејзините региони.

Руското Министерство за одбрана на 25 август соопшти дека нејзината воздушна одбрана неутрализирала вкупно 73 беспилотни летала во последните 24 часа, од кои 42 над Крим.

Шефот на Севастополската област на Крим, Михаил Развозаев, назначен од Москва, изјави дека неколку беспилотни летала се уништени над морето кај Кејп Херсон.

Руското Министерство, исто така, соопшти дека украинска ракета била соборена во Калуга, регион југозападно од Москва, додека руските канали на Телеграм известуваат за експлозии на небото над регионите Калуга, Тула и Москва, најверојатно предизвикани од противавионски оган.

Канал База на Телеграм објави дека проектилот бил соборен во близина на воениот аеродром Шајковка во регионот Калуга, на околу 300 километри југозападно од Москва.

Двата големи московски аеродроми, Внуково и Домодедово, привремено престанаа со работа, јави руската новинска агенција ТАСС. Нема непосредни извештаи за жртви или штети. Москва и нејзината околина беа често мета на напади со беспилотни летала во последните недели.

Во меѓувреме, Генералштабот на украинската војска извести за руски воздушни и ракетни напади врз Украина во текот на ноќта, додавајќи дека има жртви меѓу цивилите.

„Во текот на изминатите 24 часа, непријателот изврши седум ракетни и 47 воздушни напади... врз позициите на нашите војници и на населените места“, се вели во дневниот извештај на војската, додавајќи дека „за жал, меѓу нив има мртви и повредени цивили“.

Војската не соопшти повеќе детали за целите на руските напади или за жртвите, велејќи дека информации што доаѓаат „во моментов се разјаснуваат“.

Украинската воздушна одбрана одделно извести дека соборила четири руски крстосувачки ракети над регионот Одеса, кои биле лансирани од Азовското Море.

На боиштата во источна Украина, продолжија тешките борби во услови на офанзивни и одбранбени акции од двете страни.

Украинските сили спроведуваат офанзивни операции во правец на стратешкиот јужен град Мелитопол и во областа Бахмут во Доњецк, соопшти Генералштабот на 25 август.

Генералштабот соопшти дека неговите војници постигнале одредени успеси во изминатите 24 часа на оската Оричив-Токмак кон Мелитопол, истата област каде што претходно оваа недела го ослободија селото Роботин.

Заменик-министерката за одбрана Хана Маљар изјави на 24 август дека ситуацијата долж целиот источен фронт е „напната и многу динамична“. Овие тврдења не можеа веднаш да се проверат.

XS
SM
MD
LG