Достапни линкови

Синдикалците денеска на блокада пред Собранието

Прва блокада на ССМ пред Парламентот, 10.02.2026
Прва блокада на ССМ пред Парламентот, 10.02.2026

Синдикалците повторно излегоа на улица по протестот што го организираа пред две недели. Денеска ја организира првата, од вкупно три најавени блокади во Скопје, за да го испорачаат барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра, но и на сите плати за 6000 денари.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) кој всушност повика на блокади, бара и зголемување на сите останати плати за минимум 6000 денари или за разликата од зголемувањето на минималната плата.

Собранието под работничка блокада
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:08 0:00

„Работничкиот гнев“ како што истакнаа од ССМ први го почувствуваа пратениците.

„На две локации го блокираме Собранието за пратениците да не можат да дојдат со сопствените возила на работа и да не можат да наплатат патни трошоци за превоз како да трошат керозин и да мора да дојдат пешки или со јавен превоз на своите работни места. Моите информации се дека голем дел од пратениците станале рано утринава за да дојдат пред 9 часот на работа за да не се соочат со работниците на улица затоа што се срамат од нив“, изјави првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов на 10 јануари.

Синдикалците во девет часот излегоа на блокади на улиците
„11 Октомври“ и „Даме Груев“, односно одржаа собир пред Собранието, за да, како што нагласија, ги оневозможат пратениците да наплатат патни трошоци.

Некои од присутните се пожалија дека освен што платата не им стигнува за да го истуркаат месецот, не им се исплаќа ниту К-15.

„Од 2022 до 2025 немаме добиено К-15 како што треба, немаме никакво право, значи регрес, сите тие работи. Јас им порачувам на пратениците да се откажат од покачување на нивните плати. Пратениците, ако не се работниците, и тие ќе немаат што да работат. Значи зависат од нас. Затоа апелирам да се изгласа законот, да мислат за работникот малку повеќе“, изјави за Радио Слободна Европа, Џемаиљ Љутви, вработен во едно од јавните претпријатија во Скопје.

Претходно преку социјалните мрежи, ССМ обвини дека „пратениците се глуви на барањата за зголемување на работничките плати“.

Пратениците да најдат начин да стигнат на седница

Собранискиот спикер, Африм Гаши вчера на брифинг со новинарите рече дека пратениците ќе треба сами да се снајдат за да дојдат на работа. Прашан за коментар околу синдикалните барања тој изјави дека секоја партија ќе заземе свој став.
Според него, „проблемот не може да се реши само со покачувањето на платите“.


Според него, „проблемот не може да се реши само со покачувањето на платите“.

Како што рече, тоа е комплексно прашање и затоа треба да се направи нивелирање на платите по приоритет, односно генерална анализа која ќе ја покаже целата економска слика за да се реши проблемот најправедно.

Блокада и покрај договорот со Владата

Блокадата на ССМ се одржа и покрај договорот кој вчера го постигнаа Владата и синдикалните претставници, а со кој над 10.000 административци ќе потпишат индивидуални договори за процентуално зголемување на платите секоја година. Меѓу нив, на пример, се и службениците во судовите и обвинителствата.

Според ова, нивните плати до 2028 година треба да се покачат за речиси 40 отсто од тековната сума.

„Она што е уште подобро за нас како Синдикат, е што ова право се дава во поединечен колективен договор, што би значело дека во кое било време, ако утврдиме уште повеќе права за вработените, постапката за потпишување или измена на тој колективен договор би била многу побрза отколку да се носи нов закон“, изјави Трпе Деановски, претседателот на Синдикатот на УПОЗ.

Претседателот на Синдикатот на администрацијата, државната управа и правосудството (САДУ), Благоја Ралповски пак, рече дека ова покачување требало да се случи лани.

„Ќе продолжиме со преговори зашто Општиот колективен договор во јавниот сектор е истечен. Треба да седнеме и да почнеме преговори околу потпишување нов Општ колективен договор“, посочи Ралповски.

За Владата е неприфатлив предлогот државата да ги финансира придонесите

Премиерот, Христијан Мицкоски потсети дека вакви договори веќе има со вработените во образованието и во здравството, па сега со новото зголемување, „практично ќе се регулираат односите со сите колеги во рамките на институциите“.

„Ние сме подготвени како Влада да седнеме и во овој период до 2028 година се разбира очекувам тоа да биде во пократок период заедно со двата репрезентативни синдикати, во случајов ССМ и КСС, да седнеме и да испреговараме еден нов општ колективен договор којшто ќе биде единствена алатка врз основа на која ќе бидат исплаќани платите. Од друга страна ќе биде алатка којашто ќе ја имаат и работниците, но ќе ја има и Влада“, рече Мицкоски.

Сепак, според него, неприфатлив е предлогот државата одреден период да ги финансира придонесите на работодавачите за тие да го зголемат минималецот.

Тој додаде и дека доколку работодавачите се договорат со синдикатите, тогаш Владата ќе го поддржи и поздрави постигнатиот договор.

Работници на улица - бараме почит и достоинствен живот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:12 0:00

Денеска пак, одговарајќи на новинарско прашање за блокадата пред Собранието, тој оцени дека и таа и протестот се „политички мотивирани“.

„Во бипартитниот дијалог меѓу коморите, односно работодавачите и работниците, ние сме фасилитатор и рековме дека ќе го поддржиме секое решение кое што тие практично ќе го договорат. Но, ние нема и не сакаме да поддржуваме политички инструирани самонаречени водачи. Не сакаме да влегуваме во таков тип на процес“, додаде Мицкоски.

Филипче: Може да се обезбедат и до 200 милиони евра за плати

Неколку дена претходно, лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче оцени дека барањето на ССМ за повисока минимална плата е „сосема на место и се темели на реалните потреби на работниците“.

„Затоа го поднесовме законот за 600 евра минимална плата. Вторпат го поднесуваме, првиот пат беше на крајот на 2024 година, тогаш власта го одби“, рече Филипче и додаде дека преку ребаланс на Буџетот, може да се обезбедат и до 200 милиони евра за плати.

Но, по одржаната блокада, СДСМ реагираше преку писмено соопштение во кое обвини дека Владата планира да купи нов авион.

-За зголемување на минималната плата и за поддршка на приватните компании се потребни околу 200 милиони евра. Пари во буџетот има само владата треба да се откаже од луксузот и парите да ги пренамени за работниците – додадоа од СДСМ во денешното соопштение.

Покрај оваа блокада, синдикалците ќе ја блокираат и улицата пред зградата на Стопанската комора на 12 февруари. За идниот вторник пак, е најавена блокада пред Владата.

XS
SM
MD
LG