Достапни линкови

„Pефлексии на новата реалност“ на Лазе Трипков во Национална галерија


Плакатот за изложбата на Лазе Трипков во Национална галерија
Плакатот за изложбата на Лазе Трипков во Национална галерија

„Pефлексии на новата реалност“ е насловена шесттата самостојна изложба на Лазе Трипков, што од 19 до 30 октомври, се одржува во Мала станица во Национална галерија. Со оваа поставка македонскиот уметник се обидува да иницира дуел меѓу уметноста во галеријата и галеријата во виртуелна реалност.

Авторот во овие решенија, допира една друга и поинаква димензија, димензијата на дигитално процесираните идеи кои нудат инакви сензации и размисли. Но, тука предизвикот на Трипков не запира, иако ова е негова конфорна зона, бидејќи мошне вешто манипулира со алатките на својот I-book. Тој продолжува да нурка подлабоко во „новата реалност“ и новите можности, обидувајќи се своите дводимензионални графички концепти да ги трансформира во виртуелна реалност во која гледачот нема само да резонира и замислува дека влегува, туку виртуелно, со оптички помагала, и ќе влезе и ќе ја доживее компјутерски симулираната уметникова плакатска креација во 3Д искуство. Уште една парабола повеќе, е што Трипков одлучува да инкорпорира и интеракција, т.е. посетителот не само што ќе влезе 3Д во „неговиот свет“ туку и ќе го истражува и менува, ќе симнува форми, ќе отвора фиоки, ќе става крилја, ќе се искачува по скалила со помош на мултимодален уред... Оваа трансмедијалност, преод од една во друга медиумска репрезентативност ги вклучува сите сетила и го зголемува нивото на адреналин, чинејќи го реципиентот постојано надразнет од искуствата кои му се нудат.

Ова меѓу другото ќе го забележи во својот текст Ана Франговска, куратор на поставката „Рефлексии на новата реалност“ од Лазе Трипков, што од 19 до 30 ноември се одржува во објектот Мала станица, во Национална галерија во Скопје.

Таа за проектот, во кој несомнено е битна и улогата на Трајко Митрески како соработник за „виар технологија“, ќе констатира дека „промовира нов, различен пристап и ќе се обиде да ги испровоцира доживувањата на уметноста преку виртуелна реалност со спротивставувања на концептот на „стандардното“ наспроти дигиталната технологија“.

А, авторот во своето писмено обраќање до јавноста во пресрет на својата шеста самостојна изложба појаснува: Преку оваа изложба/проект ќе се обидам да иницирам дуел меѓу уметноста во галеријата (галерија како физички простор) и галеријата во виртуелна реалност (виртуелен галериски простор). Посетителот ќе има директна можност покрај изложените плакати и сам да управува со содржината на делата. Преку посебно креирана платформа за виртуелна реалност, со помош на „виар технологија“ секој ќе може да нурне во моите визуелни рефлексии, да ги обликува и да раководи со содржината, да ја модифицира, користејќи ги постојните форми од плакатите“.

Од друга страна, не цело деноноќие по отворањето Трипков појаснува дека „Рефлексии на новата реалност“ е изложба која вклучува интеракција, односно виртуелна реалност и печатени плакати. Дека споредбата што треба да се направи помеѓу интеракцијата, односно виртуелната реалност и печатениот плакат е новата парадигма на сегашното време.

Самиот наслов на изложбата наговестува рефлексија којашто е поттикната од новите случувања и прекумерната употреба на дигиталните технологии, меѓутоа ставањето во контекст на новото време. Што значи тоа? Тоа значи дека со самиот изолациски период, односно карантински период од пандемијата сите ние се ориентиравме кон дигиталните уреди. Сакајќи или не, на некој начин станавме зависници. Па, мојот контекст кој сакам да го наметнам тука е всушност ставање на една опозиција и вметнување на дигиталната технологија во галерискиот простор со тоа што импонирам креирање на една виртуелна галерија односно галерија во самата галерија кадешто секој посетител покрај содржината која што е закачена на самите ѕидови, на моите дела и плакати, може и дополнително да влезе во таа дополнителна реалност каде што сам ќе може да креира содржини повторно поврзани со моите плакати и лично ќе може да ги обликува, вели Лазе Трипков.

Фото: Боро Рудиќ

Тој појаснува дека „прави паралела и компарација на своите размислувања и сфаќања во еден готов продукт и во продукт каде што самиот посетител го наведува да се вклучи, односно да ја искористи на паметен начин технологијата и сето тоа да даде една придобивка и констатација каде музеите ќе можат да размислуваат малку посериозно во наредниот период дали и како технологијата ќе можат да ја користат за да привлечат дополнително публика.

Прашан дали по ова претставување на проектот во Мала станица размислува изложбата да ја претстави во други галериски простори во и надвор од Македонија, Трипков знае да каже дека

„VR-от може да го носи кај сака“, дека „може дури и на улица да го постави и секој којшто ќе помине да го стави и да го гледа, да влезе во свеста на плакатот“.

Јас на 11 ноември ќе имам изложба во Сараево, во Босна и Херцеговина, меѓутоа нема да биде со виар технологијата туку само со рефлексиите што ги правев, односно само со печатените плакати. А, во однос на „виарот“ настојувам малку повеќе дискурсот да го искористам. Гледам вчера на отворањето дури и повозрасната група на посетители која што дојде беше заинтригирана од сето тоа, дека има таква можност. За младите воопшто не правам муабет. Тие што се до 18 години, еве децата на моите пријатели што беа таму, тоа за нив е игра. Тоа е реалноста за нив. За жал. Ова е алатка којашто сакам да ја искористам во културен контакт. Главниот фокус да ми биде тоа истражување. Во изминативе денови читав дека социјалната мрежа Фејсбук во наредниве 10 години планира да работи на развивање на виртуелен универзум. Комплетно целата платформа во наредната декада да биде заменета со виртуелна реалност. За жал, таа виртуелна реалност, полека станува дел од нашето секојдневие, посочува уметникот.

Она што е значајно е и тоа што со „Pефлексии на новата реалност“ за прв пат во некој од музеите

во Македонија ќе може да се погледне изложба која има траснмедијален карактер кој поттикнува технолошка и директна интеракција на посетителот и авторот, преку неговите дела, а интензивирано преку „виар технологија“. Трипков за ова истакнува:

Вакви некој обиди досега се правени во Холандија, меѓутоа повеќе со видео мапирање и дигитално, а овде користејќи ја таа платформа Unity која што е за „гејминг индустријата“ јас всушност пробав да ги поставам моите плакати како главни актери, главни чинители во таа игра, односно во таа интеракција.

Инаку, Лазе Трипков е вонреден професор на Факултетот за уметност и дизајн на Меѓународниот Балкански универзитет во Скопје. Основач е на две значајни интернационални манифестации „Плакарт“ и „Скопје постер фестивал“. Тој е и поранешен директор на Музејот на современата уметност, иницијатор и куратор на бројни меѓународни проекти и изложби, како и ко-основач на Скопската недела на дизајн и член на Одборот на Варшавското биенале на плакат.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG