Покрај вчерашната кривична пријава од Финансиската полиција за четири различни кривични дела - примање поткуп, фалсификување службена исправа, проневера во службата и несовесно работење во службата, Мирчески бил пријавуван и од негови колеги во СОЗР.
РСЕ открива случај во кој “свиркач“ - вработена во СОЗР во неколку наврати го пријавувала Мирчески во Државната комисија за спречување на корупцијата.
Во пријавата до Антикорупциска, која датира од јуни 2019 година, вработената - претседателка на Централна пописна комисија во СОЗР, пријавила закани, мобинг и фалсификување на извештај за извршениот попис на институцијата од страна на Пеце Мирчески.
Според пријавата, во која имаше увид РСЕ, станува збор за извештај на Централната пописна комисија при СОЗР за попис на средствата и изворите на средства и побарувањата и обврските за 2018 година.
Оваа Комисија обединува десет други комисии - кои ги попишуваат автомобилите, земјиштето, објектите, ситен инвентар, мебел, опрема, авио секторот и друго и врз основа на нив, Централната комисија изготвува генерален извештај.
Пописот требало да ја утврди финансиската состојба на Службата, материјални и нематеријални средства, инвентарот, побарувањата и обврските кои ги имала.
Во извештајот на Централната пописна комисија бил констатиран вишок во делот на угостителството од над 4 милиони денари, како и расходувани пијалоци во Клубот на пратеници на кои наводно им поминал рокот, а имало сомнежи дека не се расходувани по пропис.
Откако Централната пописна комисија изготвила извештај, тогашниот прв човек на институцијата Пеце Мирчески не бил задоволен од констатираните нерегуларности и со уцени и закани кон претседателката на пописната Комисија наредил истите да бидат отстранети од извештајот.
Претседателот на Централната пописна комисија под влијание и закани од Мирчески ги отстранил нерегуларностите во извештајот и изготвил нов извештај по негова желба, пишува во пријавата.
Вработена во СОЗР како “свиркач“ го пријавила Пеце Мирчески во Државната комисија за спречување на корупцијата, што тогаш ја предводеше претседателката Билјана Ивановска. Освен претставката против Мирчески, на антикорупционерите им ги доставила и двата извештаи – стариот и новиот изготвен по нарачка на Мирчески.
Но, ниту новиот извештај за посписот во СОЗР не бил поддржан едногласно. Добил само два од потребните три гласа, бидејќи друг член на Комисијата одбил да го потпише. Но, и таков бил потпишан од Мирчески.
Кога ДКСК се обратила службено до Мирчески и тој дознал за пријавата, ја прераспределил вработената да работи во печатница, која физички не се наоѓа во зградата на СОЗР, туку во Државниот завод за статистика. И бил одземен и службениот компјутер на кој работела, со целокупната база на податоци за објектите на Владата.
И нејзиното прераспределување под казна од Мирчески поради пријавата која му ја поднела, го пријавила во ДКСК, но не добила никаква заштита, со образложение дека постапува Државниот завод за ревизија.
Вработената во СОЗР повела и постапка пред Агенцијата за администрација за прераспределбата на работната позиција, во која и бил одбиен приговорот. Потоа повела и судски процес против Мирчески во 2020 година за реваншизмот, но и таму го изгубила спорот во 2023 година.
Во пресудата пишува дека за делот од пријавата дека се појавува како „сврикач“, правата да си ги бара во друга, посебна постапка.
За сите преземени чекори ја информирала ДКСК, барајќи информации што преземале антокорупционерите во однос на нејзината пријава со цел да ги искористи во судска постапка. Одговор не добила.
Од пријавата на укажувачот во јуни 2019, ДКСК го известила дури после повеќе од четири години - на 27 декември 2023 година дека предметот се запира и се архивира.
Антикорупциска ја запрела постапката по пријава на “свиркачот“
Овластеното лице за прием на пријави од укажувачи од ДКСК, Ирена Поповска во одлуката доставена до укажувачот наведува дека со увидот од двата извештаи се воочени разлики во содржината.
„Од анализата на двата документи, произлегува дека во бифето на Министерството за финансии имало кражба на храна и пијалоци, за што било известено и МВР. Постои неусогласеност помеѓу материјалната и финансиската евиденција за залихата на храна и пијалоци, заради системска слабост во ИТ сметководствениот систем. Во првичниот извештај причината за ваквата неусогласеност е точно образложена, меѓутоа во вториот извештај оваа констатациа не постои“, пишува во одлуката.
Антикорупциска наведува дека ја запрела постапката бидејќи за работата на СОЗР веќе постапувал друг орган - Државниот завод за ревизија.
И ДЗР во ревизорскиот извештај нотира дека пописот на средствата, побарувањата и обврските на СОЗР е нецелосен и во одредени сегменти не е постапено според закон.
Всушност, и самиот ДЗР во извештајот ги констатира незаконските постапки во СОЗР што биле пријавени и од укажувачот.
РСЕ се обрати до овластеното лице за прием на пријави од укажувачи од ДКСК, Ирена Поповска со низа прашања. Кои биле механизмите што ги презеле за заштита на укажувачот според закон, зошто ја запреле постапката и не покренале иницијатива за кривично гонење на Мирчески кога законот им го овозможува тоа, а институцијата имала таква пракса во минатото.
Но, не добивме одговор на ниту едно прашање од Поповска, која ги прима пријавите од укажувачите и во минатиот и во сегашниот состав на Антикорипциска.
Што предвидува законот?
И ревизорите изготвиле извештај по пријавата на “свиркачот“, но Антикорупциска сепак го затворила случајот и не постапила.
Во членот 17 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, кој се однесува на надлежностите на Антикорупциска пишува „покренува иницијатива пред надлежните органи врз основа на извештаи на Државниот завод за ревизија“.
Законот за заштита на укажувачи во членот 8 го дефинира начинот за тоа како им се обезбедува заштита. Доколку заштитата не ја обезбеди институцијата во која лицето работи, се пријавува во Антикорупциска, кај Народниот правобранител, Инспекцискиот совет, МВР и Обвинителството. “Свиркачот“ ја избрал ДКСК, но од тоа сепак немало епилог. Поранешната вработена во СОЗР сега е на сосема друго работно место кое не е поврзано со Владата.
И други директори на СОЗР во судир со законите
Приведениот поранешен директор на Службата за општи и заеднички работи, Пеце Мирчески се соочува со неколку кривични пријави - за примање и давање поткуп, проневера во службата и несовесно работење за време на неговото директорување со органот во рамки на Владата.
Мирчески беше директор на Службата за општи и заеднички работи во периодот од јуни 2017 до јуни 2024 година во владата на СДСМ-ДУИ.
Тој дојде на местото на Васе Донески, кој заврши во затворски, а потоа и домашен притвор по поднесената кривична пријава од Финансиската полиција против него за местење на тендерот за чистење на Владата и владините простории со компанијата „Секјуриком“ за сума од 10,7 милиони евра.
Покрај Доневски, кривична заработи и Волфганг Гампер, газдата на „Секјуриком“ кој иако беше осомничен за соизвршителство во местење на тендер, избега од Северна Македонија и тоа со одземен пасош од судот. Подоцна, за него беше распишана и меѓународна потерница.
Од Кривичниот суд за РСЕ дека за овој предмет има два идентични пресуди и по втор пат се наоѓа пред Апелацискиот суд.
Првата пресуда е донесена во 2021 година. Кривичниот суд ги осудил Васе Донески на казна затвор од три години, додека Австриецот бил осуден во отсуство на пет години затвор. Предметот по втор пат е пратен во Апелација на 16 јуни 2023 година. Но веќе две години Апелацискиот суд нема донесено одлука за предметот.
Покрај Мирчески и Доневски, и нивниот наследник, актуелниот директор на СОЗР, Ивица Томовски, е предмет на проверка за наводно незаконско постапување.
На 20 јануари, РСЕ објави дека компанијата „Праеториан ДООЕЛ Скопје“ која го добила тендерот на СОЗР за обезбедување на државни објекти во висина од 3,8 милиони евра, формирала подружница по објавување на тендерот која води до роднински врски на директорот на СОЗР, Ивица Томовски.
СОЗР го распиша огласот на 10 октомври 2024 година. Според документите кои ги обезбеди РСЕ, само осум дена подоцна, во ек на огласот, односно на 18 октомври, Власе Танаскоски кој е роднина на Томовски влегува во „Праеториан ДООЕЛ Скопје“.
Адресата на која е регистрирана подружницата на „Праеториан ДООЕЛ“ е на улица 7-ми ноември бр. 262 во Охрид. На оваа адреса се наоѓа седиштето на компанијата „Гашо Пласт“, чиј сопственик e Дарко Гашиќ, кој пак е прв братучед на директорот на СОЗР Ивица Томовски.
Томовски во изјава за РСЕ за Власе Танаскоски изјави дека „може да му биде некој многу далечен роднина, а можеби и ништо“, додека за Дарко Гашиќ потврди дека му е братучед.
По истражувањето на РСЕ, Антикорупциска отвори предмет во кој ќе го истражува потенцијалниот судир на интереси.