Достапни линкови

Кривични пријави за тендер од 11 милиони евра за чистење на Владата


Урава за финансиска полиција.
Урава за финансиска полиција.

Судија на претходна постапка определи притвор за поранешниот функционер Васе Доневски и мерка прептазливост за сопственик на фирма, откако финансиската полиција поднесе две кривични пријави против нив. Тие се осомничени дека во 2015 година спровеле тендер во вредност од околу 11 милиони евра за одржување хигиена во владата, на начин со кој ќе се елиминира конкуренцијата.

Судија на претходна постапка ги прифати предлозите на Јавното обвинителство за определување на мерка притвор за првоосомничениот Васе Доневски и мерка претпазливост за второосомничениот В.Г., сопственик и управител на Друштвото за обезбедување и услуги „Секјуриком мултисервис интернационал“ ДОО Скопје.

Управата за финасиска полиција по тримесечна истрага поднесе кривични пријави до Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи Васе Доневски за злоупотреба на службената положба, како и против сопственикот на фирма В.Д., соопшти на денешна прес-конференција директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми.

„Управата за финансиска полиција согласно законските оваластувања вчера изврши претрес на неколку локации по добиена нареба од Основниот суд Скопје 1, при што беше утврдено дека на неколку локации има одредена финансиска документација којашто претходно не беше дадена на припадниците на Управата за финансиска полиција. При претресот одземени се неколку електронски уреди и еден автомобил, врз кои во моментов се врши форензичко вештачење“, изјави Муареми.

Според Управата за финансиска полиција, Доневски во 2015 година свесно и намерно ги искористил и пречекорил службените овластувања. Тој започнал постапка за јавна набавка без да побара согласност од Советот за јавни набавки, испраќајки известување за оглас за јавна набавка до седум економски оператори.

„Од наведените седум оператори добиени се позитивни одговори со изјави за заинтересираност за учество во огласот за јавна набавка, начин на кои е избегната обврската за барање на согласност од Советот за јавни набавки, согласно Законот за јавни набавки, за по објавениот оглас истите не се пријавиле, а единствено е поднесена понуда од Друштвото за обезбедување услуги „Секјуриком Мултисервис Интернационал“ ДОО Скопје“, изјави Сузана Петровска од Управата за финансиска полиција.

Таа истакна дека фирмата „Секјуриком Мултисервис Интернационал“ ДОО Скопје се стекнала со противправна имотна корист од над 660 милиони денари, односно околу 11 милиони евра, откако пријавените фирми склучиле договор за услуги, оформувајќи неделива постапка за јавна набавка, која опфаќала пет дејности кои не се поврзани, (одржување на хигиена, дактилографски услуги, услуги за тековно одржување, услуги за обезбедување на ПП заштита и оперирање со ТТ централи).

Со тоа тие, спротивно на Законот за јавни набавки, ја намалиле и елиминирале конкуренцијата и ја избегнале можноста за електронска аукција со која би се овозможило конкурентно наддавање и намалување на цената на услугите, рече Петровска.

Од Финасиската полиција велат дека направиле компаративна анализа, според која, доколку се овозмежела деливост и конкурентност, цената на јавната набавка значително ќе се намалела, односно за 45 проценти.

ВМРО-ДПМНЕ излезе со реакција на прес-конференцијата, наведувајќи дека СДСМ и ДУИ сакаат да ја дефокусираат јавноста, како што велат, од катастрофалните антидржавни политики.

„Само во држава каде што не владее правдата и каде што постапки се водат врз база на политички нарачки, а не врз база на аргументи, може да се креираат случаи во кои првично се гонат лица, а нема утврдено никаква штета“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми најави и втора фаза на истрагата, со која ќе се утврди колкави се оштетувањата на државниот буџет.

ОД ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека Муареми признал дека во моментов немало никаква утвредена штета и дека таа дополнително ќе се утврдува. Според партијата, постои наредба политички да се злоупотребуваат инстиуциите.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG