Достапни линкови

Курти за РСЕ: Не прифаќаме предлози за динарот кои се спротивни на уредбата на Централната Банка


Интервју на Албин Курти за РСЕ, 19 март 2024 година, Приштина, Косово
Интервју на Албин Курти за РСЕ, 19 март 2024 година, Приштина, Косово

Косовскиот премиер Албин Курти во интервју за РСЕ изјави дека нема да го прекине спроведувањето на одлуката на Централната банка со која се забранува српската валута динарот во Косово. Тој не го прифаќа нацрт-документот за Заедница на општините со српско мнозинство, кој го подготвија Европејците, освен ако Вучиќ не се согласи да го потпише Основниот договор (според кој е предвидено создавање на заедницата).

Дали преиспитувате некој од американските предлози (за забрана на српскиот динар) што ви ги изнесе минатата недела американскиот заменик-помошник секретар Габриел Ескобар?

Што се однесува до прашањето за динарот наспроти еврото, одлучува Централната банка на Косово и тие веќе одлучија на 27 декември минатата година. Благодарение на нив, имаме нова регулатива која ќе го зајакне интегритетот на финансискиот систем за борба против недозволените активности за финансирање на тероризмот. Затоа, не можеме да дозволиме во нашата земја да доаѓаат вреќи со готовина. (Може да се случи) само преку финансиски официјални канали со целосна транспарентност, кој на кого испраќа и за каква цел. Ако има одредени тешкотии на теренот, имаме 10 чекори во тримесечен преоден период, повторно од Централната банка на Косово, која ќе ги реши тие пречки. И нашата влада е тука да и помогне на Централната банка на Косово. Косово мора да има централна банка.

Курти: Дијалогот со Србија не е мртов
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:15 0:00

Не е прашање дали треба да има динари или не. Динарот не е забранет во Косово, но еврото е единственото платежно средство.

Што значи дека динарот е забранет?

Може да имате заштеда во динари.

Во која банка можете да заштедите во динари?

Во Косово има 10 комерцијални банки, две се косовски, осум се странски и зависи во која банка што моментално ја има Косово, официјален Белград ќе ја испрати финансиската помош. Сакаме луѓето да имаат повеќе, а не помалку пари. Но, според член 11 од нашиот Устав, како платежно средство може да има само една валута.

Значи, дали на крајот ќе и биде дозволено на Србија да испраќа динари во косовските банки?

На Албанците во Прешево, Медвеѓе и Бујановац (албанско населени општини во Србија), но не само на нив, на овие три општини им праќавме 3 милиони евра, кои банките од другата страна на границата им ги вратија во динари. Во Косово ќе се случи спротивното. Србија може да испрати динари, ние ќе ги замениме во евра и Србите на Косово ќе можат да уживаат во таа финансиска помош.

Сепак, специјалниот пратеник на САД, Габриел Ескобар рече дека дал некои предлози. Во петокот ни потврди дека сте ги одбиле овие предлози. Вчера ја имавме косовската претседателка која рече дека еден дел од предлогот е прифатен. Што се случи за време на викендот?

И помагаме на Централната банка на Косово. За оваа работа не одлучувам јас како премиер. Имаме демократска државотворна зграда каде што се разделени надлежностите и должностите. Затоа, можеме само да и помогнеме на Централната банка на Косово за непречена транзиција.

Има различни предлози.

Можете ли да ни кажете некои од нив?

Нека зборуваат оние што ги дадоа предлозите.

Какви се вашите очекувања од средбата (на главните преговарачи) денеска во Брисел? Иако рековте дека нема да го однесете ова прашање во Брисел, тоа е прашање на разговор денес, што очекувате да се случи?

Се надевам дека најдоброто од средбата во Брисел е средба за која се уште не сум запознаен дали била билатерална или две билатерални или една трилатерална, не знам. Понекогаш се оди на една тема, па ускокнуваат други тем на маса. Не е најдобро организирано, морам да кажам. Затоа не знам како ќе се одвиваат постапките, но прашање е на часови кога мојот заменик Бесник Бислими ќе не извести што се случува таму.

Сакам нормализирање на односите и мислам дека потпишувањето на Основниот договор и неговиот анекс за спроведување, секако може да ги поништи претходните прекршувања од една страна, а од друга страна да донесе правна сигурност за во иднина.

Бидејќи го спомнавте договорот, дали дијалогот со Србија е мртов?

Не, дијалогот не е мртов. Проблемот е што 8 од 11 члена од Основниот договор во текот на неделите и месеците од минатата година беа прекршени од Белград и тоа кулминираше со писмото што госпоѓата Брнабиќ го испрати до ЕУ, во кое се вели дека тие го повлекуваат ветувањето за Основниот договор, затоа што никогаш нема да ја признаат независноста на Косово, никогаш не прифаќаат Косово да влезе во ОН и исто така нема да го почитуваат територијалниот интегритет на нашата земја, што е целосно во согласност со терористичкиот напад на паравоената група предводена од Милан Радоичиќ.

Едно од прашањата што е заглавено со овој договор е формирање на Заедницата на општините со српско мнозинство, ЗСО. Можете ли да ни кажете, дали го прифаќате нацрт-документот што ви е предложен од европските партнери?

Пет специјални пратеници дојдоа во оваа канцеларија на 21 октомври минатата година. На 24 октомври, три дена подоцна, му ги дадов на специјалниот пратеник Лајчак, моите главни забелешки за овој нацрт-договор. Така што тој предлог, не е прифатен од нашата влада.

И на 26 октомври се сретнав со големата петорка - Шолц, Макрон, Мелони, Борел, Лајчак, Шарл Мишел, им реков дека бидејќи инсистираат дека е итно прашање, руската агресија во Украина не завршува. Од друга страна, тоа беше на помалку од три недели по терористичкиот напад на Хамас врз Израел. Им реков, ајде да направиме нешто големо и брзо. Реков, во ред, ајде да го потпишеме вечерва. Големи пакет, Основниот договор, Анекс за спроведување и овој нацрт-договот. Иако ви ја дадов оваа забелешка, ајде да ја потпишеме заедно, со европско знаме, германско, италијанско и француско знаме зад нас, јас и претседателот Вучиќ.

Тоа беше одбиено.

Што повеќе можам да направам? Ние сме лидери кои треба да ги спроведеме потпишаните договори, текстот што го договоривме. Но, очигледно претседателот на Србија кажа да на договорот за да не го потпише и сега жали што кажа да, како што се објаснуваше во писмото на госпоќата Брнабиќ. Сметам дека тој што споменува здружување на општини со српско мнозинство надвор од основниот договор или пред него, му служи на барањето на Србија за боснизација на Косово.

Значи, ако Србија прифати да го потпише договорот, дали би го прифатиле нацрт-документот од Европејците?

Тоа го понудив на 26 октомври. Тоа беше одбиено. Знаете, сега не сме 27 октомври.

Има и идеја да изработите уште еден нацрт-документ. Дали е тоа нешто што го размислувате?

Во Брисел реков дека не можам да понудам кафе без филџан. Ако побараш кафе без филџан, ќе ти покажам празна чаша. Значи, филџанот е Република Косово. Кој е правниот извор на Заедницата? Дали е тоа Уставот на Република Косово или на Србија? Ако е на Србија, зошто ме викаат на состанок? Ако сум таму, тоа е Уставот на Република Косово. Јас не би станал премиер, ако Косово не беше Република. Значи ништо надвор од пакетот. Нема кафе без филџан. Ова е клучно да се разбере.

Ако Меѓународната заедница каже дека ќе и воведеме санкции на Србија за терористички напад и за прекршување на договорот и ќе ја прогласиме Србија за непријателска држава, тогаш може да побараат од мене, Косово со Меѓународната заедница да има одреден договор и тие исто така да се ангажираат со нас. Но, откако ќе го исклучат Белград. Досега тие продолжуваат да инсистираат дека договорот што треба да се спроведе е оној меѓу Косово и Србија, а не меѓу Косово и Меѓународната заедница.

Значи она што го разбирам од вас е дека нема да продолжите со имплементација без потпишување на договорот?

Невозможно е. Тоа би било прекршување на договорот. Членот 7 зборува за самоуправување со српската заедница во согласност со член 10, сите претходни договори. Тоа е наследство од моите претходници, 39 од нив, вклучително и 2013 и 2015 година (договори за асоцијација) е местото каде што може да се реши прашањето. Основен договор е взаемно признавање, де факто меѓусебно признавање. И само во рамките на основниот договор можете да го адресирате вашето барање за Заедницата, а не надвор од него. Која е поентата да имаш договор, па да бараш нешто од 2013 и 2015 година.

Бараат спроведување на договорите што ги направија со моите претходници и го кршат договорот што го направија со мене. Мораме да го почитуваме, сите, договорот што го направивме во февруари и март минатата година.

Дали сакате да се вратите во Брисел, да седите со Вучиќ и да се обидете да најдете излез?

Знаете, немало средба во Брисел која е поништена или одложена поради моето барање.

Но високиот претставник се обидуваше да ве зближи. Се обидуваше, но се чини дека не може. Кој не одговара?

Мислам дека тоа треба да се побара од него. Не знам. Јас сум конструктивен, посветен, креативен.

Дали сте подготвени да одите на уште една рунда средба на високо ниво?

Секогаш сум бил. Знаете, мислам дека ова е вистинското прашање, но за погрешна личност.

Поради ЗСО и ситуацијата што се случи по динарот, САД се прилично вознемирени и велат дека и европските партнери се прилично вознемирени. Тие го доведуваат во прашање и партнерството со Косово. Рекоа дека ако не се однесувате кон нас како партнер, нема да ве третираат како партнер. Што ќе се случи ако САД престанат да не третираат како партнер?

Повторно, на нив останува да одговорат на ова прашање.

Дали сте загрижени за тоа?

Ги сметам САД за незаменлив сојузник, пријател и партнер. Но, тоа не значи дека имаме идентичен став кон официјален Белград. Ккао премиер на Косово, не можам да го гледам официјален Белград со очите на Стејт департментот на Вашингтон.

Но, не мислам дека САД му посакуваат лошо на Косово...

Не, но тие не го гледаат Белград како што го гледам јас. Ние немаме идентичен став. Имаме различни искуства и истории. Србија направи геноцид на Косово. Србија не направи геноцид во Соединетите Држави.

Но, тие беа сосема свесни за се што се случи…

Се разбира, но мислам дека има разлика кога тоа го доживуваш или кога си сведок. Сведокот и жртвата не се исто лице. Понекогаш се, но не во овој случај. САД се голем сведок на српскиот геноцид во Косово, но тоа е народот на Косово кој го помина геноцидот со своите коски и кожа, со својот живот и достоинство, а ние не можеме да имаме ист став кон официјален Белград.

Второ е дека САД и Србија меѓусебно се признаваат. Србија не не признава. Србија ги признава САД, САД ја признаваат Србија. Но, Србија не не признава сите, иако Основниот договор вели дека има де факто признавање.

XS
SM
MD
LG