Со американскиот закон за одбрана, во кој Западен Балкан е наведен како еден од стратегиските приоритети, се нагласува посветеноста на Соединетите Американски Држави за подобрување на билатералните односи со државите од Западниот Балкан и за заокружување на европскиот проект, вели за РСЕ поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и поранешен амбасадор во Вашингтон Васко Наумовски.
Во американскиот предлог закон за одбрана, кој минатата недела беше усвоен во двата дома на Конгресот, од државниот секретар се бара да преземе иницијативи за технична помош за секоја од земјите од Западен Балкан. Целта е демократски и економски развој како и зајакнување на постојните национални стратегии против корупцијата, вклучително и против политичката корупција, особено во судството, промовирајќи ја улогата на независните медиуми во борбата против корупцијата.
Се следат малигните влијанија
Поранешниот дипломат Нано Ружин го оценува како позитивен чекор тоа што Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија повторно влегуваат во преден план на интересите на САД.
„Прво бев изненаден малку од фактот што во Националната стратегија за безбедност ништо немаше за Балканот. Но, после тоа, еве овој документ на извесен начин ја урамнотежува политиката на Соединетите Американски Држави и нејзиниот интерес кон Западен Балкан, со оглед на тоа дека после Украина, ова е можеби најексплозивното подрачје на Европа“, вели Ружин.
Наумовски посочува дека со тоа што во предлог законот е наведено дека американскиот државен секретар има задача редовно да го известува Конгресот за малигното влијание на Русија и Кина врз балканските земји, само покажува дека влијанијата од различни центри на моќ коишто се присутни на територијата на Западниот Балкан не поминуваат незабележано од американската администрација.
Тој вели дека на овој начин Западниот Балкан се толкува како еден од регионите каде што САД ќе останат присутни во политичка, економска и безбедносна смисла на долг рок.
„Иако можеби во изминатите месеци фокусот на американската надворешна политика беше на други делови од светот, со ова се докажува дека пред се во Конгресот постои една традиција на интерес на американската администрација и институции за одржување на присуството на Соединетите Американски Држави со цел регионот да не потпадне под влијание на други центри,“ вели Наумовски.
Според Ружин, Северна Македонија како држава членка на НАТО, не би требало да ги запостави елементите на „малигно влијание“.
„Мекото влијание на Русија и Кина е присутно, иако нашата држава стриктно се залага за почитување на санкциите. Кинеското влијание кај нас не е толку силно, освен во одредени елементи како инвестиции, градежни работи и автопати“, објаснува Ружин.
Американскиот Конгрес во предлогот за обемниот Закон за одбрана оцени дека зависноста на земјите од Западен Балкан од руските фосилни горива ги врзува нивните економии и политика за Москва и ги попречува нивните аспирации кон европска интеграција.
Втората пречка за евроинтеграцијата и понатамошен развој на земјите од Западен Балкан во кои спаѓа и Северна Македонија е токму корупцијата, вклучително и меѓу клучните политички лидери.
Корупцијата како безбедносно прашање
Според Наумовски, борбата против корупцијата е една од целите во која американската администрација речиси три децении вложува во земјава, но и во соседните земји кои се дел од Западен Балкан.
„Сите држави од Западниот Балкан имаат сериозен проблем со корупцијата којашто пак од страна на Соединетите Американски Држави честопати е опишувана и како своевидно безбедносно прашање, односно ги загрозува и целите на американската надворешна политика, меѓутоа и на добрите билатерални односи помеѓу САД и државите од Западниот Балкан и од таму логично е САД да посветат повеќе влијание внимание на оваа борба против корупцијата“, вели Наумовски.
Според една од изјавите на американската амбасадорка во Скопје Ангела Прајс Агелер, САД до сега вложиле околу половина милијарда долари за реформи во правосудството.
Американската борба против корупцијата е поткрепена и со познатата „американска црна листа “ на која се најдоа политичари од земјава, како поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, поранешниот вицепремиер Артан Груби и неговиот сопартиец поранешниот градоначалник на Струга Рамиз Мерко. На оваа листа веќе со години се наоѓаат и политички лидери и од регионот.
Ружин, пак додева дека се очекува од македонските власти да ја зголемат битката против корупцијата.
„Зголемената битка против корупцијата не застанува само на откриените коруптивни случаи туку пред сè се однесува на правосудниот систем. Со тоа постои еден вид синергија меѓу она што Европската Унија одамна го посочува како проблем и ова што сега се истакнува во надворешната политика на САД“, вели поранешниот дипломат.
Ставот на Конгресот е дека САД, треба да соработуваат со сојузниците и партнерите посветени зајакнување на владеењето на правото, диверзификација на изворите на енергија, демократски и економски реформи и намалување на сиромаштијата. Овие сегменти треба да го поттикнат зајакнувањето на деловните врски и инвестициите меѓу САД и сојузниците и партнерите во Западен Балкан, а со тоа да ја прошират помошта на САД за напорите за регионална интеграција во регионот.
Северна Македонија годинава одбележува 30 години билатерални односи со САД. Таа е прва земја од Западен Балкан која започна Стратешки дијалог со американската влада. Од поширокиот регион тоа го имаат сторено Словенија и Хрватска. Одбраната, владеење на правото, културата, трговијата се дел од темите во Стратешкиот дијалог со САД.